Агелер: Корупцијата не смее да се толерира во Македонија
10 декември 2024Поранешниот вицепремиер Артан Груби и апелацискиот судија Енвер Беџети се ставени на американската црна листа поради политичко мешање и обиди за оцрнување на судството во државата, информираше на прес-конференција во Скопје амбасадорката на САД, Анџела Агелер. Со мерките се опфатени и нивните семејства на кои им е забранет влез во САД. Во Вашингтон се разгледуваат и дополнителни санкции.
Значаен чекор во борбата против корупцијата
„Стејт департментот на САД презедоа значаен чекор во борбата против корупцијата, со ставање на поранешниот вицепремиер Артан Груби и апелацискиот судија Енвер Беџети на американската црна листа, поради политичко мешање во судството“, вели Агелер.
Таа се надева дека со ова ќе покажат дека САД ги користи сите можни алатки за повикување на одговорност кон овие лица, чии криминални активности ја нарушуваат безбедноста, стабилноста и доброто владеење во Северна Македонија.
„Согласно законот во САД, мора да ги ставиме на црната листа лица за кои постојат докази дека се вклучени во корупција, без оглед на нивните минати или сегашни функции. Велиме дека правдата е слепа, но таа мора да биде непристрасна и објективна за сите, без разлика на политичка партија, пол или етничката припадност или позиција“, вели Агелер.
Амбасадорката на САД е децидна дека корупцијата во ниедна форма не треба да се толерира во земјата.
„Оние кои го поткопуваат владеењето на правото заради лична добивка, а на сметка на народот во Северна Македонија, треба да разберат дека корупцијата има последици. САД ќе продолжи да повикува на одговорност за сите инволвирани во корупција, и се надевам дека судството и оние кои го спроведуваат законот во земјата ќе го направат истото. Граѓаните на оваа земја го заслужуваат тоа“, вели Агелер.
Понатамошните постапки се во рацете на македонските правосудни органи. Амбасадорката очекува тие соодветно да постапат. „Ако ние успеавме да ги составиме сите докази - можат и тие“, порача амбасадорката.
Црната листа ќе се проширува
Амбасадорката не изнесе детали околу доказите коишто ги поседуваат за двата случаи. Но, вели дека Вашингтон многу внимателно ги разгледува сите докази и откако ќе има „драматични докази“ за неправилности, се носат и определени одлуки. Одговарајќи на новинарско прашање, таа најавува дека црната листа е динамична и понатаму ќе се проширува, во зависност од доказите коишто ќе се обезбедат.
„Корупцијата е рак во оваа земја, каде и да одам ова е сериозен проблем во секојдневниот живот на граѓаните“, вели таа.
Обвинителството да постапи по допрен глас
Премиерот Христијан Мицкоски смета дека ставањето на Груби и Беџети на црната листа на САД поради значителна корупција, е само потврда од стратешките партнери на она што го говореле во минатото. „Во периодот којшто следи уште многу потврди на сето она кое што сме го имале како сомнеж ќе излезат во јавноста“, рече Мицкоски на прес-конференција.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова го повика Јавното обвинителство да постапи по допрен глас.
„Не смееме како досега да останеме мирни, а оние што се нашле на црните листи да продолжат со своите редовни активности. Постојат во меѓународното право и во меѓусебните односи начини како да се дојде до тие докази и да се започне постапка зашто во спротивно ние не реагираме тогаш кога мора да реагираме и на тој начин го толерираме беззаконието. Очекувам судот, јавниот обвинител да почне да постапува. Секогаш велам дека пресумпцијата на невиност важи за сите нив, но затоа мислам дека е редно надлежните органи да постапуваат“, изјави Сиљановска-Давкова.
Таа е особено загрижена што на црната листа на САД се најде и судијата Енвер Беџети, зашто што „ судот треба да биде синоним на почитување на правото и правдата“. „Се чини оти неправдата и владеењето на пресилни луѓе ги направиле институциите слаби“, вели претседателката, која повика на итни реформи.
Стејт департментот на САД во понеделникот (09.12) соопшти дека воведува санкции против поранешниот заменик-претседател на Владата, Артан Груби и судијата на Апелацискиот суд Енвер Беџети поради нивна вмешаност во значителна корупција. Груби и Беџети примале мито со цел да ги поткопаат судските процеси поврзани со кривичната осуда на Сашо Мијалков, поранешен директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК). Мијалков беше санкциониран во 2022 година за значителна корупција според Секцијата 7031(в) од Законот за надворешни операции и поврзани програми на Стејт департментот.
Ваквата одлука ја поздравија повеќе партии од власта и од опозицијата меѓу кои и ДУИ, партијата во која Груби е дел раководството. „СДСМ смета дека исклучително е значајна поддршката на нашите стратешки партнери во борбата против корупцијата во Република Северна Македонија. Сите сомнежи за корупција и злоупотреба на јавни средства во државата треба да бидат истражени од истражните органи. Го охрабруваме целиот правосуден систем да работи посветено и без двоумење“, порача пратеничката на СДСМ, Јованка Тренчевска на прес-конференција.