1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој ќе ги вкрсти копјата со Таравари?

ДТЗ
21 февруари 2024

Пропадна планот на владината коалиција да излезе со консензуален кандидат за претседател. Целта на кандидатурата на Арбен Таравари, според аналитичарите, е да се расипе политичкиот дил на ДУИ и СДСМ.

https://p.dw.com/p/4cfvy
ДУИ
Албанците со двајца кандидати за претседател: мерење на пулсот за парламентарните избори Фотографија: DW/P. Stojanovski

Албанското гласачко тело во земјата на претстојните претседателски избори во земјата коишто треба да се одржат на 24 април, ќе има можност да гласа и за двајца кандидати Албанци за претседател на државата. Едната опција е здружената албанска опозиција која повикува на промени и чиј кандидат е Арбен Таравари, додека втората се „интегративците“, коишто најавија дека денеска ќе ја соопштат на Фејсбук „големата вест“. 

Во очекување на веста за претседателскиот кандидат на ДУИ, аналитичарите оценуваат дека појавата на повеќе кандидати во трката за претседател може да го мобилизира гласачкото тело, а резулатите од првиот круг на претседателските избори ќе се рефлектираат и врз парламентарните избори коишто треба да се одржат две недели подоцна, на 8 мај. 

Мобилизација на гласачите 

Овие претседателски избори се значајни и за албанските партии, не заради можноста да оди некој во втор круг, туку од причина што се одржуваат две недели пред парламентарните избори.

„Оттука, резултатите од првиот круг можат да насочат и мобилизираат значителен број на гласови, зависно кој кандидат ќе добие најмногу поддршка“, вели аналитичарот Џелал Незири за ДВ. 

Европскиот сојуз за промени во кој ги здружија силите претседателот на Демократското движење, Изет Меџити, претседателот на Движењето Беса, Билал Касами, претседателот на Алтернатива, Африм Гаши, и претставникот на Самоопределување, Беким Ќоку неодамна го промовираше лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари за претседателски кандидат. 

Идејата за негова кандидатура се облодени по средбата со косовскиот премиер Албин Курти, по која беше соопштено дека „кандидатот за претседател од редовите на Албанците ќе го отелотвори соживотот меѓу етничките групи и ќе го гарантира европскиот пат на Северна Македонија“. Со овој потег заедничката албанска опозиција и фрли ракавица на ДУИ, која се одлучи да исфрли свој противкандидат на изборите. 

Пропадна планот за консензуален кандидат 

Со тоа пропадна планот на владината коалиција да излезе со консензуален кандидат, како што беше случајот со Стево Пендаровски во 2019 година. Според Незири, ова потоа ќе има влијание и кај исходот на парламентарните избори во македонскиот политички кампус, но и ќе ги детерминира тековите по изборите, т.е. при формирањето на новата влада“.

Незири вели дека опозицијата одлучи да оди со Таравари за да постигне што подобар резултат, а по можност да собере повеќе гласови од кандидатите на ДУИ и Алијанса за Албанците (АА) на Зијадин Села.

Зијадин Села, Арбен Таравари
Oпозицијата одлучи да оди со Таравари за да постигне што подобар резултат, а по можност да собере повеќе гласови од кандидатите на ДУИ и Алијанса за Албанците (АА) на Зијадин Села.Фотографија: DW/P. Stojanovski

„Ако успее во тоа, тогаш последните две недели од кампањата ќе бидат потрошени во создавање на наратив и еуфорија за долгоочекуваната победа. Затоа и за ДУИ, но и Алијанса, е важно да истакнат нивни кандидати кои би имале поголеми можности за да дојдат до посакуваниот резултат“, вели нашиот соговорник.

Градоначалникот на Општина Кичево, Фатмир Дехари, се споменува како еден од кандидатите на ДУИ за претседател на Македонија, а покрај него во јавноста веќе циркулираат имињата и на шефот на диломатијата, Бујар Османи, но и на лидерот на ДУИ, Али Ахмети.

Техничкиот премиер, Талат Џафери и вицепремиерот Артан Груби деновиве порачаа дека „Ахмети има мисија и не е претендент за функција“.

Летаргија и недоверба

Новинарот Арбен Раткоцери за ДВ во пресрет на одлуката на ДУИ вели дека изборот најверојатно ќе падне на Бујар Османи. Што се однесува до Таравари, нашиот соговорник вели дека „и тој самиот е свесен дека нема шанси да влезе во вториот круг, но свесно создава дух на победа кај опозицијата во однос на парламентарните избори“. 

„Единствениот услов на ДУИ за да го поддржи Стево Пендаровски од првиот круг беше албанската опозиција да не предложи кандидат за претседател, бидејќи се плашат дека тоа ќе влијае на парламентарните избори кај албанските гласачи“, вели Раткоцери. 

Така што кандидатурата на Таравари, според него, може да се толкува и како мерење на силите со ДУИ пред главната битка за парламентарните избори и да се расипе политичкиот дил на ДУИ и СДСМ. 

Но, Раткоцери не верува дека појавата на двајца кандидати Албанци за претседател ќе мотивира поголема излезност кај албанските гласачи. „Има една летаргија и недоверба во постоечките албански партии и ниту една партија моментално нема капацитет да мотивира повеќе гласачи од нивните структури и клиентелизам“, порачува новинарот на Коха.