1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

По два месеци летот Софија - Скопје на тест

ДТЗ
3 мај 2022

Поради нерентабилност е доведен во прашање еден од поважните проекти за поврзување и економска соработка меѓу двете земји.

https://p.dw.com/p/4AlaO
Nord-Mazedonien l EU-Erweiterungs-Kommissar Varhelyi trifft  mazedonischen Außenminister Osmani
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

По три месеци од првиот лет од Софија за Скопје кој се реализираше на 11 февруари, идејата за воведувањена на редовната авионска линија која што ги поврзува двете земји, би можела да падне во вода. Специјализираниот портал за авиони „Екс Ју авијација“ најави дека од 21 мај би можела да прекине продажбата на авиобилети за летот Софија-Скопје поради непрофитабилност. 

Шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи, се надева дека авиолинијата сепак ќе продолжи да функционира и дека ќе се изнајде решение меѓу компанијата и бугарската влада, која што ја презела обврската за субвенционирање на летот. 

„Кога го разгледувавме ова прашање, разговаравме за две опции. Првата опција беше да биде целосно комерцијален лет, а втората опција – да биде субвенциониран од страна на владите, при што Република Бугарија ја презеде обврската за субвенционирање. Мислам дека првата фаза беше обид да се види комерцијалната рентабилност“, вели Османи. Според неговите информации, во тек се преговори меѓу компанијата „Гуливер“ и Владата дали ќе има поддршка за авиолинијата или не. 

Авиолинијата Софија-Скопје почна да функционира од март, а нејзиното воспоставување беше резултат на договорот меѓу мешовитите владини комисии на Бугарија и Северна Македонија. Летот кој трае 35 минути, се толкуваше како еден голем чекор напред за поврзување на двете земји, но и како желба за зајакнување на економската соработка, која се одвива паралелно со барањето решение за политичките спорови.  

Два месеци за решение 

Летот Софија - Скопје е ставен на тест во пресрет на јуни, кога се очекува напредок во македонските евроинтеграции. Скопје и Софија имаат уште два месеци за да постигнат позитивен резултат во разговорите за време на француското претседателство со ЕУ. Шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи најавува поинтензивни трилатерални разговори во наредниот период, но вели дека не може да зборува за рокови- дали во јуни Северна Македонија ќе добие датум за преговори за влез во Унијата. Според него, направено е сѐ што било потребно од македонска страна.

„За рокови не можеме да зборуваме, не сме тие што одлучуваат. Ние ги исполнивме условите и бевме конструктивни. Топката е во Софија и во Брисел - дали тие ќе одлучат да преземат стратешко лидерство во овој момент, одговорноста е кај нив“, порача Османи. Во однос на преговарачката рамка и барањата на Бугарија нерешените проблеми да бидат дел од неа, Османи вели дека повеќето земји членки се против ваквиот предлог. 

Nordmazedonien | Treffen Dimitar Kovacevski mit Kiril Petkow in Skopje
Димитар Ковачевски и Кирил ПетковФотографија: Reg. Nordmazedonien

„Земјите членки се свесни дека тоа што ќе влезе во преговарачката рамка создава и преседани кои потоа треба да се следат. Мислам дека земјите се многу внимателни што ќе прифатат во преговарачката рамка“, вели шефот на македонската дипломатија. Тој информираше дека при неодамнешната посета на еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, биле разменети идеи како да се надминат разликите во однос на содржината на преговарачката рамка. Тој повтори дека засега нема билатерален документ со Софија - кога ќе има ќе биде презентиран пред пратениците и јавноста. 

Нема потреба за раздвојување

Министерот за надворешни работи на Република Литванија, Габриел Ландсбергис, кој е во посета на Скопје, се надева дека следните два месеци од француското претседателство ќе донесат позитивни резултати и нема да има потреба од раздвојување на Северна Македонија и Албанија на патот кон ЕУ. „Не би сакале тоа да се случи. Мислам дека не се искористени се уште сите инструменти за да се спречи тоа, за да може двете земји заедно да се придвижат колку што е можно побрзо“, изјави Ландсбергис.

-повеќе на темата: Вархеји: Немаме време за губење – процесот треба да се забрза

Според него, не постои подобро време кога европските вредности биле поставени на тест и Унијата се наоѓа на крстопат кога може или да изгуби од кредибилитетот или да излезе уште посилна од ситуацијата. Досега Европа за време на кризите, секогаш излегуваше посилна и убеден сум дека и овој пат нема да биде различно“, рече министерот Ландсбергис.