Ковачевски: И без ДС парламентарното мнозинство е стабилно
14 февруари 2023Парламентарното мнозинство е стабилно, реконструкцијата ќе биде изгласана со повеќе од 64 гласа, уверен е премиерот Димитар Ковачевски, по последните турбуленции коишто се случуваат во владиниот двор. Во пресрет на владината реконструкција, лидерот на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов во понеделникот (13.02) соопшти дека ја напуштаат Владата, а заменик-министерот за локална самоуправа од нивните редови, Зоран Димитровски, изутринава поднесе оставка од функцијата.
„Одлуката што ја донесе Демократскиот сојуз (ДС) не претставува нарушување на силината и стабилноста на парламентарното мнозинство. Ме радува што ДС останува на европскиот пат што не можеше досега да се потврди во пракса, освен декларативно“, вели Ковачевски.
Оставки
Напуштањето на мнозинството Трајанов му го најавил на премиерот во петокот. „Очекувам дека во текот на денот функционерите, мислам на заменик министерот за локална самоуправа Зоран Димитровски ќе поднесат оставки. Се надевам дека Трајанов како искусен политичар нема да се доведе во ситуација како Мицкоски да стане заложник на Апасиев“, изјави Ковачевски.
Премиерот е убеден декавладиното мнозинство е силно и стабилно и дека реконструкцијата на Владата ќе помине со над 64 гласови. „Реконструкцијата што ја поднесов не беше водена од персонални и кадровски побуди, туку за државата да има стабилно мнозинство, да се донесат економските закони и правосудните, да се реализираат реформите, да не се дозволи блокада од опозицијата. Сметам дека сите владини партнери се за ефикасна работа на Собранието, а Алијанса за Албанците ќе го зајакне мнозинството“, истакна Ковачевски.
Одлука
Демократскиот сојуз одлучи да не ја поддржи реконструкцијата на Владата и да го напушти парламентарното мнозинство. Одлуката за ваквиот чекор, како што рече Трајанов, е неисполнување на програмските цели утврдени и усогласени со СДСМ пред изборите во 2020 година.
„Централниот совет заклучи дека ниту една од нашите програмски цели дефинирани низ нашите партиски органи и тела кои беа усогласени со СДСМ пред изборите во 2020 година, но и пред формирањето на оваа влада, не е имплементирана. Имавме договор Македонија да биде една изборна единица, односно да се направат системски реформи во изборните правила. Беше подготвен закон кој помина на собраниските комисии за политички систем и законодавно-правната, но тој сега е блокиран бидејќи спикерот Талат Џафери не ја закажува седницата за овие законски промени. Тоа беше нашата главна определба“, ја образложи Трајанов партиската одлука.
Неговите забелешки се дека не биле исполнети уште две важни програмски цели, а тоа се реформите во судскиот систем и борбата против корупцијата.
Во Собранието денеска треба да продолжи седницата за реконструкција на Владата. Пратениците прво треба да се изјаснат за разрешувањето на министрите и замениците од редовите на Алтернатива, по што ќе се гласа за избор на нови владини членови.