Токсични дизел гасови биле тестирани врз луѓе и животни
29 јануари 2018Според извештаите во германските весници Штутгартер цајтунг и Зиддојче цајтунг, луѓе биле изложени на отровни гасови од дизел возила за време на експеримент „меѓу 2012 и 2015 година“, финансиран од група германските автопроизводители.
Автомобилските производители оцениле дека имаат интерес да се докаже дека користењето на модерна технологија ги прави безопасни емисиите на издувни гасови од дизел возила. Тестовите биле побарани од Европската група за истражување на животната околина и здравјето во транспортниот сектор (ЕУГТ)- во меѓувреме расформирана организација- а финансирана од германските производители Фолксваген, Дајмлер и БеЕмВе.
Експериментите биле фокусирани на „краткорочна инхалација на азотен диоксид од страна на здрави луѓе“, пишуваат весниците. Потоа, универзитетска болница во градот Ахен ги испитувала 25-те лица кои инхалирале одредени количества гас во текот на неколку часови.
Јавноста дозна за овие експерименти откако претходно беше откриено дека такви тестови за вршеле и врз здрави мајмуни кои морале да вдишуваат токсични гасови.
Реагирајќи на обвинувањата, од Фолксваген со изјава соопштија дека „се убедени оти научните методи одбрани во тоа време биле погрешни“.
Од Дајмлер соопштија дека „се шокирани од опфатот на овие студии и начинот на кој биле изведувани“. „Остро ги осудуваме овие тестови“, соопшти компанијата, додавајќи дека немала никаков увид во методите и мерките кои биле преземани од групата ЕУГТ, а кои биле „против вредностите и етичките принципи на Дајмлер“.
Дајмлер тврди дека отворил истрага за тестовите врз мајмуни и луѓе кои ги смета за „излишни и одбивни“.