По понижувачките порази во големите војни, Русија има навика да пропаѓа. Овојпат, под притисок на загубите во Украина, процесот на распаѓање се чини дека започнува од вооружените сили на Русија. Да го погледнеме контекстот.
По понижувањето во Руско-јапонската војна, проследено со катастрофите од Првата светска војна, империјата се распадна на бројни територии. Истото се случува и по поразите во војната во Авганистан 70 години подоцна. Империјата, овојпат позната како Советски Сојуз, повторно се распадна и сите „сојузни републики“ се прогласија за суверени држави. Териториите внатре во самата Русија исто така креваат глава. Татарстан успеа да преговара за широка автономија, но Чеченија беше уништена од руската армија во две последователни војни. Во Сибир, организации како што е „Народен фронт за ослободување на Сибир“ спроведоа неуспешни акции.
Почеток на крајот?
Денес, распаѓањето не започнува со отцепување на територии (иако автономните републики Калмикија, Бурјатија и Дагестан не изгледаат премногу далеку од оваа точка). Овојпат центрифугалните сили се најочигледни во вооружените сили.
Пред неколку дена, Олексиј Арестович, украински остроумен аналитичар со борбено искуство, ги наведе следните руски „војски“ (секоја со свој командант) кои се наоѓаат на територијата на Украина: редовната армија под команда на генерал Суровикин; приватната војска „Вагнер“ на Пригожин, познат и како „готвачот на Путин“; барем уште една приватна војска; чеченските насилници на Кадиров; „армиите“ на „народните републики“ Доњецк и Луганск; „Национална гарда“; „Росгвардија“.
Односот меѓу овие осум „армии“ станува сè покомплексен и непријателски. Бурјатите од редовната армија имаа неколку судири со Чеченците на Кадиров, на пример. Тензиите се видливи и во редовната армија на Суровикин - и меѓу редовните и регрутите, и по етничка и верска линија.
Самата фрагментација на вооружените сили е крајно опасна. Тоа го нарушува основниот принцип на воените работи - единството на командата, а со тоа нагло ја намалува воената ефикасност. Во овој случај, сепак, има нешто друго. Различните „армии“ веќе развиваат свои, така да се каже, политички крила. Односно: почнуваат да бараат дел од државната власт.
Кадиров, на пример, неодамна успеа со притисок и уцена да го отстрани од функцијата рускиот генерал кој командуваше со централниот фронт во Украина. И „готвачот на Путин“ пред некој ден го побара правото да води сопствена надворешна политика, прогласувајќи го украинскиот претседател Зеленски за „стабилно момче“ со кое „можеме да преговараме“. Не е далеку времето кога овие политички крила ќе развијат сопствена пропаганда и свои медиуми. Сега на интернет се појави постер со прогласување на истиот Пригожин за „спасител“ на позадината на херојските силуети на тенкови и војници.
Кој сее ветрови...
Разумните очекувања се дека сè поголем број од осумте руски „војски“ ќе почнат да бараат политичка моќ, како и да развиваат сопствена пропаганда изградена околу хероизацијата на нивните соодветни команданти. И ова веќе се случи. По распадот на руската армија во 1917 година, на теренот се појавија безброј локални „атамани“ кои поседуваа свои вооружени сили, медиуми и територии.
Власта веќе се слева од Кремљ кон идните атамани, кои за возврат неизбежно ќе влегуваат во се понепријателски односи меѓу себе и на крајот - според Арестович - најверојатно ќе се борат. Нема да има кој да ги помири, бидејќи Кремљ веќе нема да има доволно моќ за ефективно да интервенира.
Во комбинација со можните процеси на територијална дезинтеграција, таквиот развој на настаните би го ставил Кремљ во режим на „совршена бура“.
„Оној што сее ветрови...“
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.