Јункер: Партијата на Орбан треба да ја напушти ЕПП
20 февруари 2019Претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер смета дека партијата на унгарскиот премиер Виктор Орбан би требало да ја напушти Европската народна партија (ЕПП).
Невообичаено остриот коментар Јункер го изнесе во германскиот град Штутгарт откако унгарската влада претстави нов плакат (насловна фотографија) со кој ги обвинува Јункер и американскиот филантроп со унгарско потекло Џорџ Сорос дека сакаат да ја преплават Унгарија со мигранти.
„Против лаги не можете да сторите многу“, изјави Јункер и додаде дека германскиот политичар Манфред Вебер, кој е избран за главен кандидат на Европската народна партија за претстојните избори за Европскиот парламент, би требало да се запраша дали му е потребен гласот на Фидес.
Повеќе:
-Орбановата Европа - со мајчински додаток и божји благослов
-Орбан влегува во „финална битка“
-Конечно еден бегалец кој е добредојден кај Орбан
Во редовите на ЕПП, во која се собрани европските демохристијански и партиите на десниот центар, сѐ погласни стануваат повиците за исклучување на Фидес, поради нејзината остра антимигрантска кампања.
Партијата на премиерот на Унгарија, Виктор Орбан е силна во Унгарија, што значи дека ќе освои голем број пратенички места на изборите за Европскиот парламент во мај годинава. Нејзиното исклучување значително би ја ослабело Европската народна партија, која во актуелниот состав на Европарламентот има најголем број пратеници.