1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Три сценарија – сите со полна торба неизвесност

22 јуни 2021

Од Софија нема нови сигнали пред денешното заседавање на Советот за општи работи на ЕУ во Луксембург. Надежите за почеток на преговори, во Скопје се спуштени на миминум.

https://p.dw.com/p/3vJWG
Bildkombo Flagge EU Albanien Mazedonien
Фотографија: Imago

Голема неизвесност за Северна Македонија му претходи на денешното заседавање на Советот за општи работи на ЕУ во Луксембруг. Во фокусот на домашниот интерес е дали ќе се стопи бугарската блокада за почеток на македонските преговори со ЕУ. Надежите се сведени на минимум, иако не се целосно исклучени. Премиерот Зоран Заев во повеќе наврати посочи дека не сака да ги крева очекувањата на граѓаните, за да се избегне ново разочарување.

Во експертските кругови со внимание ги анализираат сите сигнали. Симонида Кацарска, директорка на Институтот за европска политика - Скопје (ЕПИ) смета дека на овонеделните состаноци на Советот на ЕУ се веројатни три сценарија во однос на точката проширување и Северна Македонија.

„Прво, постои можност проширувањето воопшто да не биде ставено како точка на агендата, со оглед на бугарската позиција и ќорсокакот од декемврискиот ЕУ- самит. Второ, можно е на Советот да се постави точката, како што се последните најави, но да биде од информативен карактер и да нема заклучоци. Трето, бидејќи претседателството работеше доста на ова прашање, можно е да инсистира на изјаснување на државите членки, но ова според мене е помалку веројатно. Од последните најави ситуацијата е неизвесна и усогласувањето на заклучоците ќе биде повторно тешко“, вели Кацарска. 

Нема нови сигнали од Софија

Португалија како претседавач со Советот на ЕУ во мај поднесе и конкретен предлог до Софија и Скопје, со цел да се дојде до компромисно решение. Македонските власти португалскиот предлог го оценија како добра појдовна основа за решение, но такви оценки не стигнаа од Софија. Бугарското Министерство за надворешни работи на 16-ти јуни објави дека Владата го одобрила ставот во однос на европската перспектива на РСМ, со кој земјата ќе учествува на состанокот на Советот за општи работи на 22-ри јуни во Луксембург.

„Позицијата на Бугарија во однос на рамката за преговори и одржувањето на Меѓувладината конференција со Република Северна Македонија останува непроменета. Рамката за преговори за пристапување на Република Северна Македонија во ЕУ треба да ги содржи потребните гаранции во врска со спроведувањето на Договорот од 2017 година, кои во моментов не постојат. Не се исполнети барањата за одржување Меѓувладина конференција. Во исто време, Бугарија останува отворена за дијалог и презема чекори за зајакнување на довербата и враќање кон прагматичен и конструктивен дијалог“, соопшти бугарското МНР.

Еден ден по ваквата одлука, македонскиот премиер Зоран Заев ја посети Софија. Иако очекувањата ни по средбата не беа подигнати, сепак„конкретниот предлог“ што од македонска страна го добил привремениот бугарски премиер, како и неговата најава дека веднаш ќе биде разгледан, остави впечаток дека можеби не се исклучени сите шанси за исчекор во процесот. Сепак, до вчера не стигнаа такви сигнали од Софија.   

Поради тоа, едно од сценаријата кое кружи во дипломатските кругови во Брисел, е можноста за одвојување на Северна Македонија и Албанија, со цел Тирана да не биде колатерална штета од бугарското вето за Скопје. Мнозинството земји-членки на ЕУ досега изјавуваа дека се против таква опција. Истото сега го потенцира и амбасадорот на ЕУ во Тирана, Луиџи Сореца. Тој за „Еуроњуз Албанија“ изјави дека земјите-членки на ЕУ имаат за цел двете земји да ги придвижат напред заедно. Притоа нагласи дека за прв пат сите земји на ЕУ го поддржуваат отворањето на преговорите со Албанија, но шансите за нејзино одделување од Северна Македонија се многу мали.

Bulgarien | Treffen mazedonischer Premierminister Zoran Zaev mit Amtskollege Stefan Yanev in Sofia
Македонскиот премиер Зоран Заев и бугарскиот, Стефан Јанев во СофијаФотографија: Government North Macedonia

Корените на тврдиот став

Марјан Ѓорчев, македонски амбасадор во Бугарија од 2016 до 2020 година – не е оптимист, и смета дека Бугарија ќе продолжи со блокирање на почетокот на преговарачкиот процес на македонската држава со Унијата. Според него, тоа што во моментов во Бугарија функционира техничка влада (со мандат да организира вонредни парламентарни избори на 11-ти јули), не е единствената причина за „тврдиот" бугарски однос кон европскиот пат на Македонија.

„Статичната и стереотипна бугарска геополитика кон т.н. ‘македонско прашање', ја детерминира современата бугарска траекторија во градењето добрососедски и пријателски односи со Македонија. За жал, современа Бугарија сѐ уште е оптоварена со идеалот за Голема Бугарија. Двата фундамента - идеалот на Царска Бугарија (1908-1943) за обединување на географските територии- Мизија, Тракија и Македонија, како и одлуката на бугарската Комунистичка партија на пленумот во 1958 година со која се негира постоење на македонска нација и македонски јазик, се одлучувачки за бугарската геостратегија, геополитика и емоција кон поимот Македонија“, вели Ѓорчев.

Тој смета дека македонската држава мора да се подготви за долготрајноста на бугарскиот отпор кон сугестиите на европските држави, пред се, на Германија и Франција, за одделување на билатерелниот спор од проширувањето на Унијата во регионот на Западен Балкан.

Бугарија е свесна дека попречувајќи го почетокот на преговорите за полноправно членство со Македонија и Албанија, не стекнува пријатели во европскиот клуб. Меѓутоа, постои огромен број на бугарски политичари, академици, интелектуаци, кои го креираат бугарското политичко милје и нема да попуштат пред европскиот притисок, доколку европските институции не искреираат механизам како да се надмине категоријата ‘вето', во услови кога има појави на билатерален спор помеѓу две европски држави, кои имаат за цел да бидат дел од европското семејство“, вели Ѓорчев.

Според него, земјава ќе мора да ги обедини сите политички чинители во неа, интересни групи и цивилното општество, за да ги убеди и Бугарија и Унијата дека за цивилизациските вредносни и државнички атрибути не е подготвена да преговара.

„Македонскиот цивилизациски код е дел од европскиот вредносен систем, како државотворност, култура, нација и јазик. Во очекување на идната бугарска политичка влада, која ќе има кредибилитет да предложи решение за надминување на билатералниот спор за историско-образовните прашања, македонската држава мора јасно, прецизно и одговорно да ги предочи сите свои аргументи и решеност да не отстапи од македонските ‘црвени линии', кои се впрочем и европски хоризонти“, дециден е Ѓорчев.