Чекалниците полни, лекари ни за лек
6 јули 2018Флорина Венера има само 11 години. Потекнува од местото Бунешти во централна Романија. Пред седум години ѝ е дијагностициран рак на коски во ногата. Флорина била оперирана. Сега, години подоцна, мајка ѝ Адријана Русу е повторно загрижена, зашто ќерка ѝ се жали повторно на болки во ногата.
Она што ја зајакнува загриженоста е фактот што последниот преглед на Флорина бил во 2014 година. Мајка ѝ вели дека воопшто не знае каде сега би требало да оди, зашто матичниот лекар, кој би можел да ѝ даде упат на Флорина за онколог ја затворил својата ординација минатата пролет. Замена досега не е најдена.
Бунешти, ако се мери според западни критериуми, и онака не е многу надежно место за семејството. Двајцата родители, двајца браќа, Флорина и сестра ѝ, која е бебе, живеат во еднособен стан. Улицата не е асфалтирана. Цевките за гас не функционираат. Семејството одвај преживува. Приватно здравствено осигурување е незамисливо.
Семејството оди на лекар во 30 километри оддалеченото место Сигишоара. Но, дотаму нема автобус. Единствена можност е да се изнајми автомобил, што би чинело околу 20 евра. Тоа за повеќето луѓе овде е вистинско богатство.
Подобри шанси некаде на друго место
Недостигот од медицински персонал во Романија и во соседна Бугарија е очигледен. Илјадници лекари, медицински сестри и друг медицински персонал од двете држави живеат и работат во странство - во западноевроспките земји или други краеви на светот.
Бројките велат: од 2007 година 45.000 вработени во здравството побарале сертификат за да можат да работат во странство. Околу 14.000 лекари од Романија и речиси 50.000 медицински сестри и негуватели веќе побарале работа во друга држава. Во Бугарија секоја година земјата ја напуштаат околу 450 лекари и околу 1000 медицински сестри. Сите бараат подобро платена работа во Западна Европа.
Притоа, само на прв поглед станува збор за пари. Медицинарите бегаат и од здравствениот систем кој веќе не функционира, во кој повеќето вработени се хронично преработени и мора да живеат со тоа дека во многу места недостигаат лекови и други материјали.
Една од нив е Гергана Георгиева. 31-годишната лекарка интернист уште во 2012 година донесла одлука да ја напушти татковината. Непосредно по дипломирањето доаѓа во Германија. „Во тоа време на ваква шанса се чекаше околу 2 години“, раскажува таа. Уште додека специјализирала во Германија заработувала по околу 2500 евра. Во Бугарија за тоа би добивала по околу 200 евра.
Но условите за младите лекари оттогаш се малку подобрени. Сепак, дури и ако признава дека нејзиниот работен ден како лекарка во Германија е многу долг, Георгиева не доаѓа на идеја да се врати дома. Зашто знае - здравствениот систем во Бугарија нема доволно финансии, насекаде недостига персонал, а корупцијата остава свои траги. Не, младата жена не сака да се врати во Бугарија.
Германија за пример
„Медицината е чесна професија. Не треба да се сведува на претприемништво“, вели интернистката за ДВ. „Ми се допаѓа тоа што во Германија има стриктни прописи, има многу добра медицинска снабденост, а и рамковните услови во нашата болница се одлични.“ Егзодусот на младите медицинари од Бугарија придонесува за постојано влошување на состојбата. Притисокот врз системот кој и онака е на работ на колапс, се зголемува и натаму. Тоа е ѓаволски круг.
Назад во Романија. Адина Лариу е менаџер на болницата во Рупеа. Во местото живеат околу 5000 луѓе. Но, клиниката е надлежна и за жителите на Бунешти. Откако матичната лекарка ја затвори својата ординација во Бунешти, чекалниците во болницата во Рупеа се често преполни. Двете болнички возила се почесто на интервенција.
Клиниката во Рупеа е полна и итно ѝ се неопходни лекари. Лариу вели дека има повеќе работни места кои се непополнети со години. Во нужда мора да се викаат пензионирани лекари. Или да се ангажираат лица на определено време кои поседуваат соодветна квалификација.
Болницата мора да се помири со ситуацијата. Операционата сала шест години била практично надвор од употреба, поради тоа што немало доволно анестезиолози. Во меѓувреме повторно се оперира, но само на празници или на викенди, кога во болницата може да дојде анестезиолог кој е ангажиран на определено време. Недостигот од персонал го предизвикуваат оние што се иселуваат, вели шефот на клиниката Лариу. Тој не можел да ги задржи лекарите кои си заминуваат.
Матични лекари - вид на изумирање
Во Романија традиционално базата на здравственот систем ја сочинуваат матичните лекари. Тие се грижат за своите пациенти, ги упатуваат потешките случаи кај специјалисти. Но, матичните лекари се вид кој изумира. Во моментов во Романија работат 11.250 матични лекари. Тоа се 25% помалку од пред седум години, велат податоците на романското Здружение на матични лекари. И, само малку медицинари одбираат да станат матични лекари.
Кризата особено се чувствува во селските региони. Половина од 20 милиони жители на Романија живеат на село, но тие луѓе се згрижени од само 38% од матичните лекари. Во селските региони речиси и нема болници, а и кога ги има, тие се застарени и се во лоша состојба.
Во соседна Бугарија недостигот од медицински персонал се чувствува веќе на периферијата на главниот град Софија.
Иван Иванов, невролог повеќе до 30 години, раководи со единствената болница во Горна Орјаховица. Градот со своите 30.000 жители се наоѓа на северот на Бугарија. „Не се работи само за разликаа во платите, која е значителна, туку и за тоа да се најдат подобри услови за рбааота, да се има шанси за кариера. И, се работи и за тоа да се напредува во струката“, објаснува Иванов.
Многу лекари овде имаат повеќе работи за да си го одржат животниот стандард. Недостигот се решава и на тој начин. Секоја недела Иванов оди во три соседни места за да посети пациенти.
Решенија?
Просечната возраст на лекарите во неговата болница е од 55 до 60 години. Една третина од медицинските сестри веќе ја има поминато границата за пензионирање. Само двајца лекари се на возраст под 30 години. „Недостиг има во секој оддел“, вели Иванов. Особено тешко меѓутоа е на одделнието за интензивна нега и на оддлението за новороденчиња.
Во интернистичкото одделение главната лекарка Јорданка Друмева со своите 60 години е дури и најмлада од тројцата лекари. Нејзините лекари се на возраст од 64 и 65 години. „Многу сум загрижена. Ако се одлучам да заминам во пензија, ќе имаме проблеми со пополнување на работните места“, вели Друмева. „Ниту еден млад лекар не сака да работи во болница во мал град како што е нашата.“
Оваа репортажа е направена како дел од програмата „Reporters in the Field“, која е поддржана од фондацијата „Роберт Бош“.