1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Фотоволтаици на секој покрив за спас од енергетската криза

ДТЗ
9 мај 2022

Енергетската криза ги принуди компаниите и граѓаните во Северна Македонија да бараат спас во обновливите извори на енергија.

https://p.dw.com/p/4Aui6
BG Sommerhitze | Photovoltaikanlage mit Solarmodulen
Фотографија: picture-alliance/Klaus Ohlenschläger

Секое домаќинство или фирма наскоро ќе може да стави фотоволтаик на покривотза производство на струја. Во фаза на изработка се законските решенија со кои ќе се овозможи граѓаните да произведуваат електрична енергија на нивните покриви и да ја продаваат на откупувачот и дистрибутер на електрична енергија. Се подготвува и закон со кој ќе се олесни постапката за инсталирање на фотоволтаични системи на покривите на домаќинствата и на индустриските објекти. Последните најави се дека ваквите измени би биле готови до крајот на мај или почетокот на јуни.

Какви измени се крчкаат?

Со донесувањето на Законот за енергетика во 2018 година и подзаконските акти, за првпат се воведе можноста за домаќинствата и индустријата да можат да постават фотонапонски електрани на своите кровови со цел обезбедување на сопствените потреби со електрична енергија кои вишокот од производство на електрична енергија би го продавале на својот снабдувач со енергија. 

Typische Photovoltaikanlage in Deutschland
Со измените ќе се овозможи потрошувач-производител да постави производна постројка со поголема инсталирана моќност (за домаќинства од 4 на 6 MW, а за останатите производители од 12 на 30 MW)Фотографија: Carsten Behler/photon-pictures.com.

Потрошувач-производител од категоријата домаќинство не треба да основа правен субјект, не му е потребна лиценца за производство и не е должен да издава фактура, а со тоа не е ДДВ обврзник. Ова е дефинирано во Правилникот за обновливи извори на енергија донесен од Министерот за економија во 2019 година. Но, енергетската криза ја наметна потребата да се зголеми инсталираниот капацитет кај домаќинствата и во индустријата. 

Што предвидуваат измените кои се очекува да го зголемат интересот за ваков вид на инвестиции? Од Министерството за економија за ДВ велат дека со измените ќе се овозможи потрошувач-производител да постави производна постројка со поголема инсталирана моќност (за домаќинства од 4 на 6 MW, а за останатите производители од 12 на 30 MW)  со цел целосно да ја задоволи својата потрошувачка и да пласира поголема количина во мрежата, со што за одредени категории субјекти целиот концепт станува поатрактивен.

„Исто така ќе се овозможи секое домаќинство, мал потрошувач и буџетски корисник да склучи договор за снабдување и предавање на вишокот на произведена електрична енергија со кој било снабдувач со електрична енергија, вклучително и со универзалниот снабдувач. Тоа досега не беше возможно, односно ако едно домаќинство кое се снабдуваше од универзалниот снабдувач сакаше да стане потрошувач-производител мораше да го раскине договорот со универзалниот снабдувач и да склучи договор со друг снабдувач“, објаснуваат од Министерството за економија. 

Оттаму додаваат дека со целосна посветеност работат на развој на политиките кои ќе допринесат кон енергетска транзиција, преку нови инвестиции во обновливи извори на енергија и потикнување на енергетската ефикасност. „Свесни сме дека само преку енергетската транзиција, можеме да ја потикнеме заштитата на животната средина“, велат од Министерството за економија. 

Ски-лифт на сончева енергија во Швајцарија

Очекувањата на надлежните се дека земјата за десетина години целосно ќе премине кон производство на електрична енергија од обновливи извори, односно дека ќе се прекине со производство од јаглен, како што е наведено и во Стратегијата за развој на енергетиката што беше усвоена од Владата во 2019 година. Во Стратегијата во столбот декарбонизација меѓудругото се препорачува промовирање на обновливите извори на енергија на начин кој обезбедува одржлив развој и се предвидува дека фотонапонските и ветерните електроцентрали ќе бидат најбрзорастечки технологии за производство на електрична енергија во сите сценарија, односно се планира изградба на 750 MW ветерни електроцентрали и 1400 MW фотонапонски електрани. 

-повеќе на темата: Ладење на простории со помош на сонцето

Законски измени се „крчкаат“ и во Министерството за транспорт и врски. Оттаму за Дојче веле информираат дека во завршна фаза е изработката на нацрт-текстот на Законот за изградба на градби за производство на електрична енергија од сонце. Се прават последните меѓуресорски консултации и по нивно завршување предлог текстот на законот ќе биде објавен на ЕНЕР, информираат од Министерството за транспорт. Со законот се предвидуваат постапки за изградба на градби за производство на електрична енергија од сончева енергија на земјоделско земјиште од 5,6,7 и 8 категорија, како и постапки за поставување на фотонапонски панели на крововите на објекти. 

Големи олеснувања за домаќинствата

Имајќи предвид дека граѓаните не издаваат фактури за продадената електрична енергија, се прават измени во законската регулатива, со која ќе се овозможи „ЕВН Хоум“ или кој било снабдувач, да може да биде даночен застапник во име на домаќинствата кои ќе им ја продаваат електричната енергија. 

„ЕВН Македонија активно ги следи и регулативите за фотоволтаични системи за домаќинства и мали бизниси. Согласно последните најавени законски измени се очекува значително подобрување на условите за инвестирање на фотоволтаични системи кај домаќинствата. Тоа главно ќе биде овозможено од одлуката домаќинствата и малите бизниси снабдувани од универзалниот снабдувач да останат и понатаму снабдувани од истиот, преку фотоволтаичните системи да ја редуцираат сопствената потрошувачка на електрична енергија, а вишок произведената енергија да ја пласираат во дистрибутивната мрежа и да ја продаваат по цената по која универзалниот снабдувач ја купува енергијата од ЕСМ“, вели Вјоса Селими, портарол на ЕВН Македонија за Дојче веле. 

-повеќе на темата: С. Македонија ќе го менува јагленот за сонце и ветeр

Од компанијата сметаат дека за разлика од претходната регулатива, сега има многу големи олеснувања во поглед на поставувањето на соларни панели од страна на домаќинствата. „Дополнително, со најавените измени на Правилникот за обновливи извори на енергија, има најава дека ќе се зголеми досегашното ограничување за домаќинствата од 4КW на 6КW, што доколку се земе предвид потрошувачка на едно просечно домаќинство – ова зголемување е повеќе од добредојдено“, велат од ЕВН. 

Дополнително, самото изменување на обврската едно домаќинство да мора да излезе на слободен пазар за да го предава вишокот на електрична енергија произведена од соларните панели, претставува најголемо олеснување. Домаќинствата сега ќе може да постават 6КW и вишокот енергија да го предаваат на ЕВН Хоме, кој е универзален снабдувач, по цени по кои ЕВН Хоме ги набавува од ЕСМ. 

Северна Македонија со повеќе од 280 сончеви денови годишно има огромен потенцијал за искористување на сончевата енергија. „Се надеваме дека новата регулатива ќе го направи поставувањето за домаќинствата уште попривлечно. Сепак, треба да се има предвид дека најголемата придобивка од инсталиран соларен капацитет е заштедата на енергијата која што нема да се преземе од дистрибутибниот систем“, велат од ЕВН.