1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Медиуми

Русија му се закани на Јутјуб со блокада

ЕМФ
29 септември 2021

Русија му се закани на Јутјуб со блокада поради тоа што видео-платформата ги блокираше каналите на германски јазик на рускиот медиум РТ. Руското МНР размислува и за воведување санкции против германски медиуми во Русија

https://p.dw.com/p/412T0
Screenshot Youtube Diese Seite ist nicht verfügbar
Фотографија: youtube.com

Русија на блокада одговара со закана за блокада - платформата Јутјуб би можела да биде делумно или целосно блокирана, соопшти агенцијата за надзор на медиумите Роскомнадзор. Агенцијата му испратила писмо на Гугл (концерн мајка на Јутјуб) во кое бара „најбро што е можно“ да бидат укинати сите ограничувања во врска со РТ. Доколку Гугл не реагира, ќе добие опомена. Гугл ги прекршил „основните принципи на слободното ширење информации и неограничен пристап до нив“, тврди Роскомнадзор и оценува дека е тоа „акт на цензура на руски медиуми“.

Главната уредничка на РТ, Маргарита Симонјан, зборува за „медиумска војна“ на германската држава против Русија. И руското МНР зборува за учество на германски власти и се заканува со слични мерки против германски медиуми во Русија.

Германската влада ги отфрла обвинувањата за соодговорност во блокадата. Станува збор за одлука на Јутјуб, изјави портпаролот на германската влада Штефен Зајберт, додавајќи дека германската влада нема ништо со тоа. Оној кој тврди нешто поинакво, си плете „теорија на заговор“, вели Зајберт и нагласува дека за германската влада слободата на печатот е од големо значење.

Јутјуб ги блокираше каналите на РТ на германски јазик поради повреди на правилата, објаснуваат од видео платформата на барање на Дојче веле. Се вели дека РТ ДЕ не смеела да пласира содржини на платформата поради лажни информации за пандемијата на коронавирус. Ваквата блокада РТ ја заобиколила со тоа што своите видеа ги пласирала на својот канал Der Fehlende Part, се вели од страна на Јутјуб. Потоа биле блокирани двата РТ-канали.

Russia Today
РТ е блокирана на ЈутјубФотографија: Jaap Arriens/NurPhoto/picture alliance

РТ, порано Раша Тудеј, според сопствените наводи е „автономна непрофитна организација, финансирана од буџетот на Руската Федерација“. Критичарите ја обвинуваат РТ дека шири руска државна пропаганда и лажни вести.