1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Феноменот Додик“: Нова криза и тешки денови за БиХ

Драган Максимовиќ
9 октомври 2018

Во Република Српска веќе 12 години во континуитет владее СНСД. Дали е тоа умешност со сите средства да се одржи на власт или отсуство на алтернатива? Или и едно и друго?

https://p.dw.com/p/36Cx2
Bosnien Herzegowina Milorad Dodik Präsident der Republika Srpska
Фотографија: picture alliance/AP Photo/D. Vojinovic

Опозицијата во Република Српска и по новите избори немаше шанса да ја сврти играта во своја полза. Истовремено, сѐ им одеше во прилог - од американски санкции преку неразјаснети убиства и револт на граѓаните, па сѐ до ситни проблеми во секоја општина. Не помогна ни „судирот“ на претставници на меѓународната заедница со претседателот на РС и на Сојузот на независни социјалдемократи, СНСД, Милорад Додик, зашто предизвика контраефект (но и тоа беше проектирано, зашто малку кој веруваше дека во средина во која мнозинството нема благонаклон однос кон САД, американските санкции на Додик ќе му бидат камен на сопнување во екот на предизборната кампања). И додека уште се бројат гласови во Централната изборна комисија, многумина се прашуваат како во толку изборни циклуси не се појави политичка опција која би можела да „собори“ една политика, па каква и да е таа. 

Создаден нереален култ

„Населението на овој простор исклучително негува култ на водач, на некој кој знае да подвикне, да удри со рака по масата и лесно се идентификува со вакви лица. Така, создаден е идеал на семоќен човек, а тоа истовремено на другата страна, кај опозицијата, создаваше страв - страв од човек кој целата своја енергија ќе ја насочи кон политичкиот живот. Од една страна Додик, од другата страна опозицијата, но и дел од меѓународната заедница која се стресува при споменувањето на името на овој политичар“, вели аналитичарката Тања Топиќ.

Повеќе: 

Избори во БиХ: стравот остана главен мотив на гласачите

БиХ - избори во пропадната држава

Треперењето веројатно продолжува, со оглед на влезот на Милорад Додик во Претседателството на БиХ, како член од РС. Тој веќе најави дека главна девиза ќе му биде РС и нејзиното внатрешно јакнење во БиХ, а соработката со другите два члена, бошњачкиот и хрватскиот, не го интересира толку многу. Во тој контекст, професорот на Филозофскиот факултет во Бања Лука, Миодраг Живовиќ, гледа нова криза во БиХ.

Russland Wladimir Putin & Milorad Dodik, Präsident Republika Srpska in Sotschi
Милорад Додик и рускиот претседател Владимир Путин Фотографија: Reuters/Sputnik/Mikhail Klimentyev/Kremlin

Лесно против аматери

„Овие тројцата (Милорад Додик, Шефик Џаферовиќ и Жељко Комишиќ) многу веројатно е да не држат ни седници. БиХ ја чекаат тешки денови, зашто нема шеф на државата во овој однос на силите. Најлоша последица од овие избори е исцицувањето на моќта од парламентите, кои имаат сѐ помала улога,“ вели Живановиќ, наведувајќи - опозицијата во РС е аматерска организација: 

„Опозицијата во РС не ги познава работите со кои треба да се занимава. Милорад Додик, какво и да е нашето мислење за него, секој ден беше една седмица пред неа, а опозицијата својот агажман го сведе на она што го изјавил Додик. Поради тоа, опозиционерите сѐ промашија. Инаку, работите им се поклопија да не може подобро. Сами да го цртаа развојот на ситуацијата кој би им бил од корист, не би ги поставиле поповолно работите за себе. И сепак загубија. Една од причините можеби е неединството во опозицијата, но тоа е веќе проблем за сериозна работа“, вели Живановиќ.

Повеќе: 

Избори во БиХ: Многумина се надеваат, малкумина веруваат во подобро утре

Руски игри на изборите во БиХ

Ниедна политичка програма на овие избори не беше во прв план во кампањата или во најмала рака беше засенета од валкани политики и обвинувања од сите страни. Едни напаѓаа, други се бранеа и обратно. Програмите не можат да бидат во прв план, зашто копјата се кршат само на националните интереси, истакнува Топиќ.

Кој е нивен, а кој наш?

„Не можеме да кажеме дека на овие избори немавме политички партии со свои економски програми, кои нудеа одредени решенија, но тоа остана целосно загушено од вревата која се водеше за тоа кој е предавник, кој патриот, за постоење различни сценарија во кои нешто се надвиснало над Република Српска“, вели Топиќ.

Ова е вторпат опозицијата во РС, здружена во сојуз, да излегува на мегдан со СНСД на Додик. Претходно, опозициските партии самостојно на изборите исто така доживуваа пораз. Повторно нема најава некој да преземе одговорност за изборниот резултат, за оставки да не зборуваме. Судејќи според ставовите на партиските лидери, сите се победници на овие избори, со разлика што некои добија предност во градовите, а некои во селата, што се користи како аргумент.

Со заминување на Додик од нејзиното чело, СНСД за кратко време, сметаат аналитичарите, би можела да биде разбиена, поради силните струи кои моментно дејствуваат во неа, а кои Додик уште успешно ги контролира.