1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Храната во Германија сѐ поскапа - и допрва ќе поскапува

ЖА / Тагесшау
15 февруари 2022

Според прогнозите на германските експерти, храната оваа година може да поскапи за седум проценти. Тоа дополнително ќе ја зголеми годишната стапка на инфлација во земјата.

https://p.dw.com/p/472TK
Statistisches Bundesamt gibt Inflationsrate bekannt
Фотографија: Demy Becker/dpa/picture alliance

Експертите од Институтот за економски истражувања ифо од Минхен, очекуваат нагол раст на цените на прехранбените производи во текот на годинава. „Според нашите истражувања, повеќе од две третини од производителите на храна планираат натамошни поскапувања во наредните месеци“, изјави шефот на економскиот оддел на институтот, Тимо Волмерсхојзер во интервју за весникот „Велт“. Тоа е најголем скок во последните 30 години, односно од повторното обединување на  Германија. „Затоа цените на храната веројатно ќе бидат клучен двигател на  инфлацијата оваа година“, вели научникот.

Институтот ифо очекува оваа година  цените на животните продукти да пораснат за седум проценти. Поради тоа истражувачите на економските движења својата прогноза за вкупната стапка на  инфлација во Германија ја подигнаа на четири проценти.

Сиромаштија на старост

Цените на производството пораснале за 22 проценти

„Поскапувањата во продавниците допрва почнуваат. Цените на производството нагло растат, што на крај влијае и врз потрошувачките цени. Тоа ќе биде посебно видно по следната жетва. Ни претстои ценовен шок“, вели Кристијан Јанце од консултантската фирма „Ернст и Јанг“.

Последните пресметки на Германскиот сојузен завод за статистика покажуваат во колкава мерка производителите ги подигнале цените на земјоделските производи во последно време: тие во декември лани во просек се зголемени за 22 проценти. „Тоа е најголем пораст во однос на истиот месец во претходната година уште од јули 2011 година“, наведуваат статистичарите. Растителните производи, на пример, поскапеле за 29 проценти, а продуктите од животинско потекло за 17 проценти.

Лоши жетви

„Растот на цените на растителните производи делумно е последица на скокот на цените на житариците во јули 2020 година“, истакнуваат од Заводот за статистика. Големата побарувачка од  Германија  и од странство, со истовремено послаба жетва, се главни причини за тоа.

Енормниот пораст на цените на маслената репка за 68 проценти, статистичарите го објаснуваат со фактот што таа се користи и за производство на енергија, а во услови на намалена понуда во светот, се регистрира и голема побарувачка.