1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Цените ќе се одмрзнат, но ќе се ограничи маржата

ДТЗ
16 февруари 2022

Владата бара начин како да не се зголемуваат цените во услови на криза. Цените ќе бидат замрзнати до крајот на месецот, по што се размислува за ограничување на маржата на трговците.

https://p.dw.com/p/476AW
Supermärkte Supermarkt Einkaufswagen
Фотографија: picture-alliance/imageBROKER

Мерка за замрзнување на цените ќе важи до крајот на февруари. Потоа место замрзнување на цените кај основните прехранбени продукти, се размислува за ограничување на маржата на трговците, со цел да се спречи нивно зголемување, најави министерот за економија, Крешник Бектеши. 

Тој најави дека во наредните десетина дена ќе имаат директни средби со сите засегнати страни, посебно производителите и трговците со прехранбените производи кои се наведени во одлуката за замрзнување, за да се изнајде начин да не се зголемуваат цените.

„Најверојатно ќе се оди со дефинирање маржи и во трговијата на големо и на мало имајќи предвид дека во делот на производите што ги произведуваме домашно секако може да се интервенира, но ние сме приметиле дека и тие производи кои се увезуваат, кај нив генерално има поголемо зголемување на цените. Затоа најверојатно ќе се оди со опцијата на маржите“, вели Бектеши.

Владата на почетокот на декември 2021 ги замрзна цените на основните прехранбени продукти до крајот на јануари 2022, а потоа мерката ја продолжи и до крајот на февруари. Мерката предвидуваше замрзнување на цените за леб, шеќер, брашно – тип 400, сончогледово масло за јадење, трајно млеко со масленост од 2,8, 3,2 и 3,5 проценти, свежо месо и сувомеснати производи, сирење, урда, ориз, јајца и тестенини. Со тоа највисоките цени за овие продукти требаше да останат на нивото на редовните цени кои се применувале на 1 декември 2021 година, во трговијата на големо и трговијата на мало.