1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

СЈО ги истражува „тарифите“ во ЕЛЕМ и „тенкот“ на Груевски

БГ
24 јануари 2017

Специјалното јавно обвинителство соопшти дека отворило две нови истражни постапки под работни наслови „Тарифа“ и „Тенк“. Вкупно девет лица се товарат за злоупотреба на службената положба.

https://p.dw.com/p/2WImN
Mazedonien Press Sonderstaatsanwaltschaft in Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski DW/P. Stojanovski

СЈО сомничи седум лица дека ја злоупотребиле службената положба во случајот „Тарифа“ кој се однесува на постапка за јавна набавка на софтвер за потребите на АД ЕЛЕМ. Осомничените со неизвршување на службената должност овозможиле правното лице – конзорциум, кое подоцна го добило тендерот, да се квалификува во втората фаза на преговарање при јавната набавка, иако немало доставено комплетна документација. Вредноста на Договорот за јавна набавка била преку четири милиони евра. Дополнително, причинета била и штета од 456 илјади евра откако осомничените одобриле исплати на парични средства на име лиценци за одржување на софтверот, иако услугата никогаш не била извршена.

Од СЈО тврдат дека од АД ЕЛЕМ досега биле исплатени 3,7 милиони евра за набавка на системот, иако тој во значителен дел воопшто не е имплементиран. Рокот за неговата имплементација изминал пред четири години, на 11 февруари 2013 година.

Истрага е отворена и против две лица кои учествувале во набавката на службениот „Мерцедес“ на екс-премиерот Никола Груевски кој државниот буџет го чинеше 572 илјади евра. Првоосомничената, поранешна висока владина функционерка, го поттикнала второосомничениот да ја искористи својата службена положба и овластувања, со цел да му ја исполни желбата на тогашниот премиер за набавка на специјален тип на патничко моторно возило.

За да се исполни желбата на премиерот биле вршени дополнителни технички спецификации во документацијата за тендерот со што се привилегирала одредена фирма, наведуваат од СЈО.

Мерцедесот со „фул“ опрема

Набавката на службениот мерцедес на Груевски беше тематизирана и во една од бомбите на опозицијата објавена во мај 2015 година. Во наводниот разговор помеѓу Груевски и веќе поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска можеше да се слушне како екс-премиерот посакува мерцедесот да биде со „фул“ опрема, и како се правеле планови јавноста да не дознае за неговата набавка пред изборите во 2013, туку подоцна. Во разговорот се слушаат и договори за сѐ да помине мазно при електронската набавка. На истата прес-конференцијата на СДСМ тогаш, беа објавени и разговорите за наводни местења на милионски тендери за проекти поврзани со државната ЕЛЕМ за фирми блиски на власта. 

Со оглед на актуелноста на случајот „Поткуп“ против лидерот на СДСМ, Зоран Заев, интересно е да се забележи дека истиот ден по објавувањето на „бомбата“ на опозицијата, на Јутјуб се појави видео снимка на која се гледа и слуша како Заев наводно барал мито во вредност од 200.000 евра. 


Двете нови истраги кои ги отвора СЈО се први по почетокот на кампањата за предвремените парламентарни избори. Последниот случај под името „Таргет“, кој се однесуваше на незаконското следење на комуникациите, СЈО го изнесе пред јавноста на 18 ноември минатата година. Со двата нови, бројот на отворени случаи од Специјалното обвинителство се искачи на вкупно 11.