1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

Хомосексуалноста не е болест

Инес Пол
5 ноември 2019

Со предлог законот против присилна терапија на хомосексуалци германскиот министер даде исправен сигнал, бидејќи хомосексуалците дури и во Европа се`уште се дискриминирани, смета главната уредничка на ДВ, Инес Пол.

https://p.dw.com/p/3STRF
Kolumbien | LGBT | Feminismus | Gay Pride
Фотографија: AFP/Getty Images

Сигнал јасен како ден, што на почетокот на неделава го испрати германскиот министер за здравство, Јенс Шпан. „ Хомосексуалноста  не е болест и затоа нема никаков повод за терапирање на истата", објави тој и ги конкретизираше плановите да ги забрани во Германија таквите третмани, чија декларирана цел е да им се „избие” сексуалноста на хомосексуалците. Кој и натаму понудува т.н. „терапии за конверзија", ќе биде казнет со затворска казна до една година или високи парични казни.

Малку позната пракса

Еден чекор кој од повеќе причини е исправен, бидејќи истовремено е тажно актуелен. Во  Германијафрла светло на пракса која на многу луѓе не им е позната. Повеќе илјадници младинци годишно се терапираат со цел да им се смени нивниот сексуален идентитет. Настрана од непочитувањето на личноста која стои зад таквата пракса, не постојат никакви докази за тоа дека сексуалната ориентација воопшто може трајно да се смени со таквите мерки.

Ines Pohl Kommentarbild App
Инес ПолФотографија: DW/P. Böll

Но, затоа пак многу добро познати се можните последици од таквите третмани: депресија, анксиозност и јасно зголемен ризик за самоубиство.  Дури и во земји членки на ЕУ како на пример Полска, се забележува растечка дискриминација на хомосексуалците.  И на Балканот стравот од насилство и дискриминација се секојдневие за припадниците на ЛГБТИ- заедницата. Русија хомосексуалноста ја криминализира како „нетрадиционален сексуален однос", а во автономната Република Чеченија лицата кои отворено ја живеат својата сексуалност се соочуваат со парични казни или затвор.

 

Хомосексуалците и натаму живеат во страв

Во речиси една третина од земјите на светот хомосексуални дејствија и натаму се третираат како казнено дело. Од сите арапски земји, Јордан е единствената во која хомосексуалноста е легална. Според податоци на Здруженија за заштита на интересите на заедницата на лезбијки, геј, бисексуални, транссексуални и интерсексуални лица, на хомосексуалците на многу места им се заканува смртна казна, како на пример во Авганистан, Иран, Јемен, Пакистан, Саудиска Арабија и Судан. Предлогот на министерот уште еднаш јасно ја покажува позицијата на германската влада и тоа заслужува респект. Не само поради тоа што и во христијанско-демократската партија на политичарот Јенс Шпан има луѓе кои и натаму одбиваат еднаков третман на хомосексуалните бракови.