1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Србија притисната меѓу Русија и Западот

Ивица Петровиќ
30 мај 2022

По телефонскиот разговор Вучиќ-Путин, наскоро во Србија ќе пристигне Лавров, а потоа и Шолц. Санкциите против Русија сè уште се главното политичко прашање што ги парализира речиси сите други области на српската политика.

https://p.dw.com/p/4C2Bc
Српскиот претседател Вучиќ вчера имаше телефонски разговор со рускиот претседател Владимир Путин
Српскиот претседател Вучиќ вчера имаше телефонски разговор со рускиот претседател Владимир ПутинФотографија: Jelena Djukic Pejic/DW

Од една страна е притисокот на Европската Унија, Србија да ја усогласи својата надворешна политика со ЕУ и да воведе санкции кон Русија, и од друга страна Русија која би сакала Србија да им остане пријателска земја која нема да им воведе санкции. Како прв важен настан во овој дипломатски мозаик е вчерашниот телефонски разговор меѓу претседателот на Србија, Александар Вучиќ и претседателот на Русија, Владимир Путин.

Српскиот претседател по разговорот соопшти дека Србија со Русија постигнала многу добар договор со кој се обезбедува непречена испорака на гас и дека цената на гасот за Србија ќе биде повеќекратно пониска отколку за другите во Европа. Цената на гасот во моментов е три пати помала, а во текот на зимата ќе биде десет до дванаесет пати пониска, истакна Вучиќ. Договорот ќе биде потпишан на три години, рече српскиот претседател и додаде дека од Путин добил информации затоа како се одвива ситуацијата на теренот во Украина.

„Има некакви предлог мировни договори на маса во Москва, Киев и на Западот, но тоа не е нешто со кое треба ние да се занимаваме,“ истакна претседателот на Србија.

Мурал со ликот на Владимир Путин во Белград
Мурал со ликот на Владимир Путин во БелградФотографија: Darko Vojinovic/AP/dpa/picture alliance

Србија како важен фактор

Сепак, телефонскиот разговор меѓу двајцата претседатели беше под знак прашање, што предизвика различни шпекулации во српската јавност. Кога портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека таков разговор не е ниту планиран, за многумина тоа беше сигнал дека е загрозена пријателската соработка меѓу двете земји и дека Кремљ на тој начин испраќа порака до Белград. Политичките партии во Србија - секоја од своите позиции - го искористија тој момент да го критикуваат седењето на Вучиќ на две столчиња. Поддржувачите на санкциите тоа го сметаа за знак дека не може сериозно да се смета на Русија, додека таканаречената патриотска опција  во ова виде шлаканица за недоследноста на Вучиќ во односите со Русија.

Повеќе: Сѐ повеќе Руси во егзил во Белград

Сепак, се покажа дека меѓународната позиција на Русија е таква што Србија и е премногу важен фактор за Москва непотребно да ги загрозува добрите дипломатски односи со Белград.

(Не)сигурно снабдување со гас

Во секој случај, основното прашање по разговорите на двајцата претседатели е колку Србија може да здивне кога е во прашање снабдувањето со гас? Политичкиот аналитичар Драгомир Анѓелковиќ смета дека Србија може, но и не може да здивне.

„Ако ги гледаме работите во рамки на руско-српскиот договор, секако дека сме безбедни. Од друга страна, војната и потенцијалната кулминација на конфликтот може да доведат до прекини во снабдувањето во одреден момент. Но, не верувам дека тоа би било трајно бидејќи Европа нема алтернатива за рускиот гас“, вели Анѓелковиќ за ДВ.

Поддршка во Белград за руската војска која врши инвазија во Украина
Поддршка во Белград за руската војска која врши инвазија во УкраинаФотографија: Darko Vojinovic/AP Photo/picture alliance

Комерцијала или политика?

Игор Новаковиќ, директор за истражување во Центарот за меѓународни и безбедносни прашања (ИСАК фонд), за ДВ вели дека сега ќе се покаже дали ова е само комерцијален договор или ќе биде предмет на политички толкувања.

Повеќе: Украинска криза: Србија помеѓу чекан и наковална

„Мислам, на тоа пред се, како би се однесувала Русија со Србија доколку навистина почне да воведува санкции, односно да се приклучи кон пакетите санкции на Европската унија. Слушнавме од некои руски претставници дека ја разбираат позицијата на Србија, но сега се поставува прашањето каде се границите на тоа разбирање и дали Русија - освен кога станува збор за гасот – и е навистина  толку важна на Србија, “ нагласува нашиот соговорник.

Дипломатска битка меѓу ЕУ и Русија

Сепак, руската дипломатска иницијатива нема да застане на овој телефонски разговор, бидејќи на 7 јуни во Белград пристига рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров. Ова ќе биде прва посета на висок руски функционер од почетокот на војната во Украина, а се очекува во прв план да бидат темите за снабдување со енергија, ситуацијата во Украина и санкциите. Посетата на Лавров ќе следи само неколку дена пред посетата на германскиот канцелар Олаф Шолц на Србија. Колку Србија ќе успее да ги помири тие две спротивности - инсистирањето на ЕУ за санкции против Русија и желбата на Москва тоа да не се случи?

„Западните политичари ги ставија санкциите кон Русија на исто ниво со откажувањето од нашите национални интереси во Косово и во регионот, особено во Република Српска“, вели Драгомир Анѓелковиќ, додавајќи дека „Србија затоа мора да остане во добри односи со Москва“.

„Москва е фактор кој ни помага да ги одбраниме тие загрозени национални интереси. Не треба да заземаме страна - при тоа Русија не го бара тоа од нас, но ако Западот врши притисок врз Србија, тогаш тоа ќе влијае врз зајакнување на свеста во Србија дека притисокот не е поради Русија, туку поради нас. Ако се прави тоа, тогаш тоа е обид самите да работиме против сопствените национални интереси“, смета Анѓелковиќ.

Проруски демонстрации во Белград на 4 март 2022 година
Проруски демонстрации во Белград на 4 март 2022 годинаФотографија: Stefan Stojanovic/REUTERS

Симболичното значење на санкциите

Според Игор Новаковиќ, штетата за Русија од српските санкции е минимална и вели дека „за Москва е многу поважно она што веќе го направиле другите европски земји. Тоа има поголема важност во симболична смисла“. Новаковиќ наведува дека „Србија сега на некој начин е во релативно добра позиција бидејќи до формирањето на новата влада ќе поминат уште неколку месеци и секако не е добро техничката влада да носи такви одлуки. А за во иднина ќе видиме понатаму“, посочува директорот за истражување на Центарот за меѓународни и безбедносни прашања.

Санкциите – точка на светските поделби

Санкциите против Русија сè уште се главно политичко прашање, а може да се каже дека тоа ги парализира речиси сите други области од политичкиот живот во Србија. Драгомир Анѓелковиќ забележува дека санкциите против Русија се дел од некои глобални случувања.

„Сите или воведоа санкции кон Русија, или се спротивставија на еден или друг начин и продолжија да соработуваат со Русија. Ова стана точка на поделба меѓу земјите од евроатлантскиот блок и остатокот од светот. Србија не е исклучок, бидејќи многумина се искрено загрижени, но има и политички злоупотреби. Некои ја користат оваа прилика да покажат лојалност кон Западот, а други да испратат порака до граѓаните дека се многу патриотски настроени, затоа што, според нив, на прво место го ставаат српскиот интерес“, коментира Анѓелковиќ.

Прашањето за односите со Русија и ЕУ е клучно политичко прашање во Србија веќе дваесет години, вели Игор Новаковиќ. „Тоа беше линија на поделба од 2000 година. Одреден период потоа, така да се каже, беше игнорирано, но сега повторно излезе на површина.“

„Факт е дека голем број политички партии го поминаа прагот за влез во Собранието, благодарение на противењето на санкциите против Русија. Но, тоа е и поради проблемот што нема критички дискурс во Србија, како и поради проблемот со проруската пропаганда, која често доаѓа директно од домашните медиуми, а тие медиуми сè уште имаат целосно некритички став кон она што се случува во Украина, заклучува Игор Новаковиќ.