Сѐ повеќе Балканци работат како негуватели во Германија
4 јуни 2018Во 2017 година во германското здравство биле вработени 128.000 негуватели од странство, стои во одговорот на Министерството за здравство на прашање на пратеничката група на АфД кој го објави „Пасауер нојен пресе“. Кон тоа треба да се додадат и околу 6.000 странски негуватели кои заработуваат под 450 евра месечно, а кои се категоризираат посебно. За споредба: во 2013 година бројот на вработени странски негуватели бил 74.000.
Половината од негувателите, односно 66.000, доаѓаат од друга земја на ЕУ. 18.000 негуватели доаѓаат од балканските држави, речиси 7.000 од источноевропските земји, а 3.500 негуватели потекнуваат од земји од каде доаѓаат баратели на азил.
Политичарот на АфД, Штефан Бранднер, за „Пасауер нојен пресе“ вели дека би требало да се отстранат бариерите за вработување негуватели од странство. „Ако странски негуватели сакаат да дојдат на работа во Германија, тогаш треба да се отстранат непотребните бариери и треба да се даде поддршка на нивниот ангажман“, вели тој. Според Бранднер, незадоволително е тоа што многу претпријатија не можат да вработат странски работници поради тоа што постојано се судираат со бирократски пречки, како што се условите за виза.
Повеќе:
Германија: Увозот на негуватели од странство не го решава проблемот
Практични совети за работа во Германија
Истовремено, Бранднер предупредува дека не треба сѐ да се покрива само со работници од странство, затоа што на тој начин би се создал дефицит на стручна работна сила во регионите од каде што тие работници доаѓаат, а тоа пак би создавало причини за бегство. Бранднер е уверен дека примарно треба да се направи обид за покривање на работните места во делот на нега на болни и на стари лица преку подобри плати и работни услови за германските работници.