1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Обвинувања за лаги, измами и притисоци врз пратеници

ДТЗ
9 ноември 2021

Деновиве сите математики и калкулации се вртат околу тоа дали власта или опозицијата ќе успеат да обезбедат мнозинство. И едните и другите тврдат дека имаат поддршка од пратениците.

https://p.dw.com/p/42lxp
Nordmazedonien Parlament - Sitzung am 25.03.2021
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

По иницијативата којашто ја поднесоа неколку партии предводени од ВМРО-ДПМНЕ за доверба на Владата, а која ќе се најде на дневен ред на собраниската седница в четврток (11.11), зачестија меѓусебните обвинувања меѓу власта и опозицијата за „лаги, измами и притисоци врз пратеници“. 

Пратеникот Љупчо Пренџов од ГРОМ, која е дел од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, обвини дека Зоран Заев продолжува со својата пракса да врши, невидени притисоци врз пратениците во Собранието, со цел да ја сочува власта. 

Nordmazedonien Parlament - Sitzung am 25.03.2021
Иницијативата за доверба на Владата ќе се најде на дневен ред на собраниската седница в четвртокФотографија: Petr Stojanovski/DW

Тој вчерашната посета на Заев во Собранието ја смета како притисок, посочувајќи дека биле вршени закани и уцени врз пратеници за да не гласаат за недоверба на Владата. Пренџов вели дека Заев влијаел врз пратеникот на Алтернатива, Скендер Реџепи, кој се потпиша на списокот за недоверба на Владата, но потоа се пишмани и најави дека се повлекува, откако видел дека Левица е дел од новото парламентарно мнозинство. 

Од СДСМ, пак, возраќаат дека потписите за иницијативата за недоверба на Владата се собрани преку меѓусебни лаги и измами. „Расте нервозата во ВМРО-ДПМНЕ откако станува јасно дека на Христијан Мицкоски му испарува мнозинството во Собранието, па затоа денеска од белиот дворец се обидуваат да најдат алиби во наводни закани кон пратеници“, е ставот на владејачката партија. 

Според нив, граѓаните не забораваат дека токму ВМРО-ДПМНЕ и нејзини високи функционери се закануваа кон пратеници кои гласаа за уставните измени и очигледно дека тоа ВМРО-ДПМНЕ сака да го направи и денес. „Пратениците да бидат спокојни, државата, институциите ќе ги заштитат од заканите на ВМРО-ДПМНЕ, обидите за закани и притисоци нема да им успеат“, порачаа од СДСМ. 

Централниот одбор на партијата вечерва треба да се состане и да разговара за случувањата по локалните избори и оставката на лидерот и премиер Зоран Заев, како и за собраниската седница в четврток, на чиј дневен ред е прашањето за доверба на Владата. 

Во чии раце е мнозинството?  

Деновиве сите математики и калкулации се вртат околу тоа дали власта или опозицијата ќе успеат да обезбедат мнозинство. И едните и другите тврдат дека имаат поддршка од пратениците. Претставници на ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса за Албанците најавуваат дека е можно и зголемување на мнозинството и поддршка од повеќе од 61 пратеник. Се тврди дека се преговара и со пратеници на СДСМ и на ДУИ. 

Од владејачката партија, пак, возраќаат дека нивното парламентарно мнозинство е стабилно, што ќе било потврдено и на гласањето в четврток. Партијата за движење на Турците, чиј пратеник  Енес Ибрахим е член на пратеничката група на коалицијата на СДСМ, вели дека нема да соработува со политички чинители кои со своите анти-ЕУ, анти-НАТО, антидемократски ставови ја загрозуваат иднината на земјата, а со своите радикални погледи и провокации разгоруваат етничка и религиска нетрпеливост“. 

„Како демократски, одговорен и транспарентен политички субјект, со будно око ги следиме политичките случувања кои можат да бидат исклучително значајни, но и фатални за иднината на нашата земја. Како сериозна парламентарна партија спремни сме да дадеме максимален придонес за надминување на оваа политичка криза“, велат од партијата. 

Nordmazedonien Wiederwahl Zoran Zaev
Зачестија меѓусебните обвинувања меѓу власта и опозицијата за „лаги, измами и притисоци врз пратеници“Фотографија: DW/P. Stojanovski

И пратеничката Моника Зајкова од Либерално-демократската партија (ЛДП) порача дека нема да гласа за недоверба на Владата. „Ние кажавме во една изјава дека слушнавме дека се собираат такви потписи, меѓутоа никој до нас немаше пристапено за ние да се потпишеме на таа иницијатива. И да дојде до нас таа иницијатива, нема да ја потпишеме и нема да ја поддржиме во Собранието“, рече Зајкова во изјава за медиумите. Таа вели дека истиот став го дели и вториот пратеник од ЛДП, Боби Мојсоски. Децидна е дека не може да гласаат за недоверба на Влада во која министер е партискиот лидер, Горан Милевски. 

Како ќе гласаат Алтернатива и Беса?  

Пред собраниската седница неизвесно е како ќе гласаат Алтернатива и Беса, по последните случувања, коишто би можеле да влијаат на нивната одлука за изгласување (не)доверба на Владата. Пратеникот на Алтернатива, Скендер Реџепи-Зејд синоќа изјави дека доколку Алтернатива одлучи да ја урне Владата заедно со Левица, тој ќе ја напушти партијата. 

„Во моментот кога политичкиот субјект на кој припаѓам (Алтернатива) утре или задутре, се одлучи да го прифати потписот заедно со Левица на списокот, тогаш мојата одлука ќе биде сигурно напуштање на партијата, можам дури и да го вратам пратеничкиот мандат“, рече Реџепи. Тој најави дека ќе ги убедува и своите сопартијци да ги повлечат потписите од иницијативата, но од партијата најавија дека деновиве ќе изградат став како да постапат. 

-повеќе на темата: Мнозинството распнато меѓу тактиката и математиката

Во Движењето Беса засега молк кое копче ќе го стиснат в четврток на гласањето за доверба на Владата, откако Управниот суд ја прифати жалбата во нивна корист против одлуката на ДИК да се прегласува во Желино. Токму градоначалничкото место во тетовско Желино беше иницијалната каписла поради којашто Беса ги обвини ДУИ дека „им забиле нож во грб“ и седнаа на заедничка маса со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и ја потпишаа иницијативата за доверба на Владата.