1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Моќта на спектаклот (во Македонија)

28 април 2018

Македонскиот фетишизам е волунтаристички: во него има многу малку место за размислување за околностите, неприкладноста, за последиците – тоа е дел од онаа инстантна одлука без размислување да се направи она што се сака.

https://p.dw.com/p/2wnyL
Mazedonien Bunte Revolution von Aleksandar Kondev
Фотографија: Aleksandar Kondev

Понекогаш се чини извонредно тешко како да се дефинира политиката во Македонија, заедно со сите пропратни ефекти околу неа. Точно пред една година таа наликуваше на спектакуларна контрареволуција пренесувана во живо, која потклекна уште пред вистински да започне. Една година претходно таа наликуваше на шаренолико хипи движење, низ кое зад слоганите за мир и хармонија истекуваа пораките со длабока политичка содржина за бунт против еден систем кој ја зграпчи и државата и општеството. Тоа беа спектакли кои ќе останат во кодот на заедничката меморија.

Денес, во „ослободеното“ општество спектаклите во политикита се многу поедноставни, но некогаш и едноставно зашеметувачки. Погледнете го само организирањето на странските амбасадори за чистење на ѓубрето од кејот на Вардар во Скопје. На прв поглед, тоа изгледа како симпатичен излет со задача на странците кои ја засакале оваа земја. Но значењето на оваа акција, која е своевиден спектакл на совесноста, е многу подлабоко. Тоа покажува дека македонските граѓани се покренуваат само за големи „историски“ настани, а дека малку се обѕрнуваат кон проблемите на секојдневието. Холандскиот амбасадор, Ваутер Пломп, пораката за општествената ангажираност ја кажа на едноставен начин: „Со нашиот денешен ангажман сакаме да покажеме дека секој од нас може да даде личен пример за другите и да го поттикне решавањето на кој било проблем“. Точно е тоа – на кој било проблем. Не само во екологијата, туку и во социјалната сфера, во солидарноста, во судството, најпосле, во политиката.

Mazedonien Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Мали нешта и големи проекти

Амбасадорите и стотината волонтери се веројатно само жолтото сјајно камче во мозаикот на колективната неодговорност за условите во кои живеат граѓаните. Изјавата на скопскиот градоначалник, Петре Шилегов, дека тоа била порака до него и до комуналното претпријатие, во основа е инстинктивна реакција, иако е искрена. Неговата најава дека бригада од 35 луѓе ќе биде ангажирана за чистење на кејот е институционален одговор за решавање на проблемот. Шилегов е свесен кога вели дека „отпадот го создаваат луѓето“, па затоа тој и неговиот тим мора да смислат покреативна стратегија, не само за ѓубрето на кејот туку и на скопските улици. Бригадата од 35 лица може да помогне кејот да изгледа почист, но е потребна вистинска стратегија луѓето да се почувствуваат горди што не прават ѓубре, а потоа да се обѕрнуваат засрамени ако се обидат да фрлат нешто каде ќе им текне. За таква креативна стратегија бригадата ќе биде само една од алатките, а не нејзината суштина. За тоа е потребен поинаков концепт, можеби помогнат со пораки кои имаат потсвесно психолошко значење, па дури и самопредупредување.

На пример, ако кејот беше искосен од големата трева од мостот во Аеродром до „Александар Палас“ и среден барем доволно да личи на куќен двор, тогаш процентот на оние кои ќе посакаат да фрлат празна кеса драматично ќе се намали. Малкумина ќе сакаат да фрлат ѓубре на тоа средено шеталиште. Тоа ќе биде вистински спектакл – луѓето да се чувствуваат како дома кога одат покрај Вардар. Се разбира, тоа е ужасно тешко да се направи. Но, еден градоначалник може да го направи својот град голем со малите нешта, а не само со големи проекти. Тој мора да се бори против комодитетот на фетишизмот кој во македонскиот случај значи дека секој може да прави што сака на секое место кога ќе му се посака. Тоа е ужасот на македонскиот фетишизам. Наместо тој фетишизам граѓанинот треба да се разбуди преку радикална акција во форма на конструкција на ситуација на самосвест на постоење во одредена средина, која прво ќе го преуреди животот, а потоа политиката и уметноста.

Францускиот филозоф со марксистичко педигре, Ги Дебор, во 1967 година ја издаде познатата книга „Општество на спектаклот“, која и денес е една од најважните лектири за прочување на природата на спектаклот во потрошувачкото општество. Ако тргнеме од една од неговите најважни тези – дека „спектаклот не е збирка на слики, напротив, тоа е општествен однос меѓу луѓето, посредуван од слики“, тогаш што би ни кажале оние ора и чочеци во тунелот на новиот автопат кај Демир Капија. Дали тие слики за музиката и орото се замена за вистинската човечка интеракција, дали тоа е превртена слика на општеството и дали во потрошувачкото општество социјалниот живот не е за она што се живее, туку за она што се има.

Mazedonien Zentrum von Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Македонски фетишизам

Без оглед на подоцнежните извинувања и оградувања, несомнено е дека музикантите и играорците уживаа во веселбата во тунелот. Изгледа совршено неприкладно, па дури и фантазмагорично, но оваа неочекувана веселба е совршен дел од македонскиот фетишизам. Во него има многу малку место за размислување за околностите, неприкладноста, за последиците – тоа е дел од онаа инстантна одлука без размислување да се направи она што се сака. Постапката е иста како и фрлањето ѓубре на скопскиот кеј, само кулисите се различни. Илузорно е да се мисли дека вработените во „Актор“ во моментот на отворањето на делницата размислувале многу за судските истраги, за перењето пари и за сите други контроверзи околу изградбата на овој автопат, туку едноставно, фетишистички, тие покажаа дека на некој начин тие ја „имаат“ оваа делница. И затоа, според некој инсцениран обичај треба да се поканат музиканти. Така, вистината се колонизира со момент на лажливост.

Претходни колумни од авторот: 

Добри вибрации

Опозициски маки

10 или 18

Атлас на иредентизмот

Реакциите во јавноста беа соодветно големи на моментот на лажливоста. И во голема мерка исправни. Сите сакаат да го осудат срамното однесување на другите. Опозиционерите, на пример, зборуваат за скандал од невидени размери, кој ги кине координатите во општеството, а во исто време срамниот контрареволуционерен „спектакл“ од ланскиот 27 април ќе го оправдуваат како одговор на провокацијата на патриотите. Нивниот лидер некни, на едно телевиско интервју, на прашањето како гледа на проектот „Скопје 2014", кој го фетишизира минатото и потроши многу пари, само одговори: „За вкусовите не се расправа“, но исфрли цела суводилица од зборови за музикантите и тајфата во тунелот дека тоа било апсолутно невкусно и цивилизациски навредливо. Неговите одговори се дел од политиката, сопствените постапки секогаш треба да се овековечат низ спектаклот на разумноста, а оние на политичките противници да се означат како бескрупулозна измама. Во таа политичка илустрација треба да се вметне и фотографијата на потпретседателот на партијата со знамето на грбот пред истиот тој тунел со пропратните пататични зборови дека „Македонија се сака со срце“, како да има и некој поинаков начин.

Mazedonien Ljupco Popovski
Љупчо ПоповскиФотографија: Petr Stojanovski

А, всушност, можеби има. Оној, преку парите. Првите прес-конференции на СЈО беа вистински политички спектакл во Македонија, се слушаа без трепнување. Истрагите сега се сведуваат на понизок, потривијален ранг – спектакл низ судските одаи. Во процесот кој изгледа е отиден најдалеку, оној за набавката на блиндираниот „мерцедес“, од сведоците се изнаслушавме многу работи наменети за понежни души, со кои треба да се создаде впечаток дека поранешните алфа мажјаци и алфа женки да ти го ставале животот на коцка за да владејат со Македонија. И, ако нивните зборови се точни, тогаш излегува дека во Министерството за внатрешни работи владеел таков јавашлук што сите луксузни автомобили за функционерите биле постојано расипани (сведок рече дека еден од „мерцедесите“ со поминати 100.000 километри бил речиси крнтија, што е запрепастувачко тврдење за најценетиот бренд), дека трошеле илјадници евра секој ден за поправки. 

Поранешниот телохранител на поранешниот премиер дури ја даде и следнава изјава: „Шофершајбната почна да ми прави диоптрија. Бидејќи седам напред со возачот, по целодневни возења имавме проблеми со главите“. Тоа на судиите требаше да им сугерира дека поради „проблемите со главите“ морало да се издвојат 600 илјади евра за да не настапи оштетување на видот. Да се сожалиш на луѓето кои толку многу ја сакале Македонија. Наспроти другите, кои сакале да ѝ наштетат и на посветените патриоти им подготвиле судски процеси какви што немало ниту во Северна Кореја.

Поранешниот премиер преку постојаните изјави по рочиштата се обидува процесите да ги смести во графата политички спектакл за политичките противници зачинет со одмазда. Ќе видиме колку е тој во право, а колку ќе се докаже дека тој најмногу ја сакал Македонија преку парите и моќта.

 

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар