1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Криминал

Кој може да биде задоволен од пресудата за Мијалков

27 февруари 2021

Најзадоволни од сите би требало да бидат обвинителите од распуштеното СЈО кои беа етикетирани како „лепрозни“. За Ристоска и Пеливанов ова е успехот на кариерата, затоа што го докажаа клучниот случај со прислушувањето.

https://p.dw.com/p/3pzzq
Nord-Mazedonien Skopje Gerichtsverhandlung Fall "Target - Tvrdina" | Saso Mijalkov
Фотографија: Petr Stojanovski /DW

Многумина вревата што се крена во јавноста и политиката од минатата недела до вчера ја нарекоа хистерија. Веројатно во значајна мерка беа во право, затоа што многу работи во државава за различни нешта знаат да се кренат како ураган, кој потоа на социјалните мрежи се претвора во хистерија. Така функционира ова општество последниве години. И на тоа социјално-мрежно цунами подлегнуваат речиси сите: објавите на Фејсбук стануваат водилка за политичарите и нивните политики; медиумите креираат приказни преку постови за кои не е јасна ниту намерата ниту поттекстот; судската бранша внимава да го „ослушнува гласот на јавноста“, а често заборава да го гледа квалитетот на доказите... Се разбира, тоа не е секогаш така, но овој јавен притисок знае да го измести правецот на шините.

Случајот со Сашо Мијалков и неговата недостапност 40 часа беше еклатантен пример за тој „јавен притисок“. Сето тоа заврши со некаква катарза, асоцијативно слична на драмата „Happy End“ на Бертолт Брехт, затоа што на крајот има повеќе задоволни луѓе од оние што се јадосани.

Mazedonien Ljupco Popovski
Љупчо Поповски, автор на колумнатаФотографија: Petr Stojanovski

Јадосани

Јасно се гледаше при изрекувањето на пресудите кој замислено се загледуваше во годините на неизвесната иднина. Тони Јакимовски, порано началник во УБК и шеф на кабинетот на директорот на Управата, Сашо Миjaлков, вчера ја слушна втората шестгодишна казна затвор за него во последниве четири месеци. На крајот од октомври 2020 тој доби шест години затвор за проневера на 820.000 евра од спец-касата на УБК. Значи, 12 години за четири месеци во два различни процеси. Двата предмети сега ќе одат на Апелацискиот суд.

Повеќе на темата:

-Мијалков во притвор 60 дена, што натаму?

-Злосторство и казна: 12 години за Мијалков

-Во Белата палата, Владата или во Белград - каде се криел Мијалков?

Гордана Јанкулоска минатиот петок во своите завршни зборови прислушувањето го нарече „монструозно кршење на човековите права“ и објасни дека немала никаков мотив да учествува во тоа, но и дека самата била жртва. Можеби навистина не знаела за опфатот на прислушувањето од министерството каде таа беше шеф, но нејзиниот грев не е само што таа го потпишала документот за уништувањето на опремата (за што сега ќе треба да плати четвртина од штетата од 1,42 милиони евра), туку затоа што не направила ништо да го спречи тоа.

Nord-Mazedonien Skopje Gerichtsverhandlung Fall "Target - Tvrdina" | Gordana Jankulovska
Фотографија: Petr Stojanovski /DW

Овие првостепени четири години затвор, заедно со оние четири години што почна да ги служи во „Идризово“, се драматично потсетување на нејзините празни министерски зборови за тоа дека сѐ е „според законот“ и дека кога фортуната ќе го сврти грбот тоа може да биде ужасно. Тоа можеше да се види по нејзиниот скршен став кога ја слушаше пресудата. А можеби и потсвесно ја проколнувала судбината, без оглед што во завршните зборови тврдеше дека „провладините медиуми“ вршеле притисок да има „нова казна за поранешен функционер зад решетки“. Таа како да не ја разбрала промената што се случи во општеството последниве години, а и јавно искажа индигнација за она за што ја товареше обвинението.

За Сашо Мијалков и нема што посебно да се кажува, откако сѐ беше кажано – дека ова изгледа како самрак на една ера. Доколку Апелацискиот суд ја потврди пресудата, тоа ќе биде крај на неговото учество во политика, но не и на бизнисите, затоа што нив има кој да ги продолжи. Можеби тој никогаш не верувал оти би се создала ситуација да заврши в затвор, но и тоа знае да биде дел од погрешните калкулации кога мислиш дека си семоќен.

Задоволни

Има многу задоволни од исходот на судската драма во петокот. Први на скалата би требало да бидат обвинителите од распуштеното СЈО, Ленче Ристоска и Трајче Пеливанов. Откако по падот на Катица Јанева СЈО беше напаѓано речиси со ист интензитет како што на времето беше фалено, и кога неговите обвинители на некој начин беа етикетирани како „лепрозни“, за Ристоска и Пеливанов ова е успехот на кариерата. Одамна беше јасно дека случајот со системот на прислушувањето наречен „Таргет-Тврдина“ е клучот за сите процеси што ги отвори СЈО. Можеби нејзините завршни зборови изгледаа како предолго и заморно пледоаје (веројатно поради наследената судска практика), но и тие на свој начин, заедно со сведоците и доказите, го отворија патот за оваа пресуда. Казните што ги изрече судот се вистинската рехабилитација на обвинителите од СЈО, кои голем број интересни и политички групи сакаа да ги погребаат заедно со „специјалното“.

Nord-Mazedonien Skopje Gerichtsverhandlung Fall "Target - Tvrdina" | Lence Ristoska, Staatsanwältin
Фотографија: Petr Stojanovski /DW

Други колумни од Љупчо Поповски:

-Судир на десницата: Апасиев против ВМРО-ДПМНЕ

-До портите на Европа и околу нив

-Хибридни полиња

Оваа пресуда го отвора патот за завршување и на другите процеси поврзани со прислушувањето, кога веќе судот потврди дека тоа се случувало во УБК за остварување на политички и бизнис интереси. Адвокатите во наредните судења би требало да ја преконципираат својата одбрана после овој процес. Бранителите на Мијалков во завршните зборови, а и пред тоа, се обидуваа прислушувањето да им го припишат на странски служби, овде и преку границите, и се испостави дека тоа е крајно безуспешна тактика.

Доколку вчера во судската сала кога се изрекуваа пресудите не беше присутен Мијалков, овој викенд веројатно повеќе ќе се зборуваше за оставката на владата на Зоран Заев отколку за висината на казните. Реално владата ќе беше на танки стаклени нозе и можеше тие да се скршат веќе наредната недела. На одреден начин тоа се виде на почетокот на неделава, кога не се знаеше каде е Мијалков и кога пратениците од две партии во владејачката коалиција најавија дека ќе дејствувале како независни во Собранието, но сепак ќе останеле во Владата веројатно да го чекаат расплетот на настаните во амбиентот на „хистеријата“.

За Заев пронаоѓањето на Мијалков пред изрекувањето на пресудата беше најтешкиот политички момент од бегството на Никола Груевски. Јасно беше дека Груевски е изнесен од земјата во исклучително добро разработена разузнавачка операција од служби многу посилни од нашите. Но бегството на вториот „капиталец“ пред очите на полицијата ќе беше премногу. Во таква ситуација, кога на Заев му изгледаше дека е на работи од амбисот, изгледа дека службите ги истегнале границите на притисокот до последниот хоризонт на законски дозволеното. Ако некој се згрозува од можните притисоци, а во исто време навечер гледа некоја од епизодите на познатите криминално-полициски серии (како, на пример, новиот извонреден британски серијал „Hinterland“) ќе се најдат веројатно зачудени како сето тоа им изгледа нормално во западната криминалистика, а овде сѐ треба да биде според хари кришна моделот. Не можеме да тврдиме, но изгледа дека Заев и министерот на полицијата Оливер Спасовски, ги искористија сите можни законски работи кои им стоеја на располагање да го принудат Мијалков да се појави, кога веќе знаеја дека не ја напуштил Македонија. Она театрално појавување на Мијалков во обвинителството изгледа дека беше дел од спогодбата за некаква „културна разврска“.

Премиерот здивна, но уште сега се знае дека тоа ќе биде краткотрајно. Ќе истечат законски максималните 60 дена притвор за Мијалков и додека ќе се чека одлуката на Апелацискиот суд целиот систем повторно ќе биде ставен на испит од можно исчезнување, но тогаш можеби некаде подалеку. Иако објективно, Мијалков веројатно ќе ја нема директната владина странска логистика, како онаа на Унгарија во случајот на неговиот братучед Никола.

Грешки и олеснување

Сегашново раководство во ВМРО-ДПМНЕ исто така би требало да биде задоволно, иако направи некоколку катастрофални грешки во седмичната драма. Во понеделникот потпретседателот на партијата, Александар Николоски, им даде ултимативен рок на Заев и Спасовски: „Имаат 24 часа да го обезбедат бегалецот од правдата“, тврдејќи дека премиерот, неговиот брат и Мијалков биле „криминалната коалиција“ што владее со Македонија. Ден подоцна, кога Мијалков веќе беше во куќен притвор, лидерот на партијата, Христијан Мицкоски, целата работа ја оквалификува со зборовите – „направија циркус од државата“ и дека само жестоката јавна реакција го спречила бегството.

Секако, тука имаше нелогичности, затоа што ако Заев дал некаков амин за бегството, тој би знаел дека неговата влада е речиси пред паѓање. И дека тогаш би ја жртвувал не само владата, туку и сопствената партија. По сите постојани закани за негово апсење од опозициските првенци по смена на власта, изгледа малку логично дека Заев би жртвувал сѐ за неизвесна иднина.

Вчера, по објавувањето на пресудата, ВМРО-ДПМНЕ се обиде веднаш да ја смени реториката и ја поздрави затворската казна за Мијалков. Но успеа да направи само получекор, но не и цел исчекор. Прво Дафина Стојаноска, а потоа и Николоски изјавија дека пресудата била донесена под притисок на јавноста, а не спомнаа дека тоа е направено врз основа на доказите. „Ова е пресуда донесена под жесток притисок на јавноста, опозицијата и меѓународниот фактор“, рече Стојаноска од седиштето на партијата. Неколку часа подоцна на телевизија Алфа, Николоски го кажа сличното: „Ваквата одлука е одраз на силната реакција на народот“.

Nord-Mazedonien Skopje Gerichtsverhandlung Fall "Target - Tvrdina"
Фотографија: Petr Stojanovski /DW

Овие изјави влегуваат во опасна зона за правдата – дали судиите треба да носат одлуки врз основа на „силната реакција на народот“ или врз основа на доказите. Ако народот со силни реакции ги одредува пресудите, тогаш судиите треба да се претворат само во изрекувачи на пресуди, а не делители на правда. Она што врвот на ВМРО-ДПМНЕ немаше храброст да го каже вчера е дека прислушувањето го наредувале луѓе од тогашниот врв на партијата и многу високи владини функционери. И дека треба да се дистанцираат од тоа. Но ако се дистанцираат од нив треба да се дистанцираат од оној што ги инсталираше и контролираше сите – човекот во Будимпешта.

Па, сега, ВМРО-ДПМНЕ во обидот да ги поправи своите жестоки изјави од почетокот на неделава, речиси сите други осудени во процесот ги нарече „колатерална штета“. „Жал ми е што поради злоупотребите на бегалецот од правдата, уште неколку луѓе се колатерална штета и навистина ми е жал за нив и за пресудите кои што ги добија денес и мислам дека незаслужено се таму“, рече Николоски, но не посочи точно на кого мисли. Дали само на Јанкулоска и Јакимовски, или на оние други двајца бегалци што ги снема порано.

За лидерството на ВМРО-ДПМНЕ оваа пресуда е честитка во најдобар можен момент пред вонредниот конгрес кој го закажаа бунтовниците во партијата. Без оглед што со оваа пресуда партијата ја доби на својата рака белегзијата дека нејзини врвни претставници биле мозокот на прислушувањето. Мицкоски и останатите можеби сега би требало да здивнат затоа што главата на она што тие го нарекоа „Мериот коалиција“ е во „Шутка“. Тоа би требало да им даде поголем маневарски простор да ги отфрлат сите обвинувања на незадоволниците и мирно да допловат до редовниот конгрес кој го закажаа за ноември.

Но тоа може да биде лажен мир за нив. Незадоволниците од иницијативниот одбор сега, кога Мијалков е во притвор, може да бидат на некој начин порелаксирани и да ја отфрлат од својот грб секоја поврзаност со избрканиот член од партијата. Доколку успеат да го консолидираат своето обраќање кон членството тие не се без шанси, но доколку сега покажат дека се загубени, тоа ќе биде најдобра потврда дека тие навистина биле координирани од човекот во „Мериот“. Како и да е, од вчера во белата палата полесно дишат, без оглед на нивните лоши толкувања на драматичните настани.

***

Еден човек можеби вчера, кога неговиот братучед беше осуден на 12 години затвор поради системот што го инсталира самиот тој, мирно јадел гулаш во Будимпешта. А кога за десерт имал „добош торта“ можеби помислил на верната Горде, која доби уште четири години затвор. А можеби и размислувал за ново продолжение од неговите Фејсбук историски приказни, како онаа недомнашената за Тодор Александров. Кој ли сега да мисли за „страдањата“ овде на неговите порано најблиски луѓе.

Ние немаме море па да знаеме што значи синтагмата дека капетанот последен го напушта бродот што тоне. Во оваа континентална земја капетанот прв го напушта бродот.

На некој начин тоа асоцира со славната фраза од погоре споменатата меолдрама на Бертолт Брехт, „Happy End“ – „Ограбувањето на банката не е криминал ако се спореди со тоа да поседуваш банка“. Груевски изгледа уште на корпоративен начин ја поседува неговата партија.

 

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар