Дизел-возила со повеќе отров
22 септември 2015Заштитниците на животната средина во Франкфурт на првиот ден од Меѓународниот саем за автомобили ИАА ги пречекуваат посетителите со слоганот „дизел-издувните гасови убиваат“ и огромна макета на автомобил. Тие протестираат против продажбата на валкани дизел-автомобили. Според актуелната студија на организацијата за екологија Транспорт и околина (http://www.transportenvironment.org/publications/5-facts-about-diesel-car-industry-would-rather-not-tell-you), новите дизел-автомобили во секојдневието испуштаат во просек по пет пати повеќе издувни гасови отколку што е дозволено во ЕУ.
Критика на автомобилската индустрија
Со цел да се заштити здравјето и околината ЕУ бара многу да се намали испуштањето на ситна прашина и азотни оксиди од дизел-моторите. Овие отрови многу им штетат на дишните патишта, ги засилуваат алергиите и може да бидат причина за смртни случаи.
Затоа, од почетокот на септември во Европа важи т.н. Евро-6 норма. Согласно ваквата норма, новите дизел-возила смеат да испуштаат максимално 80 милиграми азотен оксид на километар, или 100 грама помалку отколку порано.
Германската организација за заштита на животната средина и потрошувачите ДУХ тврди дека автомобилските концерни намерно не се држат до пропишаните гранични вредности. „Шефовите на Дајмлер, Фолксваген и БМВ се лично соодговорни за предвремената смрт на повеќе десетици илјади луѓе годишно поради дизел-издувни гасови“, нагласува раководителот на ДУХ, Јирген Реш. „За да се оствари поголем профит од само неколку стотини евра по автомобил, тие вградуваат неквалитетни катализатори, кои на улиците испуштаат поголеми количества издувни гасови од дозволеното.“
Дополнително опремување?
Емисиите на азот од новите дизел-возила се тестирани во пет независни студии. Според нив, 47 од 51 дизел-возило во секојдневната употреба испуштаат повеќе од дозволената максимална вредност од 80 милиграми азотен оксид.
Здружението на германската автомобилска индустрија (ВДА) не се сомнева во резултатите од тестовите спроведени врз автомобилите во секојдневна употреба, но нагласува дека она што го наведуваат производителите на возила се однесува на пробните постапки спроведени во лабораторија, односно тест-циклусот НЕФЗ. Таканаречениот Нов европски возен циклус (НЕФЗ) е реликт од 90-тите години на минатиот век и веќе не ги отсликува вредностите од практиката.
Еколошките здруженија сега од автопроизводителите бараат возилата да бидат опремени така што граничните вредности за емисии на азот ќе бидат запазени и при возењето во секојдневието. Трошоците за системи за издувни гасови кои добро ќе функционираат изнесуваат околу 300 евра.
САД како пример
За американскиот пазар Дајмлер, Фолксваген и БМВ веќе сега лиферуваат вакви возила. Американските власти ги мерат емисиите во секојдневна употреба, а при непочитување на пропишаните вредности се закануваат санкции.
Раководителот на ДУХ Реш посакува вакви мерки и во Германија: „Госпоѓа Меркел мора да ја принуди автомобилската индустрија да се држи до ваквиот стандард и во Германија.“
Затоа, според Реш, краткорочно би требало да се испорачуваат само дизел-возила кои и во пракса ги запазуваат граничните рведности во ЕУ. Освен тоа, би морало „да се повлечат и дополнително да се опремат сите возила кои немаат функционален систем за издувни гасови“, бара Реш.
Забрана за дизел-возила во градовите?
Во многу европски градови граничните вредности за азотни оксиди опасни по здравјето се пречекоруваат со години, а дизел-сообраќајот е голем предизвикувач на овие издувни гасови. Европската комисија во јуни поведе постапка против Германија, затоа што земјата нема донесено соодветни мерки согласно прописите. Политиката е под се‘ поголем притисок да преземе нешто, а кон тоа придонесуваат и тужбите поднесени од граѓани и еколошки здруженија.
Заштитниците на животната средина за подобрување на квалитетот на воздухот предлагаат забрана во центрите на градовите за возилата со високи емисии на азотен диоксид. Во Лондон веќе има забрана за такси возила со дизел-мотор.
Здружението на германската автомобилска индустрија смета дека ваквите забрани не се соодветни и реагира опуштено: „Ние не сме загрижени“, вели портпаролот на здружението Екехарт Ротер.