1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Со биатлон против Омикрон

Тони Поповски
11 декември 2021

Неподготвеноста да се нишани и погоди вирусот преку вакцинација, ја пролонгира нашата „биатлонска“ трка. Пишува Тони Поповски

https://p.dw.com/p/447fU
Symbolbild Sport und Doping | Biathlon
Фотографија: picture-alliance/dpa/R. Hirschberger

За справување со новиот сој Омикрон во зимски услови, неопходно е биатлонско искуство и вештини. Биатлонот е зимски спорт кој комбинира скијање во крос-кантри (трка на отворено и на природна подлога или терен) и пукање со пушка. Се третира како трка, при што натпреварувачите скијаат низ патека за крос-кантри, чие растојание е поделено на рунди за гаѓање. Промашувањата при гаѓање резултираат со дополнително растојание или време додадено на натпреварувачот.

Со овој сој, како последен во низата но и најмалку двојно посилен во трансмисија, во споредба со „силниот“ Делта сој, наскоро ќе влеземе во „трка“ која за многумина, особено повозрасните меѓу нас кои не се ниту прележани, ниту вакцинирани, но и за тие кои се прележани и вакцинирани пред 6 и повеќе месеци, ќе претставува трка за живот.

Податоците од измината седмица од Јужно Африканската Република како жариште на  Омикрон,  недвосмислено укажуваат на зголемен број на хоспитализации. Очигледно, инфекцијата со новиот сој на Ковид-19, од резервоарот на помладите постепено преминала на повозрасните и најранливите, односно сите оние кои имаат нарушен имунитет и хронични заболувања.

Вакцините  се нашите биатлонски пушки против овој, но и другите претходни соеви, а трката би била далеку полесна без неспортските фаули на антиваксерите. Невакцинираните се тие кои го пролонгираат времето до конечна победа во оваа пандемиска трка. Поради неподготвеноста да нишаниме и да го погодиме вирусот преку вакцинација, заостануваме во оваа трка, предизвикувајќи тешки здравствени и социо-економски последици. Ако нешто поконкретно не превземеме за забрзана вакцинација, па и задолжителна, особено за повозрасните, ќе стигнеме со големо задоцнување на целта, а дел од нас, за жал ќе „задоцнат“.

Трчаме безмалку две години, а истовремено сме близу но и далеку од целта

Заклучно со 9-ти декември, вкупниот број на регистрирани инфицирани лица од почетокот на пандемијата кај нас е 218194, но e повеќекратно поголем од причина што многумина без симптоми или полесна клиничка слика не се тестираат. Починати се 7688 лица, но доколку се следи ексцесниот морталитет, оваа трагична бројка се приближува до 10000 лица. Причината може да се побара и во оптовареноста на здравствениот систем и следствено, запоставувањето на пациенти со животно загрозувачки заболувања. Настрана и (не)квалитетот на услугите во јавното здравство, како посебна тема за обработка.

Други колумни од авторот: Декемвриска игра на големи и мали шаховски табли

14-дневната инциденца кај нас е 234 инфицирани лица на 100.000 жители. Во регион кој го сочинуваат наши копнени соседи и нивни копнени соседи (вкупно 13 држави), оваа инциденца е четврта најмала, после Косово, Романија и Албанија (https://treker.mk/mk). Во овој регион инциденцата е најголема во Хрватска, Унгарија и Словенија, повеќе од пет пати во споредба со нас. Во ЕУ/ЕЕА за последните две седмици, просечниот број на новозаразени на 100.000 жители е 742 лица (https://www.ecdc.europa.eu/en/covid-19/country-overviews). Оваа инциденца кај нас би била нијанса на добро во лошото, доколку ја зачуваме на ова ниво, но на зимската порта ни чука Омикрон.

Nordmazedonien Ex-Umweltminister Toni Popovski
Тони Поповски е архитект и поранешен министер за животна срединаФотографија: privat

По однос на вкупниот број на заразени на 1 милион жители од почеток на кризата, рангирањето во нашиот регион (https://www.worldometers.info/coronavirus/#countries) е: Албанија како најдобра, потоа БиХ, Косово, Романија, Грција, Бугарија, ние и Турција, Унгарија, Србија, Хрватска, Словенија и Црна Гора како најлошо рангирана. Овој индикатор би бил можеби и најсоодветен за мерење на успехот на одговорот на општеството и државата на пандемијата, доколку во сите држави се направени сличен број на тестови, а не се, и доколку известувањето би било стандардизирано, а за жал не е, а не ретко е и предмет на политички тактизирања. Од овие причини, индикаторот треба да се земе со резерва.

Стапката на леталитет (починати од регистрирани инфицирани лица) глобално, во моментов изнесува 1.97%. Кај нас оваа стапка е 3.52% и е трета најлоша во анализираниот регион, после БиХ и Бугарија (извор: https://ourworldindata.org/mortality-risk-covid?country). И овој индикатор треба да се земе со одредена резерва поради разликите во начинот на регистрирање на причинителот за настаната смрт, од страна на различни држави, но сепак е многу загрижувачки индикатор за состојбите кај нас. Покрај ризик факторите поврзани со стилот на живеење, кои не се нешто особено поинакви во целиот регион, овој индикатор недвосмислено упатува на потреба од итно подобрување на нашиот систем на јавно здравство.

SARS-CoV-2 Variante Omicron und COVID-19 Impfstoffe
Фотографија: Andre M. Chang/Zuma/picture alliance

Како ќе минеме низ зимата ќе ја одреди нашата социо-економска перспектива

Забрзана вакцинација со постоечките вакцини, и бустер доза за вакцинираните, а особено повозрасните, сѐ додека не се произведат прилагодени вакцини на сојот Омикрон, е клучна мерка која треба да ја спроведеме колку е можно поскоро. Воведување на ограничувања има крупни последици врз економски оператори но и социјални и дополнителни психолошки и други здравствени последици врз целокупното население. Унијата во моментов дебатира за заеднички пристап во процесирање на  задолжителна вакцинација  вклучувајќи и утврдување на најсоодветен опфат на население, и подобро е да ги следиме нивните одлуки отколку да импровизираме.

Други колумни од авторот: Ефект на германската пеперутка

Доколку зимава и на почеток од пролетта успееме да го „скротиме“ ширењето на овој сој на  вирусот,  според сите проценки и ние ќе влеземе во фаза кога оваа инфекција ќе биде ендемска и сезонска поради поефикасно ширење во затворен простор, во месеци со пониска температура. Слично на сезонскиот грип, дополнителна вакцинација ќе биде препорачлива, пред сите останати, за повозрасните и оние со нарушен имунитет поради хронични заболувања. Практично, наеднаш би можеле да земеме поливалентни вакцини против сите соеви на сезонски грип и Ковид, и тоа поизвесно само еднаш отколку два пати во годината. На ова позитивно сценарио за излез од пандемијата во тек на наредната година ќе допринесе и напредокот во создавањето на нова генерација антивирални лекови кои се даваат при појава на првите симптоми.

Тоа што ни е потребно, е здрав резон и една најнормална човечка грижа и обзирност за најранливите. Другите алатки веќе се во нашите раце.