1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Холивуд поделен: Трамп или Бајден?

Ненад Крајцер | дпа
22 октомври 2020

Почна одбројувањето до изборите за претседател на САД. Земјата е длабоко поделена, а таа поделба не ја заобиколи ниту „фабриката на соништата“ - Холивуд.

https://p.dw.com/p/3kIir
BdTD | Rauch | Hollywood
Фотографија: Reuters/C. Helgren

Јазот минува и низ холивудските семејства. Актерката Анџелина Џоли и нејзиниот татко, исто така познатиот актер Џон Војт, се добар пример. Како амбасадорка на ОН за бегалци, Џоли честопати остро го критикува Доналд Трамп и неговата бегалска политика.

Нејзиниот татко е тврд републиканец и активен учесник во предизборната кампања. „Бајден е зол, Трамп мора да победи“, им порачува Војт на разбирлив начин за сите во предизборното видео кое деновиве се шири на социјалните мрежи и додава: „Левицата ќе ја уништи Америка. Мора да се молиме на бога за да спречиме ваков ужас.“

Сличен јаз минува и низ семејството Болдвин. Стивен Болдвин, најмладиот член на актерското семејство, е деклариран Трампов обожавател. Неговиот постар брат Алек веќе со години е синоним за потсмев со претседателот. Тој редовно, како член на сатиричната екипа Saturday Night Live, засмејува милиони Американци со пародирање на актуелниот претседател.

Алек Болдвин е на страната на мнозинството, барем што се однесува до шоу-бизнисот. Отворена поддршка за Трамп дадоа некои познати имиња од филмскиот свет, како актерот Џејмс Вудс или комичарката Розен Бар. И рок-раперот Кид Рок отворено го поддржува републиканскиот кандидат. На страната на актуелниот претседател е и познатиот јунак во филмови од Б продукцијата и вљубеник во оружје, Чак Норис.

Schauspieler Bruce Lee
Чак Норис (л.) го поддржува ТрампФотографија: picture-alliance/Mary Evans Picture Library

Но, иако малку холивудски ѕвезди се изјаснуваат јавно во полза на Трамп, нивниот број би можел да биде поголем отколку што се мисли. „Познавам многумина во шоу-бизнисот кои се републиканци и го бираат Трамп, но за тоа не се изјаснуваат јавно, затоа што така во либералниот Холивуд брзо би си создале мноштво непријатели“, вели во разговор за агенцијата ДПА, Фредерик Принц фон Анхалт, вдовец на филмската дива За За Габор. Фредерик, кој во Германија стана „славен“ најмногу поради тоа што во едно ријалити-шоу уринираше во кадата на една учесничка која потоа го тужеше, е горд што е републиканец и цврсто стои зад одлуката повторно да гласа за Трамп. „Трамп не направи ништо погрешно Промена во Белата куќа би значела катастрофа за Америка“, вели овој 77-годишник.

Повеќе:

Трката од која зависи светот

Трамп и Бајден: Коронавирусот доминантен во ТВ-дуелот на далечина

Трамп–Бајден, кошмар со отворени очи

„Врати се во Австрија“

Но, некогаш признати републиканци, како Клинт Иствуд, во меѓувреме почнаа да се сомневаат во претседателот Трамп. „Моја желба е Трамп да се однесува подобро и да не ги малтретира луѓето со своите твитови“, рече 90-годишниот актер во разговор за „Волстрит журнал“.

И еден друг познат републиканец најави поддршка за другата страна годинава. Арнолд Шварценегер на почетокот од септември настапи во видеоспот со поранешната прва дама Мишел Обама. Тоа предизвика бес кај многу корисници на социјалните мрежи, кои на „Терминатор“ му порачаа да гласа за Трамп или да се „врати во Австрија“.

Овие две големи имиња само го зголемија таборот на Трамповите критичари во Холивуд, меѓу кои се и Роберт де Ниро, Том Хенкс или Леонардо Ди Каприо. Некои од нив, како Рис Витерспун или Семјуел Л. Џексон, активно се вклучија во предизборната кампања, било со снимање на спотови или со организација на донаторски вчери. Меѓу попознатите актерски симпатизери на Демократите и Бајден се вбројува и Двејн Џонсон.

Од естрадните тешкаши, симпатии за Демократите изрази и поп-ѕвездата Тејлор Свифт. „Гордо ќе гласам за Бајден, зашто на Америка и’ е потребен претседател кој ќе се заземе за прават на малцинствата, жените и ЛГБТ-популацијата“, рече Свифт.

Taylor Swift
Тејлор Свифт: Гордо ќе гласам за БајденФотографија: picture-alliance/AP/J. Strauss

Можеби најпозната династија во шоу-бизнисот, фамилијата Кардашијан-Вест, е поделена. Додека полусестрата на Ким Кардашијан, Кајли Џенер, отворено ги симпатизира Демократите, Канје Вест во последните години беше чест гостин во Белата куќа. Тој дури имаше најавено дека и самиот ќе се кандидира за претседател. Уште еден куриозитет во една бизарна изборна година.