1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиБугарија

Дали „бугарска трага“ води до експлозија на Керчкиот мост?

Кристофер Неринг
12 октомври 2022

Дали камионот и експлозивот за кои се верува дека ја предизвикале експлозијата на мостот над Керчкиот теснец дошле од Бугарија? Москва покрена сериозни обвинувања кои ја разбрануваа бугарската внатрешна политика.

https://p.dw.com/p/4I492
Поправка на уништените делови на мостот преку Керчкиот теснец кој ја поврзува континентална Русија со окупираниот украински полуостров Крим (09.10.2022)
Поправка на уништените делови на мостот преку Керчкиот теснец кој ја поврзува континентална Русија со окупираниот украински полуостров Крим (09.10.2022)Фотографија: AFP/Getty Images

„Веќе ја знаеме трасата на камионот, во кој се случи експлозијата. Тоа е: Бугарија, Грузија, Ерменија, Северна Осетија и регионот Краснодарск.“ Со ова соопштение, во разговор со претседателот Владимир Путин, Александар Бастрикин, претседател на Истражниот комитет на Руската Федерација, предизвика мал земјотрес во Бугарија. Бидејќи Бугарија е единствената членка на НАТО и на ЕУ на оваа листа, а исто така, и наводна почетна точка на камионот користен како подвижна бомба, кој експлодирашена 8 октомври 2022 година на мостот од руското копно до пристанишниот град Керч, на украинскиот полуостров Крим, окупиран од руските трупи.

Оттогаш, дебатите ескалираа. Се зборува дека има сосема нова „бугарска трага“. Загрижени погледи се насочени од Софија кон Москва: дали Кремљ сака да ја обвини Бугарија за непријателски чин? Може ли земјата да биде директно вовлечена во војната? И дали постои врска меѓу новите наводи и двете експлозии во бугарски фабрики за оружје во август и во септември 2022 година? Досега, единствено е сигурно дека има многу малку сигурни факти и многу пропаганда.

Наводната маршрута на камионот-бомба кој експлодирал на Керчкиот мост на 8 октомври 2022
Наводната маршрута на камионот-бомба кој експлодирал на Керчкиот мост на 8 октомври 2022

Како прво: на типичен начин за Кремљ, ниту претседателот на истражниот комитет Бастрикин ниту претседателот Путин не дадоа докази или потврда за бугарско потекло на камионот-бомба. Истото важи и за наводните „руски и странски“ организатори на нападот. Поради тоа, Петер Стано, портпарол на еврокомесарот за надворешни работи Жозеп Борел, на 10 октомври 2022 година јасно стави до знаење дека ЕУ нема доверба во руските информации за експлозијата на Керчкиот мостот. Во никој случај не е утврдено дека камионот навистина тргнал од Бугарија.

Реакција од Софија

Со два дена задоцнување, на 11 октомври 2022 година, привремениот бугарски премиер Галап Донев, исто така, ја отфрли бугарската вмешаност во експлозијата. Тој истовремено, вети детална истрага за наводниот камион, но посочи: „Информациите што ги имаме не се веродостојни. Досега Бугарија се споменуваше само како географска точка на трасата на камионот. Ништо повеќе.“

Преодната влада во Софија претходно ѝ наложи на бугарската контраразузнувачка служба да ја провери руската верзија за трасата на камионот. Но, за ова Државната агенција за национална безбедност (ДАНС) е упатена на информациите од Москва. Тешко е да се процени дали ќе добие информации и колку тие се веродостојни: „Сите информации од Русија тешко можат да се проверат, како за маршрутата, така и за камионот или пак за експлозивот. Тоа може да се направи само со испитување на остатоците на лице место“, објаснува за ДВ Тихомир Безлов, експерт за безбедност во тинк-тенк Центарот за проучување на демократијата во Софија.

Бугарскиот безбедносен експерт Тихомир Безлов
Бугарскиот безбедносен експерт Тихомир БезловФотографија: Tihomir Bezlov

Зошто Бугарија?

Ако наводите на Москва за трасата на камионот се точни, се наметнуваат две прашања: Зошто камионот тргнал токму од Бугарија? И дали Москва сака да сугерира дека и експлозивот потекнува од Бугарија и бил пренесен оттаму? „Тоа во секој случај има смисла“, објаснува Тихомир Безлов. „Бугарија има најмногу транспортни компании, камиони и возачи во цела Европа. Ако украинските тајни служби сакале да најдат отфрлено возило овде, лесно ќе нашле банкротирана шпедиција“.

Камионот можел да биде пренесен од Бугарија со неделниот траект од црноморското пристаниште Бургас до Батуми во Грузија. А експлозивот? „Би бил преголем ризик да бил натоварен на камионот на почетокот на патувањето. Многу е поверојатно тоа да се случило во Грузија или дури и во самата Русија“, објаснува експертот за безбедност Безлов. Тој, исто така, не сака да верува дека експлозивот е од бугарско потекло: „Речиси е невозможно некој во Бугарија да купи, шверцува и извезе неколку стотици килограми експлозивен материјал без тоа да го забележат бугарските, западните, а веројатно и руските безбедносни служби“. 

Долготрајна внатрешнополитичка криза

За Безлов други прашања се многу поважни од потеклото на камионот и на експлозивот: „Дали пропагандата на Кремљ сака да ја обвини Бугарија? И ако е така, како на тоа ќе реагираат привремената влада и претседателот Румен Радев?“ Навистина, само неколку часа по разговорот меѓу Бастрикин и Путин, на каналите на Телеграм лојални на Кремљ се појавија објави во кои директно се обвинува Софија: „Тоа беше направено во Бугарија“, пишува воениот дописник на Комсомолскаја Правда, Александар Котс. „Тоа значи дека покрај Украина, во организацијата на овој терористички чин би можеле да учествуваат и странски разузнавачки служби“.

Карта на украинските територии окупирани од страна на Русија и анектираниот Кримски полуостров кој е поврзан со руското копно преку Керчкиот мост
Карта на украинските територии окупирани од страна на Русија и анектираниот Кримски полуостров кој е поврзан со руското копно преку Керчкиот мост

Извештаите за ваквите оценки од Москва во бугарскиот печат доведоа до првите политички реакции. Како впрочем и во текот на целата 2022 година, бугарскиот став за руската војна против Украина се карактеризира со комплицирана мешавина на надворешна и домашна политика. Затоа што во Бугарија веќе две години владее постојана внатрешнополитичка криза: имено, избрана влада во земјата, иако нестабилна, имаше само во периодот од декември 2021 до јуни 2022 година. Преодните влади што ги назначува претседателот Радев се закануваат да станат нормалност.

Цик-цак курс меѓу Москва и НАТО

Претседателот својот цик-цак курс меѓу јавната осуда на рускиот напад врз Украина и бугарската „неутралност“ го постави како предуслов за сите овие влади. Радев го оправдува своето одбивање за испорака на оружје или членството на Украина во НАТО со загриженоста дека Бугарија може да биде вовлечена во војната.

Приказната за „бугарската трага“ на експлозијата на мостот на Крим, која сега се прошири од Москва, дополнително ги подгрева овие дебати. Кристијан Винегин, пратеник и член на управниот одбор на Бугарската социјалистичка партија БСП, која, како и Радев, традиционално е проруска, но која е во судир со претседателот дома, веднаш го повика Радев да „даде брз и јасен сигнал и да не дозволи Бугарија да биде вовлечена во конфликтот на кој било начин“. Официјалното соопштение на Кремљ за експлозијата над Керчкиот теснец  доаѓа како порачано за проруските сили во Бугарија.

Бугарскиот претседател Румен Радев следи цик-цак курс во односите со Русија и со НАТО
Бугарскиот претседател Румен Радев следи цик-цак курс во односите со Русија и со НАТОФотографија: Presseamt des Präsidenten

Испораки на оружје и експлозии

Новите агресивни тонови на Москва против Бугарија би можеле да имаат и друга заднина, како што објаснува Тихомир Безлов: „ Меѓусебно раскараните прозападни партии во земјата имаат мнозинство во парламентот од изборите на 2 октомври 2022 година и би можеле, против волјата на претседателот Радев, да се договорат за испораки на оружје за Украина“. Поранешниот премиер Бојко Борисов, чија партија ГЕРБ доби најмногу гласови на изборите, го повтори својот став дека сака да испорача оружје на Украина веднаш по изборите. Од своја страна, опозициската партија Демократска Бугарија (ДБ) објави дека има намера да поднесе соодветен предлог до Парламентот. Заедно со ГЕРБ и со партијата на поранешниот премиер Кирил Петков, кој беше сменет во јуни 2022 година, „Продолжуваме со промената“ (ПП), трите прозападни и проукраински партии би имале јасно мнозинство во бугарскиот парламент.

Досега Бугарија не испорачуваше тешко оружје за Украина, иако јавна тајна е дека државните и приватните компании за оружје извезуваат лесно оружје и муниција преку Полска, Словачка и Чешка. Во август 2022 година се случи експлозија во магацин на трговецот со оружје Емилијан Гебрев, за која сопственикот ги обвини руските тајни служби.

На 4 октомври 2022 година се случи уште една експлозија во државната компанија за вооружување „Арсенал“. Истражните органи не дадоа никакви информации за можна руска вмешаност. Сепак, геостратешката улога на Бугарија како логистички центар за стоки од суштинска воена важност во украинскиот конфликт станува сè поочигледна.