Моќта на добриот дизајн против неправдата
7 мај 2016„Хулиганка“ – петомајска. „Шарена револуција“. СЈО со лицата на обвинителките. Ова се само дел од дизајните кои може да се видат на маици, чадори, беџови на протестите кои се одвиваат секој ден во шест часот. Низ Македонија деновиве оние што се во бизнисот на печатење материјали, имаат многу работа, откако граѓаните масовно самите си прават маици со нивното омилено лого, кое праќа порака за борбата која ја водат. Претходно, на Интернет, познати дизајнери, бесплатно споделија свои дизајни инспирирани од „Шарената револуција“, поддршката за Специјално јавно обвинителство, како и од епитетите на власта за демонстрантите како хулигани.
Уметникот Ване Костуранов, чиј дизајн за маица е меѓу најпопуларните кај демонстрантите, вели дека колку и да звучи парадоксално, тоа што се случува на протестите го потсетило на неговата последна изложба „Улица Љубов”, особено на една од сликите.
„На сликата еден шарен облак ги обојува сивите куќички одоздола. Деновиве „Шарената револуција“ ми се чини е шарениот облак кој го обојува сивилото што ни се случува изминатите неколку години. Ја ставив сликата како кавер на мојот профил на Фејсбук да изразам лична поддршка на Шарената револуција. Набргу потоа ми пишаа неколку луѓе замолувајќи ме сликата да ја прилагодам за маица за да можат да си ја испечатат, па така ја направив достапна за сите“, вели Костуранов.
Според него, моќта на протестите е во енергијата со која луѓето го изразуваат револтот. Дизајните или пораките се појавуваат спонтано како резултат на таа енергија.
„Луѓето се препознаваат во одреден дизајн и пораката што ја праќа, па затоа и толку маици се печатат деновиве. Но она што ги мобилизира луѓето уште помасовно да се приклучат на протестите е желбата за правда, за еднаквост, за слобода“, додава тој.
Брендирање на незадоволството
Но колкава е моќта на добриот дизајн од аспект на мобилизација на луѓе кои ќе се приклучат на протестите? Дали постои опасност од брендирање на „револуцијата“ и нејзино деполитизирање?
Според Жанета Трајкоска, директорката на Високата школа за новинарство и односи со јавност, комуникациски, брендирањето на „Шарената револуција“ и на „Протестирам“ е добро, затоа што на тој начин не само што се шири идејата за активирање на граѓанството, туку, тоа претставува и идентификација на луѓето кои се поврзуваат околу исти вредности - за демократија, еднаквост и правда во општеството.
Според неа, во услови која медиумскиот простор е заземен од партиско-политичките фигури, а вестите примарно се фокусираат кон тоа што партиите и општествените елити им го сервираат на дневна основа, протестирачите немаат многу алатки со кои можат да допрат до пасивизираното граѓанство, освен преку социјалните мрежи и испраќање пораки на ваков начин - со колективна идентификација околу главните симболи и пораки на движењето.
„Хоризонталната поставеност на #Протестирам значи дека сите што протестираат треба да ја шират идејата и да придонесат за окрупнување на движењето, а уметниците тоа го прават на свој начин, преку логоа, визуелен израз, препеани песни, слики, фотографии, текстови... Не е ништо страшно дури и главните пораки - дека #Протестирам е прво лице еднина и дека додека нема правда нема да има мир, благо да се комерцијализираат, бидејќи во ситуација кога државата ни е киднапирана, нема друг начин на кој може да се допре до поголем број луѓе, да се пренесе пораката, да се омасови движењето и да се одржи континуитет на протестите“, смета Трајкоска.
Графичкиот дизајнер, Небојша Гелевски – Бане чиј дизајн за поддршка на СЈО често ќе го видите на протестите, вели дека идеите навираат сами при „надразбите“ од неодговорно владеење, криминал и корупција и поклопување на институциите од партијата на власт.
„И како граѓанин и како дизајнер го кревам мојот глас против неправдата преку јазикот кој го зборувам – графичкиот дизајн. Лого, дизајн за маица, беџ, визуелен пост за Facebook, Twitter е моќна порака која полесно и побрзо се шири, зашто е визуелизирана. Но, ваквите дизајни имаат моќ и да покренат дебата на социјалните мрежи, што е неизмерно важно.
Дизајнирањето на револуцијата продолжува
Барањето правда за сите е од интерес за сите граѓани и оттаму многу уметници и графички дизајнери ги споделија своите дизајни за слободно преземање. Граѓаните се самоорганизираат и го пренесуваат дизајнот од „дигиталниот свет“ на протести на улица, па дизајните од #протестирам и #шаренаРЕВОЛУЦИЈА ги видовме во Скопје, во десетина градови низ Македонија, дури и во Њујорк, Канбера, Париз, Берлин, Мелбурн“, вели Гелевски.
„Хулиган, петомајски“ на дизајнерот Зоран Кардула е веќе многу популарна маица. Идејата за дизајнот се родила после едно интервју на поранешниот премиер, каде сите тие што учествуваа на протестот на 5-ти мај минатата година тој ги нарече хулигани.
Кардула го споделил дизајнот на социјалните мрежи по што веднаш од граѓаните добил барање да направи дизајн и во женски род за „хулиганки“. Веќе следниот протест бил преполн со „хулигани“ и „хулиганки“.
„Потоа следуваа неколку дизајни со Шарената Револуција и со Г- ѓата Фатиме Фетаи. Очигледно е дека добриот дизајн има моќ. Видете само колку луѓе доаѓаат на протестите со маици и мои постери кои имаат конкретна порака, кои гордо ги носат, а јас уште погорд дека им се допага дизајнот. Многу мои колеги ја покажаа својата инвентивност. Добриот дизајн можеби нема да мобилизира повеќе луѓе да доаѓаат на протестите.Тоа се луѓе кои се за многу конкретна цел на улица.Свои и непоколебливи.Но добриот дизајн секако буди симпатии и на свој начин ја шири приказната за која се наменети“, вели Кардула.
Дизајнерите велат дека ќе продолжат да дизајнираат за „Шарената револуција“, силно верувајќи дека Македонија и македонските граѓани ќе видат дека во земјата, може и мора да има правда.
„Ги повикувам сите дизајнери и уметници да дадат поддршка за Шарената револуција, споделувајќи ја својата креативност и присуството на протестите, како еден од начините за барање правда и одговорност од тие на власт“, вели Небојша Гелевски – Бане.