1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Софија бара анекс или нов договор - не само зборови

ДТЗ /ДВ
26 ноември 2020

По интервјуто на премиерот Заев се огласи Каракачанов кој бара анекс или нов договор. Захариева посакува односите меѓу двете земји да бидат како оние што денес ги имаат Шпанија и земјите од Латинска Америка.

https://p.dw.com/p/3ltFK
Ekaterina Zaharieva bei Conflict Zone
Фотографија: DW/S. Rozanes

Бугарија ќе го блокира почетокот на пристапните преговори на Северна Македонија со Европската Унија (ЕУ) сè додека не се напушти говорот на омраза кон сè што е бугарско, порача бугарската вицепремиерка и министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева, еден ден по интервјуто на премиерот Зоран Заев за бугарското Бгнес. Додека ставовите на Заев предизвикаа лавина реакции во Скопје, бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана Красимир Каракачанов од Софија испрати порака дека тие се „мал чекор во вистинска насока“ и оцени дека ако се оди со оваа брзина, следната година Македонија може да ги започне преговорите со ЕУ.

Шпанија и Латинска Америка како пример

Но, дека нема да бидат едноставни преговорите со Бугарија, навести Захариева во интервју за новинската агенција „Ефе“. Таа посакува односите меѓу двете земји да бидат како оние што денес ги имаат Шпанија и земјите од Латинска Америка.

„Земам пример од Латинска Америка. Фактот дека Аргентинците и Чилеанците зборуваат шпански јазик не ги прави помалку Аргентинци и Чилеанци. Фактот дека во еден момент тие имаат заедничка историја не го намалува нивниот суверенитет денес. Напротив, тоа ги приближува“, вели Захариева. Таа го поистоветува односот на Шпанија кон овие земји, со односот на Бугарија кон Северна Македонија. Во таа насока посочува дека исто како што Шпанија е најголем поддржувач на тоа ЕУ да биде поблиска до земјите од Латинска Америка, така Бугарија е првата земја што ја признала независноста на Македонија во 1991 година, а во 2018 ја ставила на дневен ред во ЕУ, европската перспектива на земјите од Западен Балкан.

Таа повторува дека Бугарија никогаш не го негирала правото на постоење македонска држава, ниту нејзиниот суверенитет и желба да го нарекува јазикот како што сака, но сето тоа, не треба да биде врз основа на лаги и негирања за начинот на кој е создадена нацијата. 

„Проблемот со историјата е во тоа што погрешните и лажни толкувања на настаните и луѓето имаат директно влијание врз актуелните случувања и тоа создава говор на омраза и негативна кампања против Бугарија и Бугарите, што за нас е апсолутно неприфатливо“, смета Захариева.
Захариева во интервјуто уште еднаш ја критикува Северна Македонија дека престанала да го спроведува Договорот за добрососедство и пријателство и тоа што работата на историската комисија заглавила околу прашањата за борбата против османлиската окупација на крајот од 19. век. Според неа, спроведувањето на договорот престанало откако земјата влегла во НАТО. На прашањето дали европските партнери ја разбираат бугарската позиција, министерката одговорила дека и Грција не била разбрана, па 15 години го задржала своето вето кон Северна Македонија.

Анекс или нов договор

Красимир Каракачанов, бугарски вицепремиер и министер за одбрана бара конкретни гаранции, писмен документ, декларација, анекс или нов договор. Тој вели дека Заев собрал храброст и поради тоа некои од неговите противници го критикуваат. „Ако одиме напред со толку брзи чекори, мислам дека следната година можеме да зборуваме за започнување на преговарачкиот процес. Но, јас не верувам во декларации и интервјуа, туку сакам да видам што ќе се направи на дело. До пред два месеца, некои работи што ги кажа сега – за заедничката историја, за некои заеднички херои – беше незамисливо да ги слушнеме. Ова е чекор напред. Историјата е заедничка, но треба да појасниме каква. Таа е заедничка, но сепак таа е бугарската историја“, вели тој.

„Кога – со рокови, бидејќи самиот процес на преговори е долг. Може да трае до 10 години. Сепак, за да се согласиме да почнеме, сакаме пишан план. Ние сакаме овој услов да биде многу јасен во договорот со ЕУ и да биде јасно дека можеме да го запреме овој процес во секое време доколку договорот меѓу Бугарија и Македонија не биде исполнет од нивна страна“, нагласува Каракачанов.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема