„Трезор“: Мијалков осуден на 8 години затвор
13 април 2021По повеќе од три години од отворањето на случајот „Трезор“ за набавка на британска опрема за следење на електронската комуникација за УБК, судот донесе пресуди со кои ексшефот на тајната полиција, Сашо Мијалков е осуден на единствена казна затвор во траење од 8 години, а поранешниот началник на Петтата управа во МВР, Горан Грујевски, на кој му се судеше во бегство, е осуден на единствена казна затвор во траење од 15 години. Поранешниот помошник-министер во МВР, Небојша Стајковиќ и Тони Јакимовски, поранешен шеф на кабинетот на Мијалков, добија затворски казни од по 5 години. Судот ги задолжи обвинетите Мијалков, Михајловски и Јакимовски, ако се потврди пресудата, солидарно да ја надоместат штетата на државниот буџет во износ од над 21 милион денари. Со пресудата се конфискуваат и средства од фирмата „Финзи“.
Притвор до правосилност на пресудата
Судот му одреди мерка притвор на Сашо Мијалков до правосилност на пресудата за предметот „Трезор“. Ова го побара обвинителот Трајче Пеливанов, по пресудата на Кривичниот суд. Во исто време, обвинителот предложи укинување на притворот во „Таргет-Тврдина“.
-повеќе на темата: Злосторство и казна: 12 години за Мијалков
„Причините за ваквиот предлог се делумно исти како и во ‘Таргет-Тврдина’, а тоа е дека преку Европол се потврдени податоците дека Мијалков има дозвола за престој и регистрирана адреса на живеење во Прага, Чешка, и таму поседува две возила регистрирани на негово име. Судот треба да го цени фактот дека обвинетиот е лице кое е добро ситуирано и дека тој и членовите на неговото семејство поседуваат приватни бизниси, што создава финансиска можност за организирање логистика и комотно живеење во бегство“, рече Пеливанов.
Адвокатот на Мијалков, Петар Василев, оцени дека притворот е незаконски определен. „Јавниот обвинител мораше да побара да се укине притворот во другиот предмет за да може да поднесе предлог во овој. Со ваквото решение, судот ја прејудицираше одлуката на кривичниот совет, односно дека ќе го укине притворот во Таргет-Тврдина“, рече Василев.
Обвинетите имаат право на жалба на првостепената пресуда до Апелацискиот суд во Скопје.
За што им се судеше?
Предметот „Трезор“ го отвори поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО). Поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, ексшефот на неговиот кабинет Тони Јакимовски, поранешниот помошник-министер во МВР, Небојша Стајковиќ, и поранешениот началник на Петтата управа во МВР, Горан Грујевски беа обвинети дека предизвикале штета на буџетот во висина од 862.045 евра за набавката на опрема за потребите на УБК. Според судот, обвинетите се договориле да купат опрема за потребите на МВР од британската компанија „Гама интернешнл“, а како посредник била искористена фирмата „Финзи“.
-повеќе на темата: Случај Мијалков: скандалозни 24 часа пинг-понг
Обвинетите не само што набавиле поскапа опрема преку фирма посредник, туку се тврдеше дека подоцна склучиле и два анекси со што е наплатена значителна разлика во цената од 26 милиони денари, што претставува заработка за „Финзи“, а дополнително склучиле и договор за обука за користење на опремата остварувајќи корист од 21 милион денари.
Во завршните зборови на процесот беше истакнато дека правното лице „Финзи“ е основано во 2007 година во САД како оф-шор компанија, а во 2009 година е основано Финзи ДООЕЛ Скопје, каде како управител се јавува и Коста Крпач, кој беше пронајден мртов во неговиот стан во Скопје, додека краен сопственик е Орце Камчев.
Ова е трета неправосилна пресуда којашто му е изречена на ексшефот на УБК, Сашо Мијалков по „Титаник 2“ и „Таргет-Тврдина“.