1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Јовески за ДВ: ЈО ќе биде ослободено од центри на моќ

25 декември 2017

Обвинителството беше неефикасно, пристрасно и зависно. Ако бидам избран, ЈО ќе постапува во согласност со законите и ќе биде ослободено од партиските стеги и центри на моќ, вели кандидатот за државен јавен обвинител.

https://p.dw.com/p/2nFAd
Staatsanwaltschaft in Skopje
Фотографија: DW/Katerina Blazevska

Владата на вчерашната седница донесе заклучок да му достави предлог на Собранието за Јавен обвинител на Република Македонија да го именува Љубомир Јовески, актуелен член на Советот на јавните обвинители. Оваа одлука Владата ја донесла врз основа на професионалната биографија на Љубомир Јовески и врз основа на позитивното мислење дадено од Советот на јавни обвинители.

„Одлуката беше усогласена од сите членови на Владата. Биографијата што ја има Јовески е чиста, беспрекорна, без ниту една дамка“, изјави портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски.

Често осамен во одлуките

Кој е Љубомир Јовески? Дали тој ќе биде личноста што ќе го прекине досегашниот тренд на избор на државни јавни обвинители кои самостојноста на институцијата ја заменуваа со сервилност кон извршната и законодавната власт?

Во разговор за Дојче веле, Јовески ги објаснува мотивите заради кои се пријавил за избор на оваа функција.

„Тоа ми беше професионален предизвик, особено во ова време кога е неопходно враќањето на довербата во Обвинителството. Доколку бидам избран, Обвинителството ќе постапува во согласност со законите, ќе биде ослободено од партиските стеги и центри на моќ. За жал, сегашната состојба во Обвинителството не е на завидно ниво, тоа беше подложно на партиски влијанија и евидентен беше селективниот пристап кон правото. Обвинителството беше неефикасно, пристрасно и зависно“, вели Јовески.

Ljubomir Joveski
Јовески: Во Советот на јавните обвинители, во овие речиси две години откако сум член, гласав спротивно на мнозинствотоФотографија: privat

Тврди дека тоа може да се промени, бидејќи во Обвинителството има професионалци кои го зачувале интегритетот и не подлегнувале на притисоци.

 „Иако за многумина е непознато, во Советот на јавните обвинители, во овие речиси две години откако сум член, гласав спротивно на мнозинството, и на моменти останував сам, или поддржан од уште еден обвинител. Се држев до изреката дека вљубеникот во правото и правдата треба да биде подготвен често да биде и сам. Особено ми е драго што по две години за прашањата за кои имав издвоено и различно мислење од мнозинството во Советот, одлуките се изменија така како што јас тогаш гласав. Особено за незаконското пензионирање на јавните обвинители и незаконските одлуки на Советот за надлежноста по предметите на СЈО“, објаснува Јовески.

Богата кариера

Роден е во 1954 година, во потпланинското село Долгаец, Прилепско. Неговата професионална кариера започнува по дипломирањето на Правниот факултет и положениот правосуден испит. Неговиот татко исто така бил правник, но никогаш не работел во правосудството. Јовески, пак, таму го минува целиот работен век.

„Осум години работев во тогашниот Секретаријат за правосудство и управа, во областа на извршувањето на санкциите за крвични дела. Четиринаесет години бев судија во Основниот суд Скопје 2, од кои во еден мандат успешно раководев како претседател на Судот. Потоа 13 години бев јавен обвинител во Јавното Обвинителство, и неполни две години сум член на Советот на јавните обвинители. Нагласувам дека јас бев избран од листата на јавните обвинители во ЈО. Факт е дека во работата ги поминав сите фази од кривичната област - извршување на санкции, судија и обвинител, како и раководење со еден од најголемите судови во Република Македонија“, посочува Јовески.

Денес има 63 години и силна волја за подобрување на состојбите во Обвинителството. Не стравува дека таа заложба може да биде прекината заради пензионирање, бидејќи законот е јасен: Услов за избор на Јавниот обвинител на РМ не е возраста, бидејќи согласно со членот 65 од Законот за Јавното обвинителство, на Јавниот обвинител на РМ не му престанува функцијата ако ги исполни условите за старосна пензија.

Инспирација и предизвици

Денес, кога зад себе има големо работно искуство, го прашавме дали има личност кој во текот на работниот век била негова професионална инспирација.  

„Има таква личност. Тоа беше судијата, потоа и претседател на Уставниот суд, сега покојниот Јован Проевски. Не само професионална инспирација, тој ми беше и како втор родител“, вели Јовески.    

Јовески е семеен човек, но никој од неговото семејство не го избрал правосудството како сфера на професионален интерес. Го прашавме - дали има роднини, кумови или кумашини во правосудството, нешто што стана синоним за разни спреги на штета на правдата во изминатиот период?

„Немам роднини и кумови ни во правосудството ни во политиката“, дециден е тој.

Неговиот имот не зафаќа многу простор во формуларите каде е пријавен. Живее во сопствен стан од 50-тина метри квадратни, поседува возила марка „Рено меган“ од 2004 година и „Југо“ на кое и не му ги брои годините.

Разговорот го завршивме со она што е негов професионален предизвик.

„Знам дека Обвинителството може да ја смени сликата во јавноста и да се зголеми довербата во него, со следење на квантитативните и квалитативните податоци од постапувањето на секој јавен обвинител, и да се обезбеди гаранција за самостојност на јавните обвинители во постапувањето. Кога велам обезбедување на самостојноста, тоа истовремено значи и професионална одговорност на јавните обвинители во постапувањето. Моето досегашно работно искуство, целото минато во областа на кривичната материја, ми дава за право да тврдам дека остварувањето на овие заложби може да се постигне“, уверен е Јовески.