Апели да се смири топката во Судскиот совет
28 април 2023По неколкудневните превирања и тензии во Судскиот совет, коишто ескалираа со разрешување на претседателката Весна Дамева, Врховниот суд советува дека треба да се смири топката. Претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми апелира да се надмине состојбата во Судскиот совет во интерес на граѓаните и на државата.
Врховниот суд како највисок суд во државата и носител на судската власт истакнува дека во овој клучен период за државата, сите чинители во судството мора да го насочат своето дејствување кон остварување на препораките нотирани во релевантните извештаи за напредокот на Република Северна Македонија, како што се Извештајот на Европската комисија и Извештајот на Стејт департментот.
„Го охрабруваме Судскиот совет да ја надмине состојбата првенствено во интерес на граѓаните и во таа насока да продолжат напорите за подготовка на Стратегијата за реформи на правосудството, потребните законски измени и примената на европските стандарди, независноста и ефикасноста на судството, борбата против корупцијата, транспарентноста и враќањето на јавната доверба“, вели претседателката на Врховниот суд.
Сериозна загриженост и реакции предизвикаа во јавноста случувањата во Судскиот совет, каде во крајно напрегната атмосфера, со бројни обвинувања и високи тонови во средата (26.04) беше донесена одлука за разрешување на претседателката Весна Дамева. Обидот експресно да се избере нов претседател на Судскиот совет не помина на седницата во четвртокот (27.04), па со осум гласа „за“ и четири гласови „против“ беше одлучено членовите на Судскиот совет повторно да се состанат на 2 мај.
Ако има притисоци - треба да се пријават
Во меѓувреме, антикорупционерите и организациите коишто ја следат работата на Судскиот совет побараа да се преиспита одлуката, а членовите на Судскиот совет да покажат непристрасност и независност во работењето, со што ќе ја исполнат својата уставна надлежност, како гарант на самостојноста и независноста на судската власт во земјата.
Настаните во Судскиот совет со голема загриженост се следат и од Министерството за правда, а осуда за случувањата искажаа и пратениците. И покрај тоа што Судскиот совет е самостоен и независен орган кој треба да ја обезбеди самостојноста и независноста на судската власт, ваквите турбуленции, според надлежните, во голема мера ќе влијаат на натамошната доверба на граѓаните во судството.
Во однос на обвинувањата за притисоци врз работата на Судскиот совет, премиерот Димитар Ковачевски, по увидот на градежни активности на експресниот пат Ранковце - Крива Паланка, изјави дека „ако некој им се мешал на судските органи треба самите да го пријават тоа низ соодветна процедура“.
Според Ковачевски, правосудните органи треба да ја извршуваат својата работа на ниво на коешто е потребно. „Судската власт е независна власт, секој треба да ги извршува своите работи“, вели Ковачевски, потенцирајќи дека тој лично немал средби ниту со претседател на Судскиот совет, ниту со претседатели на судови.„Од првиот ден кога станав претседател на Владата кажав дека ниту јас како претседател, ниту кој било министер, не се меша во работата на Судскиот Совет или на Советот на обвинители и тоа можеше да се потврди низ директен пренос, каде сите граѓани можеа да видат што се случуваше на Судскиот Совет. Она што останува е правосудните органи на ниво кое што е потребно да ја извршуваат својата работа и да немаат никакво политичко влијание“, рече Ковачевски.
Срам и вандализам
Според лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, случувањата во Судскиот совет се вандализам, девалвирање, вагабонтство на отворена сцена и процес што ја срами Македонија и што нанесува трајни штети и последици.
„Тоа е еден процес на вандализам, на вагабонтство и процес, не само што ја срами Македонија, туку е процес кој што нанесува трајна штета и последици во смисла дека оставаме лош впечаток пред нашите меѓународни партнери“, рече Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања при посета на општина Аеродром. Тој оценува дека случувањата во Судскиот совет се резултат на борба за превласт меѓу партиски кланови.
Нема бегање од реформите
Евроамбасадорот Дејвид Гир при посетата на Општина Ново Село порача дека владеењето на правото е суштествено за евроинтегративните процеси на земјата. Според него, тоа вклучува развој на независно и професионално судство и јавно обвинителство со највисоки стандарди.
„Последните неколку недели и месеци гледаме случувања кои не одат во правец кој ние во Европската Унија го очекуваме, со цел исполнување на стандардите кои се потребни за европските интеграции на земјата. Не постои скратен пат кој ќе донесе до спроведување на реформите кои се поврзани со владеењето на правото. Очекуваме процесот на реформи да продолжи на одлучен начин понатаму, затоа што тоа е единствениот пат по кој земјата може да стане членка на ЕУ, а тоа пред се е во интерес на граѓаните“, рече Гир.