1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Четирите ѕида не го „убиваат“ духот на Борјан

Костадин Делимитов13 мај 2016

Дојче веле во домот на Ефтимови. Битката за правда е посилна од домашниот притвор на младиот студент, кој само сака да живее во држава каде законот е еднаков за сите!

https://p.dw.com/p/1Ik9c
Фотографија: Kostadin Delimitov

Вербата во право и правда го мотивираа да студира на Правен факултет, битката за праведност и еднаквост, иронично или неправедно, го затворија во четирите ѕидови од неговиот дом. Детската соба, книгите и компјутерот деновиве се главниот свет на Борјан Ефтимов, младиот студент, кој „настрада“ во избликот на револт од она што се случува во Македонија. Фокусиран главно на книгата, но и на социјалните мрежи ги „ситни“ деновите од домашниот притвор кој го заработи заради учество во толпа за време на протестите против одлуката за аболиција од страна на претседателот Ѓорѓе Иванов. Тешко е вели, но мора да се издржи:

„Не е лесно кога си затворен дома. Учам, читам, благодарение на интернетот, социјалните мрежи и дел од медиумите се информирам за она што се случува. Но чувствувам нервоза што ете ги оставив моите другари таму надвор да протестираат, што не можам да им помогнам. Две години бев со нив и сега кога е најмасовно јас сум затворен дома.

Пробувам да го надополнам загубеното од студиите бидејќи не присуствувам на предавањата. Социјално сум активен, пишувам, но колку може тоа да се прави од дома. Ми пристигнува поддршка од секаде и тоа многу ми помага да го издржам притисокот“, вели Борјан.

Mazedonien Proteste in Skopje
Фотографија: BIRN/Prizma

ЈО ја блокира постапката

Борјан е се` уште во притвор иако самиот го признава делото и се јави во полициска станица. Првичните осум, во меѓувреме се надополнија со дополнителни 30 денови. Клучниот проблем е што јавното обвинителство е се` уште глуво и не го удостојува да даде исказ со кој би го признал делото:

„Сакам да го признаам делото меѓутоа јавното обвинителство намерно или ненамерно ме избегнува затоа што ако ми го дозволи тоа нема да има основа за мерка притвор. Но со тоа само покажуваат дека се во прангите на режимот и дека нема владеење на правото во нашата држава. Од една страна јас како студент сум притиснат и ставен во една подолна положба од на пример политичарите кои со години крадат во оваа земја. Иронично, но тие шетаат на слобода и се аболицирани од страна на претседателот. Тоа фрустрира и затоа се протестите“.

Протестите продолжуваат

Играта на институциите ја револтира и Елена, мајката на Борјан која јавно застана во одбрана на своето дете и го повика судот да суди по закон за правдата да победи. Не и е лесно поради се` што се случува, но е горда на својот син:

„Воопшто не е лесно за секој родител чие што дете му е попречено движењето. Секој млад човек кој има обврски и треба да ужива во животот, социјалниот живот да му биде на едно повисоко ниво, а не ограничено. Но знам дека е на вистинската страна и ќе се избори со тоа и од ова ќе излезе посилен и ќе си покаже себеси дека се не е лесно. Се надевам дека правдата ќе победи и не само што нема да се покае за ова туку ќе го смета за еден плус во животот. Ми значи што поддршката е огромна, но сметам дека секој родител би го направил истото, ќе го поддржи своето дете посебно во ситуација кога е во право и ќе му покаже и со личен пример дека е во право. Навистина не очекував толку голема поддршка, од луѓе што не ги познавав а сега ми станаа пријатели, буквално од секаде и во странство. Драго ми е што на многу луѓе им значи оваа наша т.н. борба и ја поддржуваат и се спремни да истрајат до крај“, вели Елена.

Нова мотивација

Четирите ѕидови сепак не го „убиваат“ духот на Борјан, напротив, го мотивираат да продолжи засилено да се бори за правдата за која верува дека ќе победи:

„Ова се` што ми се случува ме мотивираше бидејќи ми покажа дека сум на вистинска страна, дека се борам за вистинските вредности. Кога диктаторот и тоталитарниот режим те напаѓа значи дека си на страната на вистинските вредности. Верувајте дека е разочарувачки кога од 8 до 16 часот на факултет учиш за владеењето на правото и дека сите се еднакви пред законот, но кога потоа ќе дојдеш дома ќе сфатиш дека се` тоа е лага. Не знам и претседателот како поранешен професор, како мисли да се врати на тој ист факултет кога ги прекрши сите принципи на владеење на правото и темелните вредности. Сепак, јас верувам во правото и правдата и ќе продолжам да се борам за неа бидејќи сметам дека нашата држава тоа и го заслужува“, нагласува Борјан.

Ведриот дух на овој млад човек кој знае дека не е осамен во битката инспирира и мотивира безрезервна поддршка, не само од неговите другари кои секојдневно протестно маршираат и во негово име. Дополнително и позитивната енергија која и покрај се` доминира во домот на Ефтимови. Расположен и насмеан Борјан ме испраќа до влезната врата од неговиот дом, до таму впрочем и смее да се движи, барем до 26 мај. Наредниот пат, здравје вели, се гледаме на улица!