1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Африм Гаши: За нас секогаш постои Алтернатива

16 февруари 2023

Парламентарното мнозинство сигурно нема да биде повисоко од тоа што било, дури изгледа дека ќе опадне, а нема да биде чудно ако Собранието остане и без мнозинство, вели лидерот на Алтернатива.

https://p.dw.com/p/4NYEB
Лидерот на Алтернатива, Африм Гаши (архивска фотографија)
Лидерот на Алтернатива, Африм Гаши (архивска фотографија)Фотографија: Petr Stojanovski /DW

Може да се појави разлика меѓу номиналното мнозинство, она кое е искалкулирано „на хартија“ и реалното мнозинство кое би можело да ја поддржи Владата, сметаат од опозициски кругови. Деновиве премиерот Димитар Ковачевски изрази увереност дека „за реконструкција на Владата ќе гласаат повеќе од 64 пратеници“, но во опозицијата се сомневаат во таквиот есап. Сомнежот го темелат на сознанија дека има „големо незадоволство кај дел од пратеници во власта“, но нема потврда дали тоа незадоволство и конкретно ќе се ефектуира со гласање „против“. 

Во таа „сива бројка“ која евентуално би можела да приреди „изненадување", се посочуваат пратеници од помали партии во коалицијата предводена од СДСМ, неизвесноста како ќе гласа Мендух Тачи, но и пратеници на ДУИ кои формално не и припаѓаат на Огнената група.

ДВ го праша лидерот на Алтернатива, Африм Гаши, дали очекува Владата да го зголеми мнозинството, повеќе отколку што имаше досега?

Македонскиот премиер, Димитар Ковачевски е уверен дека ќе обезбеди мнозинство во Собранието при гласањето за реконструкција на Владата
Македонскиот премиер, Димитар Ковачевски е уверен дека ќе обезбеди мнозинство во Собранието при гласањето за реконструкција на ВладатаФотографија: Petr Stojanovski/DW

„Како што се одвиваат работите, според тоа што го следиме непосредно во Собранието на РСМ, но и од други извори на информирање, парламентарното мнозинство сигурно нема да биде повисоко од тоа што било. Дури, како што се движат секојдневните настани, изгледа дека тоа ќе опадне, а нема да биде чудно ако Собранието остане и без парламентарното мнозинство. Секако едно е сигурно - аргументот дека се проширува парламентарното мнозинство, заради постигнување на 80-те пратеници, кои би ги гласале уставните измени, бил евтин политички трик и така станува се појасно дека имало друга причина за таквиот политички маневар. Дали се работи за спас на некоја политичка кариера или пак за некои скапи корупциски цифри, тоа допрва ќе се види. Единствено сигурно е, дека само во полза на евроинтеграциите не е“, вели Гаши.  

Недостојни за коментар 

На адреса на Гаши деновиве беше упатена критика дека ја жртвувал Алтернатива заради Беким Сали, односно само заради губењето на ресорот здравство. Скендер Реџепи, кој лани во јуни ја напушти Алтернатива и оттогаш дејствува како независен пратеник, изјави дека не може да се дозволи само заради Министерството за здравство да „изгори“ цела Алтернатива. Со критика се јави и заменик-министерот за култура, Даим Лучи, кој е единствениот функионер од Алтернатива за кого премиерот Димитар Ковачевски не достави предлог за разрешување. 

„Со кое право Африм Гаши бара мое разрешување, бидејќи одлуката на Алтернатива за напуштање на Владата е донесена само и само поради разрешување на неговиот пријател Беким Сали од функцијата министер за здравство, а седницата на Централниот одбор во Тетово беше само фарса и лага за гласачкото тело. Сите овие месеци од моето функционирање како заменик-министер бев во служба на граѓаните, но не и на Африм Гаши и на неговиот клан. Затоа јавно изјавувам дека додека Африм Гаши, Зеќирија Ибраими и Беким Сали се на чело на партијата, јас ќе бидам надвор од сите партиски структури и стојам на иста политичка линија со пратеникот Скендер Реџепи“, објави Лучи.

Алтернатива беше дел од владата нешто повеќе од една година: Африм Гаши и тогашниот премиер Зоран Заев потпишаа коалициски договор во декември 2021 година.
Алтернатива беше дел од владата нешто повеќе од една година: Африм Гаши и тогашниот премиер Зоран Заев потпишаа коалициски договор во декември 2021 година.Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Ваквите обвинувања, Гаши во разговор за ДВ ги оцени како „недостојни ни за коментар".

„Никој, ама баш никој во Централното собрание на Алтернатива, немаше никаква дилема дека кршењето на политичкиот договор и наметнувањето на друг кадровски договор бил понижувачки чин, недостоен ниту за дискусија. Таквите измислици зборуваат повеќе за тие кои се восхитуваат на шпекулации“, вели Гаши. 

Соработка на опозицискиот блок

И додека собраниската седница за реконструкција на Владата тече низ жестока дебата, извори од опозициски кругови тврдат дека деновиве веќе почнале средби и разговори за меѓупартиска соработка во опозицискиот блок. Таква средба наводно се одржала и вчера меѓу Беса, Алтернатива и претставници на Огнената група. Лидерот на Алтернатива не потврдува, но и не исклучува потенцијална соработка во иднина.

„Јас ќе повторам дека ние сме отворени за комуникација со секого, а дали ќе има соработка и каква би била тоа, во чиј интерес, врз какви принципи и за какви цели, тоа не можеме да предвидиме. Секако ние ќе работиме на победничка комбинација за следните избори. За нас секогаш постои Алтернатива“, вели Гаши.

Членовите на Огнената група во ДУИ: Дали е можна соработка со Алтернатива во иднина?
Членовите на Огнената група во ДУИ: Дали е можна соработка со Алтернатива во иднина?Фотографија: Petr Stojanovski

Извори од Беса, (партија која во 2018 година се подели на две фракции, по што од едната се формираше Алтернатива), сметаат дека некогашните недоразбирања не може да бидат пречка за евентуална идна соработка. Како што пренесе ТВ Алсат, и лидерот на Беса изјавил дека вратите на партијата остануваат отворени за оние кои „во минатото преземале активности за да се докажат со независни програми и проекти“.

„Секако, за нас формата на соработка е отворена. Добредојдени се сите кои биле или не биле во Беса. Сите оние кои во минатото преземале чекори за да се докажат во политиката со независни програми и проекти, доколку конечно сфатиле дека треба да го продолжат својот пат во рамките или во соработка со Движењето Беса, секако се добредојдени“, изјавил Касами.