Собранието го усвои Законот за јазици
14 март 2018Во тензична и бурна атмосфера македонското Собрание го донесе Законот за јазици. Законот предизвика многу реакции во и надвор од парламентот. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ со сите сили се обидуваа да ја блокираат расправата и гласањето за законот, па денешната седница во неколку наврати беше прекинувана. Атмосферата во салата при самиот чин на гласање беше хаотична. Додека пратениците на владејачкото мнозинство гласаа, пратениците на опозицијата предводени од експремиерот Никола Груевски се обидуваа да го блокираат спикерот Талат Џафери во водењето на седницата.
Повеќе на темата:
- Законот за албанскиот јазик- капитално прашање од конфликтот во 2001 година
- Груби: ВМРО-ДПМНЕ е против закон за јазици што самата го прифати
Претходно, малку недостасуваше да дојде и до физички инцидент меѓу Груевски и Џафери, но инцидентот го спречија собраниските служби.
Пред зградата на парламентот од попладнето протестираат стотина граѓани, кои се противат на донесувањето на Законот.
Законот кој предизвика многу полемики и контроверзи пред пратениците се најде по трет пат, откако претседателот Ѓорге Иванов претходно одби да го потпише. Потегот на Иванов го искористи пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ која поднесе над 30 илјади амандмани на законското решение. Опозицијата бараше да се води амандманска расправа за законот, но собранискиот спикер го одби нивното барање.