Скриената „заушка“ на Орбан
20 март 2019Премиерот на Унгарија има многу големо его. И тоа не е никакво изненадување за сите што го познаваат или го следат развојот на неговата личност. Во јавноста Виктор Орбан внимава на убаво однесување со манири, и кокетира со тоа, за да се претстави како едноставно скромно момче од село кој е многу реален. Но во суштина е апсолутистички владетел. Речиси секој петок во неговото нарачано интервју за унгарското радио може да се слушне дека секогаш вели "јас“ кога зборува за неговата партија Фидеш, неговата влада или неговата земја. Унгарија тоа сум јас!
Орбан не е човек на којшто може да му се верува и кој не знае искрено да се извини – без разлика за што и да е. Но, унгарскиот премиер го стори токму тоа: се извини. Кога зборуваше за колегите од ЕНП кои бараа исклучување на Фидеш, тој ја парафразираше познатата циничната забелешка на Ленин за "корисни идиоти".Ова извинување беше еден од условите кои му ги постави шефот на фракцијата на ЕНП, Манфред Вебер за да остане во семејството на конзервативните партии во Европа.
Во најдобар случај тактички маневар
Дали Орбан е сериозен со неговото извинување? Секако дека не! Освен тоа, ниту има намера да ја промени својата политика, ниту својот стил. Неговото писмо за познати политичари од редовите на ЕНП е во најдобар случај тактички маневар. Тоа се чита и меѓу редови во писмото. Во него Орбан уште еднаш појаснува дека нема да го смени својот став, а дури потоа се извинува во условна форма.
Повеќе на темата:
- На Орбан му се поставени три услови
- Побарано исфрлање на партијата на Орбан од ЕПП
Најинтересно е што конфликтот за кој Орбан нагласува дека нема да го смени ставот, воопшто и не постои. За Унгарија темата миграција, заштитата на христијанската култура и иднината на Европа не биле предмет на преговори, пишува Орбан. Но, за членовите на ЕНП кои имаат критички став кон Фидеш, воопшто не се работи за темата миграција, туку за зачувување на демократските и вредностите на правната држава во Унгарија. Со слична конструкција, Орбан минатата година го отфрли и процесот според член 7 од договорот за ЕУ поведен против Унгарија. Тој тогаш изјави дека на тој начин сакале да ја казнат унгарската миграциска политика. Виктор Орбан како прв човек на една земја членка на ЕУ во изминатата деценија на досега невиден начин ја критикуваше Европа и Европската унија. Во безбројни пригоди, како на пр.со Законот за медиуми или новиот унгарски Устав, со својата тактика ја изигра ЕУ и ѝ покажа колку е немоќна да се спротистави.
Повторна објава на војна кон "империјата Брисел"
Ако треба актуелен доказ зошто извинувањето од Орбан не е сериозно, тогаш доволно е да се погледне говорот по повод унгарскиот национален празник на 15 март – своевиден почеток на капмањата за изборите за европскиот парламент во Унгарија и објава на војна кон „империјата Брисел" и „градителите на империјата", како што вели Орбан. „Им посакуваме на народите од Европа да се ослободат од нивното слепило", изјави Орбан во говорот и потоа додаде „Примете на знаење дека ние во либерална европска империја ги губиме сите наши слободи!"
Манфред Вебер и други политичари од ЕВП во изминатите денови изразија сомнеж во искреноста на писмото на Орбан. Сега веќе може да бидат сигурни дека било скриена и подбивна „заушка“ од него.