1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што сака Макрон на Балканот

26 октомври 2019

На крајот на август Макрон од француските амбасадори побара да се фокусираат и на Западен Балкан, за неговата „судбина да не биде одлучувана од САД, Русија и Турција“. Два месеци подоцна се откажа од тоа што го бараше

https://p.dw.com/p/3RyYJ
Brüssel | Zweiter Tag des EU Gipfel | Emmanuel Macron
Фотографија: Reuters/J. Geron

Оставете ги настрана контрадикторните изјави на францускиот амбасадор Кристијан Тимоние, кој нервозно се поместуваше во столицата обидувајќи се да му даде некаков контекст на француското вето за Македонија во Брисел. Тие се бескорисни, затоа што не посочуваат на суштината на постапката на претседателот Емануел Макрон. Тие се бескорисни, затоа што амбасадорот, трагајќи по начинот како да ги минимизира извешатите на Европската комисија нив ги нарече „интересно четиво“ (истата таа Комисија за која неговиот претседател се избори Франција да го има најголемото портфолиот во новиот состав). Тие се бескорисни затоа што се  контрадикторни со ставот на Макрон по бриселскиот самит.  Тимоние сега зборува дека биле „маркетиншки трикови и нереални очекувања“ оти Македонија ќе добиела датум за преговори поради Преспа, а немала доволно реформи.

Макрон во Брисел не спомена ниту една од овие работи кои сега Тимоние сака да ги вметне во некаков контекст. И во тој контекст сака да стави многу мала рамка за Преспанскиот договор. Истиот тој договор кој Макрон го квалификува како неверојатно постигнување.  Макрон беше осамениот лидер  кој ја отфрли Македонија, а беше поддржан само уште од Данска и Холандија во одбивањето на Албанија. Макрон ја бранеше својата позиција со аргументите дека целиот процес на проширување треба да доживее реформи пред други земји да го почнат макотрпниот пат на преговори. Тој побара трпение од аспирантите ЕУ да се реформира. Не зборуваше за она околу што Тимоние сака да се врти – наводно неспроведените реформи, туку го кажа буквално ова:

„Нам ни треба реформирана Европска Унија и реформиран процес на проширување, реална кредибилност и стратегиска визија кои сме и нашата улога“. И побара од Македонија и Албанија да причекаат додека ЕУ се подготви.

Дипломатска „пресметка“

Во една несекојдневна дипломатска „пресметка“ двајца амбасадори од земјите најблиски соработници на Франција на своевиден начин ги раздробија на ситни парчиња ламентациите на Тимоние. Германскиот амбасадор Томас Герберих, еден ден пред прес-конференцијата на Тимоние го изјави ова: „Северна Македонија не заслужува ништо помалку од целосно членство во Европската Унија“. Ден по прес-конференцијата, холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп, побрза да ја отстрани злоупотребата на неговата земја, па рече вака: „Холандија смета дека Северна Македонија е подготвена за почеток на преговорите за влез во ЕУ и покрај другите внатрешни размислувања во ЕУ кои се надвор од нејзина контрола“.

Според повеќето извештаи многу од европските лидери ги слушале со неверување ставовите на Макрон во шестчасовната дебата бидејќи францускиот претседател долго време ја убедува Европската Унија да размислува стратешки и да оди подалеку од внатрешните расправии. Целосно е разбирливо дека Тимониемора да најде начин да ја одбрани позицијата на Макрон и да го ублажи големото овдешно разочарување во Франција, но не е сосема разбирливо целата вина да ја префрли врз нас, па дури и кон други земји членки кои давале „нереални очекувања“.

Deutschland Westbalkan-Gipfel Merkel und Macron
Емануел Макрон и Ангела Меркел - на различни позиции за Западен БалканФотографија: Reuters/M. Sohn

Да ја оставиме настрана и  притаената опозициска радост за француското вето(кај некои тоа предизвика дури и егзалтација) и моменталната заслепеност од тоа дека рампата на Макрон за нив може да значи ветер в грб на априлските избори. Тоа е кусогледо радување затоа што рамката во која што Франција се обидува да ги стави шесте земји на Западен Балкан во основа ќе значи уште најмалку 30 години (како што вели Јоханес Хан) тие да останат во предворјето на ЕУ. Тогаш ниту еден од овие опозициски политичари кои сега притаено се радуваат веројатно нема да бидат во политиката. А кој знае и каде ќе биде земјата.

Кога Жан-Клод Јункер изјави дека ветото на францускиот лидер е „историска грешка“, а Доналд Туск зборуваше дека се чувствува „засрамен“ поради тоа што ЕУ не ги оствари своите ветувања, Макрон ја бранеше својата одлука со зборовите: „Ова е спор околу визијата“.

Визијата за западното јадро

Како што забeлежува извонредниот бугарски аналитичар, Димитар Бечев, овој спор навистина е околу визијата. Бечев во колумната за Ал џезира потсетува дека оваа Макронова визија оди назад во годините на претседателството на Франсоа Митеран. Тој имаше визија во 1990-тите новите источноевропските демократии, штотуку излезени од комунистичкиот шинел, да ги задржи на границите на ЕУ и со нив Унијата да води бизнис и да соработува, но тие да не припаѓаат на „вистинскиот европски внатрешен круг“. Најпосле, Митеран мораше да попушти под притисокот на земјите основачи на блокот дека „враќањето во Европа“ на Чесите, Полјаците, Унгарците и другите е историски неопходно за остварување на европската визија како заеднички континент на сите, а не Унијата да се изолира како мало себично јадро на западните демократии.

Оваа паралела на Бечев на визијата на социјалистот Митеран со визијата на министерот во социјалистичката влада на Франсоа Оланд, Макрон, извонредно покажува дека многу работи остануваат исти во француската политика. И сега слична визија треба да се примени кон најсиромашните и најранливите на европскиот континент, за кои е најлесно да се примени силата на ветото. Наводното привилегирано партнерство што Франција сака да им го понуди на шесте земји, за кое многу новинари останаа изненадени слушајќи такви навестувања од амбасадорот Тимоние, не е ниту ново, ниту спектакуларно. За тоа повеќе пати пишувавме во рамките на оваа редовна колумна. Ќе беше пофер доколку Тимоние ѝ посочеше на јавноста да ја отвори официјалната страница на амбасадата и да го прочита ваквиот француски предлог кој е разработен во неколку точки.

Оваа француска стратегија за Западен Балкан Емануел Макрон ја објави на 30 април оваа година, еден ден по самитот во Берлин меѓу него, Меркел и шесте западнобалкански лидери, на кој не беше понудено ништо значајно освен срдечни ракувања и нејасни ветувања. Оваа стратегија има четири главни мерки – економски и социјален развој преку интеграција на Француската агенција за развој (АФД), безбедност, правосудство и одбрана. Во економскиот дел годишната помош од АФД треба да изнесува од 100 до 150 милиони евра, главно за енергетска и еколошка транзиција со искуство на француски експерти. Безбедноста ќе биде за спречување на трговијата на мало огнено и лесно оружје, разузнавачки активности и борба против тероризмот и радикализацијата. Во правосудството акцентот е ставен на техничката соработка во борбата против треговијата со дрога и против организираниот криминал и корупцијата. А во рамките на одбраната ќе биде зголемена понудата на обука за офицери од Западен Балкан во француските училишта за обука и вклучување на овие земји во заеднички операции во странство.

Други колумни од авторот:

Бескрајна сапунска опера

Кинеската мрежа на Балканот

Одмаздата и казната во ЕУ... и Македонија

Ништо повеќе од она што веќе го има во Берлинскиот процес. Но има една значајна разлика. Во оваа француска стратегија за Западен Балкан никаде не се споменува зборот проширување на ЕУ, Туку само на едно место се наведува дека оваа стратегија е за „поддршка на приближувањето на регионот кон Европа“. Но, не и членството во ЕУ.

Се разбира дека ова навраќање на Франција на регионов по 20 години треба да се поздрави, но ако тоа значи регионот да остане соседство на ЕУ (како енклава во средината на самата Унија), како што индиректно навести Макрон, тоа е лош знак за регионот. Оваа стратегија не е замена за членство. Тоа е, всушност, алиби визија за шесте земји што останаа надвор од ЕУ засекогаш да останат таму.

Лошиот полицаец

Има многу шпекулации зошто Франција наеднаш посака да ја игра улогата на „лош полицаец“ на Балканот откако 20 години не беше присутна во него и откако многу десничарски влади во Париз не се противеа на отворање на преговори со неколку земји. Едната е што проширувањето е непопуларно во Франција и тоа се навраќа на сеќавањата на неуспешниот референдум за европскиот устав во 2005 година. Центар на тогашната кампања беа отворањето на преговорите со Турција и „полскиот водоводџија“, како персонификација за тоа што може да донесе проширувањето. Втората причина е што Макрон уште на почетокот на мандатот најави дека негова амбиција е да ги реформира европските институции влегувајќи во непријатна дебата со Берлин. Третата е што Франција мисли дека борбата против корупцијата и владеењето на правото во шесте земји не е блиску до европските норми.

Mazedonien Ljupco Popovski
Љупчо ПоповскиФотографија: Petr Stojanovski

Нејасно е зошто Макрон се откажа од делот на својот познат визионерски говор за иднината на Европа и местото на Франција од септември 2017 година на Сорбона во делот за Западен Балкан, чија европска перспектива посебно ја спомена. Лани во мај на самитот во Софија тој направи голем чекор назад изјавувајќи дека нема да има проширување пред ЕУ да се продлабочи внатре самата. Едно од објаснувањата беше стравот од политиките на популистите во Франција. Најпосле, тоа не му донесе нови гласачи на европските избори – нив тесно ги изгуби од екстремната десница на Марин Лепен.

На крајот на август во долгиот говор на конференцијата на француските амбасадори, Макрон побара од нив да се фокусираат и на Западен Балкан, посебно на Србија. „Да се има европска стратегија, исто така, значи да се мисли на европските граници, нашите соседи кои навистина нѐ сакаат и каде што треба да инвестираме за да не дозволиме неевропски земји да преземат акција место нас. Ако не се случи тоа, судбината на Западен Балкан ќе биде одлучувана од САД, Русија и Турција. Морам да признаам дека Германија таму има многу поефикасен и постратегиски пристап отколку ние. Би сакал да ги релоцираме средствата во овој простор и да станеме многу поефикасни“, им рече Макрон на амбасадорите, меѓу кои веројатно беше и Кристијан Тимоние.

Политиката на проширување беше една од суштинските функции на ЕУи сега Макрон во еден „политички вандализам“ (како што некои го опишаа) ја уби без да биде понудено ништо значајно за балканските соседи. Едно време Макрон се покажуваше себеси како најжесток противник на Виктор Орбан и неговата илиберална демократија. Наеднаш, поради непредвидливи интереси, Макрон почна да се здружува со него и со другите илиберални лидери. Меѓу нив и Александар Вучиќ.  А нацијата која е најпроевропска на Балканот, Македонија, ја отфрли без ни грам жалење.

Во овие две години Емануел Макрон научи неколку тешки лекции за дипломатските амбиции - последната кога сфати дека неговиот обид да ги седне на маса Доналд Трамп и иранскиот претседател Хасан Рухани во Обединетите нации е лоша идеја откако тоа не успеа. Или кога ги алиенираше односите со моќните економии на нордиските земји и Германија верувајќи дека неговите предлози за новата Европска Унија гарантираат сигурен успех. Голем дел од тие предлози останаа само идеи. Тоа не значи дека не се добри, дека немаат стратешка промисленост, само што пристапот за нивно остварување изгледаше прилично бонапартистички. Со тврдоглавото вето за Македонија наспроти другите 27 членки тој се најде осамен. Макрон вели дека сака да се бори со „тиранијата на мнозинството“. Но дали е тоа добро конципирана надворешна политика  и стратегија или постапки кои произлегуваат од моментот?

Понижувањето со неговиот кандидат за еврокомесар Силви Гулар, беше тешка лекција за Емануел Макрон. Дел од неговата одмазда беше ветото за Македонија. Дел е обидот да се ампутира европската рака кон земјите аспиранти за членство. Нема сомение дека додека гасне моќта на Ангела Меркел, а Британија заминува од ЕУ, Емануел Макрон се обидува да го искористи вакуумот и да се претстави како де факто лидер на надворешната политика на Унијата. Но, дали односот кон Балканот е надворешна или внатрешна политика? На половина од мандатот можеби неговиот најголем страв е Франција да не ја откаже љубовта на неговото претседателство, како што пред четириест години му се случи на еден ист таков млад, рефоматорски и технократски претседател – Валери Жискар Дестен.

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар