1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

Продолжен притворот на Јордан Камчев

ДТЗ
12 октомври 2021

Кривичниот суд по барање на обвинителството му го продолжи притворот на затворена седница. Адвокатите се незадоволни што не се прифаќа понудената кауција и се загрижени за неговото здравје.

https://p.dw.com/p/41Z7A
Nord-Mazedonien |  Orce Kamcev, mazedonischer Unternehmer
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Кривичниот суд на затворена седница за 30 дена го продолжил седуммесечниот притвор на бизнисменот Јордан Камчевза кој во вторникот продолжи судењето за „Плацевите на Водно“. Ваквата одлука е донесена на 8 октомври, по барање на Обвинителството да се продолжи неговиот притвор за уште 30 дена. Тој изминатиов период во неколку наврати понуди кауција во замена за куќен притвор, но судот не ги прифати понудените гаранции.

Адвокатите на Камчев тврдат дека судските органи во Северна Македонија ги прекршуваат одредбите на Европскиот суд за човекови права. Тие во повеќе наврати изразија загриженост дека властите не успеале да дадат конкретни причини за продолжување на неговиот притвор и се незадоволни што не се прифатени неговите барања со кауција да биде префрлен во домашен притвор. Тие тврдат дека неговото здравје е нарушено и се загрижени за условите во Затворот Скопје. 

„Затворената седница за продолжување на притворот на Камчев без да се информира неговиот правен тим и без обвинение, е срам“, велат од адвокатската канцеларија Менкиноски. 

Во текот на летото, Камчев се жалеше на влошена здравствена состојба и беше префрлен во болница. Тој беше вратен во затворот во Скопје неколку дена подоцна, но адвокатите тврдат дека тој сè уште страда од сериозни, долгогодишни проблеми со кардиоваскуларното здравје. 

Камчев заврши во притвор на 14 март 2021 како осомничен во случајот „Плацови на Водно“. Мерката беше побарана откако Обвинителството доби белешка од Агенцијата за национална безбедност (АНБ) дека бизнисменот се подготвува за бегство. Од АНБ во септември годинава брифираа дека во случајот Камчев е „се документирано“, и појаснија дека целосната документација за случајот веќе била презентирана и пред собраниската комисија, која немала никакви забелешки. 

-повеќе на темата: Невработениот Груевски со партиски пари купувал приватни имоти, тврди обвинителството

Во истрагата за „Плацовите на Водно“, покрај Камчев, осомничени се и експремиерот Никола Груевски, Сашо Мијалков, кумот на Груевски, Ристо Новачевски, мајката на Камчев, Ратка Камчева. Предметот се однесува на тоа дека со пари од членарина и партиски донации за ВМРО-ДПМНЕ биле купувани атрактивни плацови на Водно. Станува збор за земјиште од 11 000 квадратни метри и сума од 1,3 милиони евра.