Софиски приказни
19 мај 2018Целоноќната сеанса на Зоран Заев и Алексис Ципрас во Софија и потрагата по загубеното решение за името имаше одредена драматика како онаа легендарна шатл дипломатија на Ричард Холбрук од септември 1995 година, кога прво во Атина, а потоа во Скопје го пронајде решението за укинување на грчкото ембарго и го отвори патот за Привремената спогодба. Во Софија немаше посредник со таков дипломатски габарит, а двајцата премиери на средбите се однесуваат повеќе како пријатели отколку како некои ривали, па сепак имаше некакво крешчендо во настанот кој внимателно го следеше целата европска камарила, а и балканските соседи.
Во самиот настан имаше нешто несвојствено за балканските политичари. Прво, насмеаните лица на двајцата премиери, кои треба да го симнат тешкото наследство од грбот на нивните општества; второ, дека тоа беше поставување на важниот темел на едно необично пријателство на двете држави, кои се уште се во една ирационална „војна“; и трето, дека лидерите на две балкански земји можат да разговараат за пронаоѓање решение, кое изгледа неможно, без моќни посредници. Само овие три факти се доволни на софиската сеанса да и се даде атрибутот историска. Кога германската канцеларка, Ангела Меркел, во својата официјална изјава по самитот на ЕУ и Западен Балкан, посебно ќе нагласи дека „се радуваме што слушаме дека добро напредуваат разговорите меѓу Македонија и Грција“ на работите треба да им се даде вистинскиот контекст. А во основа тој значи дека решението на овој спор може да ја забрза европската агенда на целиот регион.
Други колумни од авторот:
-Едно име – многу можни губитници
-Моќта на спектаклот (во Македонија)
„Илинденско“ забрзување
Што ќе се случува понатаму во двете општества и нивните политички елити ќе се дознае многу брзо затоа што настаните добија таква акцелерација која сега тешко може да се запре. Освен ако целосно не излетаат од шините и да пропаднат во длабок амбис. Се разбира дека тоа е можно да се случи ако од обете страни на границата овие „разговори што добро напредуваат“ бидат оквалификувани како национално предавство и можното решение за „Република Илинденска Македонија“ да се закопа во длабоките дупки на предрасудите, во митовите од минатото, замислената историска големина и замислената повреда на националната гордост. Зоран Заев беше повеќе еуфоричен отколку реален, иако одговорите му беа невообичаено претпазливи и обоени со дипломатска деликатност, најавувајќи дека издвоиле едно решение од повеќето опции за кое треба да се разговара во двете земји. Заев уште рече дека тоа „илинденско“ решение дошло од македонската страна. Алексис Ципрас беше повнимателен, но и неговите зборови: „Изминавме долг пат за изнаоѓање решение за името, но неколку прашања остануваат отворени“, покажуваат колку, всушност, се промениле властите во Атина, барем кога се гледа од нивниот дискурс.
Македонската јавност, во некоја рака зачудувачки, резултатот од софиските настани го дочека мирно, како да е сосема зрело општество, а не истоштено од сиромаштијата, авторитаризмот, популизмот, небиднината. Тоа, се чини му ја даде шансата на Зоран Заев да се обиде да го направи она што никој пред него не се обиде сериозно да го направи, но општеството тивко ја подготвува својата пресуда за да го оцени овој напор како визионерски или предавнички. Тоа веројатно е резултат и на фактот што никогаш досега не беше спомената „Илинденска Македонија“. Забележливо е што и Атина и Скопје станаа речиси херметички затворени последниов месец околу преговорите – немаше протекување на детали од предлозите што се разгледуваат и сите пропратни елементи со нив. На средбите со медијаторот Метју Нимиц двајцата шефови на дипломатиите, Никос Коѕијас и Никола Димитров, молчеа како залиени. Единствениот што даваше изјави беше Нимиц и тие беа толку многу лаконски како никогаш досега. Но за да ја нагласи деликатноста на моментот Нимиц во тие две-три лаконски реченици по последната средба нагласи дека имало сериозни разговори, кои на моменти биле и тензични.
Повеќе:
-Кој е компромисот: Молк и за опцијата, и за шпекулацијата!
-Ципрас: Последните метри се најтешки
-Зоран и Алексис се договориле за името, се чека на Македонија и Грција
Секако дека во во целиот овој дипломатски заплет има систем (зошто, инаку, Нимиц би дошол во Сунио крај Атина да разговара шест часа со Димитров и Коѕијас во рамките на една мултилатерна министерска средба), кој е сплетен во мрежата на доверливост, странска помош и пријателски насоки. Поединечните средби на Меркел со Заев и Ципрас во Софија се дел од таа мрежа на меѓународна дипломатска помош, како и многу важните разговори на македонскиот премиер со францускиот претседател Емануел Макрон. Блиц-посетата на британската премиерка Тереза Меј на Скопје, исто така, е дел од меѓународниот напор за внимателна помош. Но, да почекаме да видиме што ќе се изроди во Скопје и Атина по консултациите што следат и дали тоа решение што ќе се разгледува ќе ги крене на нозе двете општества откако ќе се обелоденат деталите.
Зоран Заев може да биде задоволен од она што го постигна во Софија. И може пред себе да каже дека направил се што верувал дека е исправно. Иако многу други мислат сосем поинаку. Фрлањето на најважните адути во надворешната политика во изминатава година во овој момент изгледаат како потврда на исправноста на стратегијата. Тој успеа да ја стави Македонија на главната европска маса и при тоа да добие недвосмислена поддршка за својата политика. Од многуте средби во Софија, онаа со Емануел Макрон има посебна специфична тежина. Не само поради тоа што францускиот претседател полека се трансформира во најважен европски лидер, туку и затоа што официјален Париз уште од времето Франсоа Митеран и независноста на државава секогаш бил на внимателна дистанца од Македонија. Вербална поддршка – да, но ништо многу повеќе од тоа. Кога Макрон по средбата на новинарите им изјави дека бил „многу среќен“ да се сретне со целиот тим и да ја пофали „многу добрата работа“ на владата и да порача дека таа „оди во многу добар правец“, тоа не се само убави зборови за кабинетот на Заев, туку тоа е лозинката која ги отвора француските порти за натамошната сериозна соработка и подобро разбирање. Особено да се омекне тврдиот став на Макрон дека ЕУ не треба да се проширува додека внатрешно не се реформира.
Посетата на Тереза Меј на Скопје, иако само на неколку часа, има своја специфична тежина. Ако го изоставиме доаѓањето на Тони Блер во 1999 година, како еден од многуте премиери кои дојдоа во Скопје во наменска визитација и прошетката во бегалскиот камп во Стенковец, Тереза Меј е првиот британски шеф на владата кој бил во официјална посета на Македонија уште од онаа посета на Маргарет Тачер во 1981 година. Тоа се без малку 40 години. Меј дојде во Скопје и лично да се заблагодари што Македонија застана на страната на Британија во случајот на затруениот руски агент Сергеј Скрипал, и со сиот ризик да биде изложена на голем притисок одлучи да протера еден руски дипломат. Тереза Меј дојде во Скопје за да порача дека овој гест Лондон нема да го заборави.
Другата приказна
Во Софија имаше имаше и една друга македонска приказна, онаа на опозицијата. За еден повнимателен набљудувач на македонската политика соопштенијата што ги праќаше ВМРО-ДПМНЕ од посетата на партиската делегација на состанокот на Европската народна партија беа во дискрепанца со настаните. Нема друга цел за една опозиција освен да се бори да дојде на власт. Тоа е политички разбирливо и тука нема никаква дилема. Но една е политичката приказна и стратегија за по дома, а друга за вакви важни собири на кои се разговара за иднината на регионот. Кога ВМРО-ДПМНЕ соопштува дека нивниот лидер, Христијан Мицкоски, се сретнал со австрискиот премиер Себастијан Курц, претседателот на ЕУ, Доналд Туск, и еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан, се добива впечаток дека опозицискиот лидер не разбира што се случува. Затоа, неговите зборови од соопштението се во најмала рака чудни. „Ги информирав за протестниот собир којшто ВМРО-ДПМНЕ заедно со коалицијата планира да го организира на 2 јуни пред владата во знак на разобличување на сите оние погрешни политики, во знак на сите оние неостварени ветувања, сите оние неисполенети очекувања коишто ги креираше Зоран Заев и групата околу него изминатава година... Сите оние граѓани кои се чувствуваат обесправени и излажани и коишто се против ненародните политики на Зоран Заев ќе ни се придружат и ќе застанат рамо до рамо со нас“, наводно им рекол Мицкоски на Туск и на Хан.
Доколку тоа навистина го рекол тој го покажал решението за аматер во политиката, кој не може да види каде се наоѓа и какви зборови треба да употреби. И покрај другите флоскули за важноста на Македонија да се интегрира во ЕУ. Кога Туск, Хан и Курц чекаа да видат што ќе направат Заев и Ципрас на средбата што сите во Софија ја очекуваа, Мицкоски им зборува за митингот пред владата на 2 јуни. За еден важен настан во македонската политика, но апсолутно неважен за оние што се собраа во Софија. Но, така е со заблудите кога сопствените амбиции изгледаат поважни од реалноста на настаните. Така е и со инсистирањето да се одржи дуел меѓу Мицкоски и Заев идната среда, кое треба да се претвори во телевизиско шоу за името, наместо двајцата најважни политичари сериозно без камери да разговараат како одговорни луѓе дали таа една опција би можела да биде прифатлива за Македонија.
И најпосле, за бруталноста на животот. Додека Зоран Заев и Алексис Ципрас ја имаа втората рунда разговори во Софија, поранешниот премиер, Никола Груевски, во судницата во скопскиот кривичен суд чекаше да му дојде редот да ги каже завршните зборови во процесот за набавката на „мерцедесот“. А кога Тереза Меј и се заблагодаруваше на Македонија во Скопје тој како на прес-конференција пред судијата зборуваше како имал цврсти ставови за името, кое сега некој, ете, сака да го продаде. Суровата реалност го допре Груевски, а тој како се уште да не може да го види тоа.