1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КатастрофиТурција

Бројот на жртвите од земјотресот надмина 11.000 луѓе

БГ /РТР
8 февруари 2023

Бројот на загинатите во катастрофалниот земјотрес во Турција и Сирија се искачи на 11.000 луѓе, но властите во двете земји очекуваат далеку полош исход. Илјадници луѓе остануваат заглавени под урнатините.

https://p.dw.com/p/4NEBI
Хатај Турција Земјотрес
Луѓе чекаат вести за судбината на нивните најблиски во Хатај, ТурцијаФотографија: Burak Kara/Getty Images

Семејства во јужна Турција и Сирија ја минаа и втората ноќ под отворено небо на смрзнувачки температури, додека спасувачките екипи се во трка со времето да извлечат што е можно повеќе настрадани од под урнатините кои ги остави разорниот земјотрес. Бројката на загинати во Турција и Сирија се искачи на 11.000 луѓе, но се стравува дека конечната ќе биде далеку повисока. 

Пред болницата во турската провинција Хатај наредени се десетици безживотни тела покриени со ќебиња и чаршафи или најлонски кеси.

Многумина во погодените региони ја минаа ноќта во автомобили или на улиците покриени со ќебиња, исплашени да се вратат во своите домови кои беа потресени од земјотресот со јачина од 7.8 степени во понеделникот. 

„Каде се шаторите и храната?“ 

„Каде се шаторите, каде се камионите со храна?“, прашува 64-годишната Мелек од Антакија, додавајќи дека се уште не видела спасувачки тимови. 

„Досега тука немало дистрибуција на храна, за разлика од претходните катастрофи во нашата земја. Го преживеавме земјотресот, но ќе умреме од глад и студ“. 

Сирија Земјотрес
Голем број луѓе престојуваат под отворено небо во Турција и СиријаФотографија: Firas Makdesi/REUTERS

Досега во Турција е потврдена смртта на над 8.500 луѓе, а во Сирија- земја уништена од 11-годишната граѓанска војна- загинаа уште најмалку 2.500. Во Турција се повредени над 38.000 луѓе.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган прогласи вонредна состојба во 10 провинции. Но жителите во повеќе погодени турски градови се гневни и очајни поради бавната реакција на државата. Се очекува Ердоган да посети неколку погодени подрачја.

Турските власти велат дека од земјотресот се погодени околу 13,5 милиони луѓе на површина од 450 километри, од Адана на запад до Дијарбакир на истокот на земјата.

Под урнатините 

Во градот Јандарис во северна Сирија, спасувачите и жителите велат дека се урнале десетици згради. Стоејќи околу остатоците на зграда со 32 стана, роднините на луѓето кои живееле во неа велат дека досега ниту еден не излегол жив.

Хатај Турција Земјотрес
Поглед од воздух на градот Хатај, ТурцијаФотографија: Depo Photos/abaca/picture alliance

Недостатокот на тешка механизација за отстранување на бетонските блокови ги отежнува спасувачките напори. Спасувачите не можат да стигнат до некои од најтешко погодените региони, поради уништените патишта, лошото време и недостатокот на ресурси и механизација. Некои региони се без струја и гориво.

Хуманитарните работници се особено загрижени за состојбата во Сирија, каде војната донесе милиони бегалци. Првиот човек на Светската здравствена организација вели дека спасувачките напори се трка со времето, а шансите да се пронајдат преживеани се намалуваат секоја измината минута и час.

Бројот на жртвите достигна над 2.500 луѓе, но се очекува да расте.

„Бројката на загинати значително ќе порасне поради тоа што стотици семејства се под урнатините, над 50 часа по земјотресот“, велат сириските спасувачки екипи. 

Трка со времето во потрага по преживеани во Турција и Сирија

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема