1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаГлобално

„Реториката на Ненси Пелоси не му помага на Тајван“

Михаела Кифнер
1 август 2022

Азиската турнеја на Ненси Пелоси ги заостри тензиите меѓу Кина и САД, бидејќи таа не исклучи посета на Тајван. ДВ побара експертско мислење за тоа кои се ризиците од ваква посета.

https://p.dw.com/p/4ExG2
USA/China Der Lenkwaffenzerstörer USS Sampson (DDG 102)
Фотографија: ASSOCIATED PRESS/picture alliance

Дојче Веле: Претседателката на американскиот Претставнички дом, Ненси Пелоси, го остави отворено прашањето дали во рамки на нејзината азиска турнеја ќе го посети и Тајван. Имате ли објаснување за ова?

Зак Купер: Според мене, таа сака да ги држи сите опции отворени, но мислам дека во овој момент е прилично јасно оти ќе отпатува за Тајван. Би бил мошне изненаден ако не го стори тоа.

Кои се ризиците од ваква посета гледано од американски аспект?

Прво сакам да нагласам дека Ненси Пелоси има апсолутно право да го посети Тајван. Нема дилема. Во американската политика и во американското право не постои ништо што би ја спречило.

Но, тоа носи серија ризици. Според мене, се работи за чувството на Пекинг дека САД би можеле постепено да отфрлаат елементи од досегашната политика кон Тајван. На пример, Џо Бајден веќе даде три големи погрешни изјави за  американската политика кон Тајван.  И двајца високо рангирани Републиканци, Мајк Помпео и Марк Еспер, неодамна отпатуваа во Тајпеј и предложија напуштање на претходниот став на САД за политиката „една Кина“. Исто така во американскиот Конгрес се расправа за закон со кој би се промениле некои аспекти на односите меѓу САД и Тајван. Од кинеска гледна точка станува збор за низа мерки и згора на тоа сега би дошла и посета од страна на Пелоси. Сметам дека Пекинг мора да преземе нешто за да го изрази своето длабоко незадоволство од оваа посета. Што ќе биде тоа, не знам. Стравувањата се дека Кинезите би можеле да започнат некаква ескалација.

Sprecherin des US-Repräsentantenhauses Pelosi
Претседателката на американскиот Претставнички дом, Ненси ПелосиФотографија: J. Scott Applewhite/AP/dpa

Кои се целите кои сака да ги постигне Ненси Пелоси? Што според Вас е достижно?

Причината зошто имам дилеми колку е мудра посетата е што не мислам дека многу ќе има влијание. Сметам дека посетата го поткопува политичкото единство. Џо Бајден на важна политичка тема застапува до одреден степен рзлична позиција од Ненси Пелоси, што не е здраво. Претпоставувам дека Пелоси сака да го посети Тајван бидејќи подолго време е критичар на Комунистичката партија на Кина. Во 1989 била на плоштадот на Небескиот мир и застанала на страната на демонстрантите, што значи дека ова не ѝ е нов пристап. Но, нејасно е како тоа конкретно ќе му помогне на Тајван. И тоа е проблемот кај ваков вид посети.  На Тајван му е потребна голема помош  кога се работи за економските релации со САД или за воена соработка. Но, посети и реторика не помагаат. Затоа за мене ова е посета со голем ризик, а мала корист.

Во телефонскиот разговор меѓу Бајден и Ши Џинпинг пред неколку дена имаше закани од кинеска страна, додека пак Бајден се обиде јасно да гарантира оти нема да има промена на американската политика спрема Кина, а особено не спрема Тајван. Како стојат сега нештата со оглед на ова патување?

Подобро чувство имам отколку до пред два-три дена.  Виртуелната средба меѓу Бајден и Ши  помина толку добро колку што можеше. Не живееме во свет во кој Ши ќе рече: патувањето на Пелоси е во ред, нема да реагираме. Но, живееме во свет во кој Кинезите можеа да бидат многу подиректни и побесни отколку што според мене беа на таа средба. Внимателно сум оптимистичен дека има неколку излези од оваа криза. Може да има многу тензии ден или два во пресрет на посетата на Пелоси. Но, мислам дека  криза околу Тајван  може да биде спречена, последната беше во 1995/96. Патувањето може да претставува мала нервоза, а не нешто на што ќе се навраќаме како на голем настан.

Колку сме блиску до воена конфронтација, ако Ненси Пелоси стапне на тајванско тло?

Ризикот го проценувам на 10% до 20%. Можно е Пекинг и да отпочне голема ескалација. И кратка забелешка: тука имаме три страни - Кина, САД и Тајван - кои се вмешани во конфликт и кои мора да си го најдат излезот.

Разговорот го водеше Михаела Кифнер. Зак Купер е заменик-директор на иницијативата Алијанса за обезбедување на демократијата”, проект на фондацијата Германски Маршалов фонд на САД” која се залага за поттикнување на трансатлантските релации.