Туск: Историјата на Балканот е како „Игра на тронови“
12 јануари 2018Европската Унија се обидува да го искористи шестмесечното бугарско претседавање со ЕУ за да се спротивстави на влијанието на Русија, Турција и други земји во немирниот регион. Говорејќи на бугарски јазик на церемонијата во Софија, Туск ја спореди историјата на Балканот со популарната ТВ серија „Игра на тронови“.
„Историјата на Балканот е подраматична и поинтересна од сценариото на Игра на Тронови, иако во неа нема змејови. Сите посакуваме сегашноста и иднината на Балканот да биде како помалку драматично сценарио“, рече Туск.
„Стабилност, безбедност, напредок - тоа е она што го заслужуваат луѓето од целиот регион. А целта на ЕУ е да го направи ова сценарио реалност“, додаде претседателот на Советот на ЕУ.
Повеќе на темата:
- Нови ветувања од Европската унија за Западен Балкан
- По пораките на Туск: ЕУ ја запиша Македонија, Иванов ја отпиша
Бугарија, Романија, Словенија и Хрватска се единствените земји од регионот кои добија членство во ЕУ досега. Софија се надева дека ќе го искористи претседавањето за да ги забрза преговорите со Србија и Црна Гора, и да им помогне на Македонија и Албанија да се приближат до започнување на преговорите. Бугарија ќе биде домаќин и на првиот самит ЕУ-Балкан во мај година, по пауза од 15 години.
Но регионот се повеќе запаѓа во проблеми со меѓусебни спорови, корупција и организиран криминал.
Русија, во меѓувреме, ги засилува напорите за санирање на сопствените неуспеси во регионот во кои спаѓаат влезот на Црна Гора во НАТО и оддалечувањето на македонската влада од претходниот проруски став.
„Европеизација на Балканот е неопходна за да се спречи балканизација на Европа“, предупреди неодамна бугарскиот премиер Бојко Борисов.