„Нечисти“ дизел-возила за Источна Европа
24 август 2017Увозникот на половни автомобили „Глобал импорт“ од Гдањск во моментов нема дизел-автомобили на понуда. „Сѐ повеќе го избегнуваме дизелот“, вели еден продавач. Вакви автомобили, на желба на одделни купувачи, се порачуваат од Германија, но сѐ поретко, објаснува тој. Продавачите на користени автомобили од регионот на Гдањск не исклучуваат ова да се промени по воведување на најавената еко-премија за замена на постари дизел-возила во Германија. „Темата веќе наголемо се дискутира во браншата“, истакнува еден трговец. Проблемот е што уште никој не знае какви последици ќе настапат на полскиот пазар, дополнува тој, сите се во исчекување.
Полските новинари од областа на автомобилизмот сметаат дека најголем дел од старитедизел-автомобили во Германија ќе бидат уништени пред нивните сопственици да добијат еко-премија за купување нов автомобил. А за неа Ауди и Фолксваген би плаќале до 10.000 евра, за полски уши - неверојатно висока сума.
Во стручните написи меѓутоа се укажува и на тоа дека автопроизводителите БМВ, Мерцедес и Тојота, за замена на еден автомобил на дизел погон, стар најмалку седум години, за соодветен според еколошката норма за издувни гасови Евро 4, ќе плаќаат околу 2.000 евра, без старите возила да ги праќаат во отпад. Овие пак подоцна можат да се најдат на полскиот пазар. Во 2016. година марката БМВ била на шесто место на скалата на најпродавани возила на полските трговци со половни автомобили. Тојота и Мерцедес биле пласирани на деветто, односно десетто место.
Страв од евтини користени возила од Германија
Пазарот на половни возила во Полска, од 2011. година наваму е во постојан пораст. Само од 2015. до 2016. година, се констатира во последниот годишен извештај на Здружението на автомобилски фабриканти во Полска, е забележан раст од 20 проценти. Две третини од годишните први регистрации во Полска денес се за половни возила, а само една третина за нови автомобили. Годишно првпат се регистрираат вкупно околу 1,5 милиони патнички автомобили, а повеќе од половината од нив се постари од десет години и со тоа еколошки штетни користени автомобили (54 насто). За домашните трговци со половни возила, Полска не игра позначајна улога како транзитна земја кон Истокот.
„Клучното прашање е фактичката реализација на еко-премијата во Германија“, истакнува во разговор за Дојче веле Јакуб Фарис, претседател на Здружението на автомобилски фабриканти во Полска. „Доколку старите дизел-автомобили во Германија не се уништуваат, тогаш нам ни се заканува проблем“, предупредува тој. Фарис меѓутоа не може да си замисли дека Берлин на пример, од изборно-тактички причини, еколошкиот проблем со старите дизел-возила би го префрлил само неколку километри преку Одра. Според Фарис, јасно е дека дизел-возилата од категоријата на еколошки штетни издувни гасови Евро 1 (година на производство 1992. година) до Евро 4 (година на производство 2009. година) ќе завршат во источните ЕУ-земји, ако не бидат однесени во отпад во Германија.
Зашто, во источните држави на ЕУ овие автомобили сѐ уште можат легално да се возат. „Овие автомобили ќе бидат евтини и за нив во Полска ќе има голема побарувачка“, стравува Фарис. „100.000 дизел автомобили стари до седум години не се драма, но еден милион уште постари возила, би претставувале веќе вистинска катастрофа“, објаснува тој. Тие би значеле енормен притисок не само за цените на половните, туку и за новите автомобили.