1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Трамп и Бајден: Короната доминантна во дуелот на далечина

ЖА / агенции
16 октомври 2020

Доналд Трамп со фалби за начинот на кој неговата влада се справува со пандемијата, а Џо Бајден со критики на „паничната реакција“ на Трамп на пандемијата. Наместо заеднички, двајцата се појавија на различни телевизии.

https://p.dw.com/p/3k0cs
USA Townhalls Fragestunde Trump Biden
Фотографија: Abc/Msnbc/Zumapress/picture alliance

По откажувањето на нивниот ТВ-дуел поради во меѓувреме залекуваната инфекција со коронавирус на Доналд Трамп, американскиот претседател и неговиот предизвикувач Џо Бајден настапија синоќа истовремено на две различни телевизии. На неполни три недели пред изборите на 3 ноември, Американците требаше да решат дали ќе го гледаат Трамп на ТВ ЕнБиСи или Бајден на ТВ ЕјБиСи, првиот во Мајами во сојузната држава Флорида, а вториот во 1600 километри оддалечената Филаделфија во сојузната држава Пенсилванија.

Трамп избегна дистанцирање од КјуАнон, организација која има поддржувачи и кај Републиканците, а застапува бизарна теорија на заговор за коронавирусот, тврдејќи: „Не знам ништо за нив. Знам дека тие се во голема мера против педофилијата и дека се борат многу силно против неа".

За пандемијата на коронавирус претседателот повтори дел од својот репертоар на противречни изјави. „Јас велам дека треба да се носат маски, јас немам никаков проблем со тоа", рече Трамп за веднаш да ја обнови често користената погрешна изјава дека „85 проценти од луѓето кои носат маска, се заразиле со вирусот."

Претседателот избегна да прецизира кога последен пат бил негативен на тест за коронавирус, прашање кое е значајно поради дилемата дали тој и натаму присуствувал на манифестации откако веќе знае дека е инфициран со Ковид-19. Со оглед што ни лекарите од Белата куќа не се изјаснуваат недвојбено, сомнежот останува.

Повеќе:

Трамп бесен - Фејсбук и Твитер блокираа критички текст за Бајден

Тактиката на Трамп функционира

Дали разочараните републиканци ќе го сменат Трамп?

Теорија на заговор: КјуАнон во подем

Бајден пак во Филаделфија на прашањата на избирачите настапи подготвено за комплексот корона, обвинувајќи го претседателот Трамп за низа погрешни чекори и пропусти во справувањето со пандемијата. Демократскиот претседателски кандидат пледираше за национален пристап во менаџирањето на кризата, носење заштитни маски заради избегнување повторен „локдаун".

За разлика од преизборните настапи пред своите приврзеници, Трамп мораше да се соочи со критички прашања, како неговата финансиска состојба. Неговите долгови ги нарече „минимален дел од неговиот нето-имот", но се чини индиректно го потврди пишувањето на „Њујорк тајмс" за лични долгови од 421 милион долари, повторно ветувајќи наскоро да ја објави својата даночна пријава.

Трамп реагираше изнервирано на прашањето за неговиот став кон десните радикали, зашто не сакаше експлицитно да ги осуди, за на крајот да извика дека со години се дистанцира од нив, но го осудува истовремено и движењето Антифа: „Овие луѓе од левицата ги палат нашите градови."

Џо Бајден беше јасен: доколку биде избран за претседал, никогаш нема да се изразува расистички или да провоцира натамошни општествени поделби.

На 22 октомври е предвидена последната ТВ-дебата како директно соочување пред изборите. Трамп веќе се изјасни против промените во правилата на концептот на ТВ-дуелите, најавени како последица на хаосот кој настана при првата дискусија.