1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
РелигијаВатикан

Близок и туѓ – 10 години папа Франциско

13 март 2023

Кога конклавата на 13. март 2013. година го избра аргентинскиот бискуп Хорхе Берголио за папа, светот беше изненаден. Франциско веќе десет години е на чело на Католичката црква. Што постигна досега?

https://p.dw.com/p/4OW4Q
Папата Франциско Први Ватикан
Папата Франциско ПрвиФотографија: picture-alliance/dpa

„Задача на конклавата беше да избере римски бискуп. Знаете, моите собраќа, кардиналите, одеа дури на крајот на светот за да го доведат...“

Ретки беа тие кои тогаш го познаваа аргентинскиот бискуп кој стоеше на балконот на катедралата Свети Петар и му се обраќаше на светот. Аргентинецот Хорхе Марио Берголио, надбискуп на Буенос Аирес, никогаш не предизвикал посебно медиумско внимание.

Многумина се прашуваа „Хорхе кој?...“ кога беше објавено името. Но, црковните стручњаци веднаш знаеја дека тогаш 76-годишниот кардинал веќе во 2005. година беше во трката за наследник на починатиот папа Јован Павле Втори, но загуби од Германецот Јозеф Рацингер, подоцна папа Бенедикт Шеснаесетти.

Десет години подоцна уште многу луѓе сакаат да знаат кој е овој папа, за што се залага. Тој на луѓето често им изгледа близок, но во некои работи останува туѓ. Но, едно е сигурно: папата Франциско Први е поинаков од сите негови претходници.

Францисковата програма

Берголио како прв папа воопшто за папско име го избра Франциско, што беше сензација во сензацијата. Навистина, папите често го фалеле основачот на Францисканскиот ред, Франциско Асишки (1181. или 1182.-1226.) и неговото радикално сиромаштво. Сепак, никогаш не се одлучиле за тоа име како за програма.

„Папата Франциско е францискански исусовец“, изјави холандскиот дописник од Ватикан, Хендро Мунстерман за Дојче веле. „Тој го има она пророчкото од Франциско од Асиси. Тој ја цени сиромаштијата, едноставноста, околината, меѓурелигискиот дијалог. Тој сака да ја поправи Црквата, како и светецот од 13 век, зашто таа е оштетена.“

Мунстерман, кој и самиот е теолог, го посматра и анализира папата Франциско од почетокот на неговиот понтификат. Сиромаштво и едноставност тој демонстрираше со бројни мали знаци од март 2013. година. Франциско носеше истрошени, стари чевли, не се пресели во Апостолската палата, туку во гостинската куќа на Ватикан. Секогаш одново го свртува вниманието кон луѓето од маргините на општеството, бегалците, мигрантите. Кога патува, го гледаме во мал италијански автомобил.

папа Франциско Ватикан
Осамениот папа Франциско на плоштадот Свети Петар за време на пандемијата на коронавирусФотографија: Reuters/Y. Nardi

Свртување кон маргините

Наспроти тие мали гестови, стојат големи зборови. Со својата енциклика за заштита на природната околина, „Laudato si", во која во 2015. година побара подобар однос кон светот и кон човекот, папата Франциско го предизвика вниманието од дел од светот. Тоа патем беше и негов прв обид за влијание врз Светската конференција за клима, која заседаваше есента 2015. година во Париз. Многу од неговите 40 патувања во странство го водеа на маргините на заедницата или општествата во посетените земји. Што подолго е на папската должност, тоа поостро ги критикува индустриските земји и посебно Европејците. А за време на пандемијата на коронавирус, често бараше со вакцина да им се помогне на сиромашните земји.

Тоа е во склад можеби не со геополитичката, но сепак со црковната геополитичка промена. Папата Франциско не е Европеец, и тоа во Католичката црква, која е традиционално обележана со европски и евроцентричен начин на размислување.

„Јасно е дека папата Франциско е прв вистински глобален папа, еден не-западен папа, кој и католицизмот го ослободи од идејата на моралистички граѓански католицизам на средниот слој, кој уште дефинираше што е католицизам“, вели за ДВ историчарот Масимо Фагиоли.

Двајца папи - Франциско и Бенедикт Шеснаесетти
Двајца папи - Франциско и Бенедикт ШеснаесеттиФотографија: L'Osservatore Romano/Pool Photo/AP/picture alliance

Простување со Европа

Ако се погледне статистиката, таа мисла се наметнува. Според најновите податоци, објавени на почетокот на март, во светот има 1,37 милијарди католици. Од година во година се зголемува бројот на верници во Африка и Азија и нивниот удел во вкупниот број католици, додека во Европа бројот стагнира. Слично изгледа и со бројките на свештеници и монаси. Различните католички смерови меѓусебно делумно се оддалечуваат, светската Католичка црква изгледа како мноштво на католички цркви.

Франциско стана папа кога Католичката црква во разни делови од светот веќе ја потресуваа скандали со сексуално злоставување. Денес прашањето за сексуално насилство, извршено од страна на припадници на Црквата, навистина е светска тема. А папата Франциско со таа драматична ситуација се занимава порешително отколку неговите претходници. Начелно. Папата Франциско ѝ пропишува на Црквата да размисли за себе самата. И во тој смисол очекува повеќе дијалог, повеќе разговори и толерирање на поинакви мислења, откако што верниците беа навикнати во годините на авторитарно владеење во Ватикан.

Папата Франциско светецот Франциско Асишки
Папата Франциско го избра името во чест на светецот Франциско Асишки Фотографија: picture-alliance/dpa

Синод Црквата во дијалог

Во црковниот јазик поимот за таа дијалошка свест е „синодалност“. Тоа значи дека Црквата е на пат заеднички и со размена на мислења. Кај неговите претходници, бискупалните синоди во Ватикан беа собирани со однапред одредени одлуки. Папата Франциско сака отворени и контроверзни расправи. Но, тоа не значи дека тој некои поттици ќе ги претвори во конкретни промени.

Црковниот историчар Фагиоли тоа го прикажува на конкретни примери, на отворени прашања. „Што ќе се случи со улогата на жената во Црквата, со жените во ѓаконството, но и со жените во службите општо?“ Прашање се поставува и за натамошни теолошки и структурни реформи, посебно во односот на црковното водство.

папата Франциско Ватикан
Во инвалидска количка во посета на Судан: папата Франциско, февруари 2023 годинаФотографија: VATICAN MEDIA/REUTERS

Спротивни очекувања

„Прорекување и внимателен сомнеж, тие две работи се обединуваат во папата Франциско“, вели теологот Мунстерман. Притоа папата ги вознемирува сите оние „кои сакаат промени ( и кои се надеваат на брзи промени) и оние кои наспроти тоа сакаат сѐ да остане по старо или дури да се вратат во старите добри времиња на здравиот свет на Баварецот Бенедикт Шеснаесетти.“

Одамна папата Франциско е еден од најстарите папи во црковната историја. Постар е од Бенедикт (2005.-2013.) при неговата оставка, постар од Јован Павле Втори (1978.-2005.) кога тој почина. Во меѓувреме папата Франциско често се движи во инвалидска количка, на патувањата програмата му е пократка. Па сепак стручњаците по повод десетгодишнината од неговиот избор, сметаат дека останува прашањето- што ќе го карактеризира неговиот понтификат. Веќе денес Католичката црква и папската должност се поинакви отколку во 2013. година.

Франциско е папа кој „размислува во процеси“, вели Мунстерман. Неговиот пророшки говор покренува процеси и сака да предизвика. Притоа овој папа кој припаѓа на Исусовиот ред, сака духовно да ги води тие процеси.

За Фаголи најголем проблем останува „отворениот, уште неизвесен исход“ на синодалниот процес кон синодалноста. „Тоа е најголемиот облог“, вели овој научник. Тука станува збор за долгорочното значење на папата Франциско. „А пресудни ќе бидат идните две години.“ 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи