„Петтата колона“ на Русија во Бугарија
12 мај 2022ДВ: Имаме ли системска претстава за каналите и средствата со кои влијанието на Кремљ продира во Бугарија?
Тихомир Безлов: За да го имаме потребни ни се долгогодишни систематски напори на специјализирани институции - контраразузнавачки и финансиски, кои очигледно не постојат. Можеме само да шпекулираме врз основа на фрагментарни приказни во медиумите и врз некое лично или групно искуство. И можеме да видиме многу примери на „лични канали“ на вакво влијание кај политичките партии и политичарите, медиумите и новинарите, војската и специјалните служби, универзитетските професори, културните дејци, па дури и свештенството.
ДВ: До кој степен може веродостојно да се идентификува нивното присуство во политиката и медиумите? Дали војната ја направи повидлива „петтата колона“ на Путин?
Тихомир Безлов: Ако ја прифатиме дефиницијата за „петта колона“ на франкоистичкиот генерал Мола, може да се каже дека таа стана сосема видлива во Бугарија 1-2 месеци пред почетокот на војната во Украина и особено после тоа. Терминот „петта колона“ се појави во 1936 година, кога генералот Мола рече дека ги водел своите трупи во четири колони кон Мадрид, каде што имало и „петта колона“ што ќе ги поткопа напорите на републиканската влада одвнатре.
Сега се чини дека „петтата колона“ во Бугарија најјасно се гледа во политиката. Но, во овој момент е многу тешко да се процени до кој степен трите политички партии кои се сметаат себеси за проруски - БСП, „Преродба“ (го наследија, според политиколозите, разочараниот електорат на Атака) и новата партија на генерал Јанев „Бугарски подем“ - едноставно се борат за прорускиот електорат во Бугарија и/или добиваат и „инструкции“ од Кремљ. Засега единствен јавен доказ за директно руско финансиско влијание врз бугарската политика е изјавата на поранешниот шеф на Атака, Валери Симеонов.
- Бугарија: Владина криза, испорака на оружје и еден генијален потег
На меѓународен план, таков доказ е вклучувањето на водечки европски политичари во одборите на големите руски компании. Веројатно најпознатиот пример е Герхард Шредер во управниот одбор на Газпром, но вреди да се спомене и името на поранешниот италијански премиер Матео Ренци, поранешните австриски канцелари Кристијан Керн и Волфганг Шисел и поранешниот фински премиер Еско Ахо. Во Бугарија досега единствено познато име е Ирина Бокова - бугарската кандидатка за претседател на ОН, која беше вклучена во управниот одбор на PJSC Phosagro.
Најголемото изненадување за мене беше огромниот процент на поранешни бугарски високи офицери кои се покажаа како поддржувачи на Путин. Тоа беше очекувано од една страна поради фактот што Бугарија беше најлојална членка на Варшавскиот пакт, но од друга страна по 32 години демократско општество и 18 години членство во НАТО состојбата во армијата е шокантна.
Веројатно најинтересниот правец во кој Кремљ се обидува да влијае во Бугарија се медиумите. Можеме да видиме случаи на новинари кои очигледно добиваат финансирање од Русија кога се испраќаат во Сирија, на пример, да прават репортажи за успесите на Русија. Згора на тоа, материјалите на овие бугарски новинари сега се шират и во други источноевропски земји. Впечатливо беше како руските специјални служби на овие новинари им обезбедуваа документи од бугарските царини, бугарските воени погони, бугарските пристаништа и аеродроми, кои очигледно тие самите не ги обезбедиле.
Друго место со силна „петта колона“ според мене е бугарската контраразузнавачка служба. Протекувањето на доверливи документи во 2015 година е само еден од многуте примери за проблемите таму. Да не заборавиме дека случајот со атентатот на Емилијан Гебрев, неговиот син и неговиот извршен директор се појави како тема три години подоцна, по обидот за атентат врз Скрипал и објавувањето на новинарската истрага на Bellingcat.
ДВ: Дали е и Бугарската православна црква (БПЦ) дел од таа „петта колона“?
Безлов: Според луѓе кои се внатре во БПЦ и добро ги знаат сложените односи во нејзиниот врв, се случил голем гаф со руското влијание. Рускиот патријарх Кирил со својот надмен и арогантен однос кон проруските митрополити успеа да предизвика нивно целосно отуѓување. Не случајно бугарскиот патријарх Неофит и митрополитите Николај и Јован експлицитно ја осудија војната и ја прекорија московската црква на Ѓурѓовден. Отворените русофили молчат.
- Бугарија – руска територија од другата страна на Дунав?
Со други зборови, како структура и политика, бугарската црква во моментов не е дел од „петтата колона“ на Путин. Се разбира, има многу докази дека поединечни епископи и свештеници ја поддржуваат војната во Украина.
ДВ: Која е крајната цел на Путин во Бугарија и какви се неговите шанси да ја постигне?
Безлов: Никој не може доволно добро да ги предвиди намерите на Путин. Во оваа смисла, можеме да ги опишеме само во варијанти и сценарија неговите планови за Бугарија. Веројатно не е случајно што единствените земји за кои Кремљ рече дека треба да го напуштат НАТО се Романија и Бугарија. Ова води до несреќни шпекулации за можна следна воена операција. На Путин би му било многу полесно да се насочи на линијата Молдавија-Романија отколку кон Полска. Според воената експертиза, полската армија има двојно поголем капацитет од украинската армија, а Германија е зад Полска. Во исто време, зад Романија е Бугарија, која има исклучително слаба армија и силни симпатии кон Русија.
Тихомир Безлов е безбедносен и политички аналитичар и член на софискиот Центар за изучување на демократијата.