Прашањето од насловот на овој текст може да изгледа несоодветно, па дури и еретичко во нацијата, во која со години дијаболично се повторува дека „не нѐ бива, но сега ќе нѐ биде“, а во исто време е полна со предрасуди кон нашите соседи кон исток и кон запад за наводната наша доминантност, а нивна подреденост во многу аспекти од животот – од економијата, образованието, прозападните корени, развојот, прогресивноста и што уште не.
Ние сме во конфликт со соседите (оној со Бугарија е најкомплициран), но изгледа е поважно дека сме во конфликт со самите себеси. Го сакаме она што реално ни припаѓа – да бидеме дел од европскиот клуб, а во исто време наоѓаме и правиме безбројни работи со конфузни стратегии да не бидеме дел од тој клуб. Таквиот однос не е дел само од политиката на новата влада, тој се провлекува како трансверзала последните три децении и во политичката и во бизнис сферата.
Може да изнајдеме десетици лажни толкувања дека влегувањето на Бугарија и Романија во Шенген зоната од 1 јануари, всушност, ќе го намалело притисокот на македонските граници во летните месеци од туристите и гастарбајтерите. Затоа што тие преку Унгарија, Романија, Дунав и бугарските автопатишта без застанување ќе можеле да влезат во Грција, па за нас ќе било порелаксирано на нашите граници. И намерно да се емитуваат овие заблуди, тие се екстремно политички примитивни. Тогаш, за колку десетици милиони евра ќе бидеме покуси годишно од намалената наплата на патарини. Бугарија веќе пресмета дека тамошниот бизнис со влегувањето во Шенген годишно ќе заштеди 800 милиони евра. А ние би заштедиле со намалени гужви на границите за побрзо да стигнеме до Врање или Солун.
Но, да се вратиме на основното прашање – дали Македонија веќе треба да ѝ завидува на Албанија, не само на нејзиниот пат кон ЕУ, туку и во меѓународното вмрежување, додека ние бараме некаков излез од ќорсокакот во кој сме заглавени во европските интеграции. Има повеќе потврдни одговори отколку одречни. Зачудувачки е како осамената затворена земја на Балканот (речиси заборавена од сите) се трансформира во многу привлечна дестинација за туристите, бизнисмените, политичарите, армиите. Доколку сакаме реално да ги гледаме настаните треба да се дистанцираме од нашите знаења, а со нив и предрасуди, за колапсот на пирамидалното штедење во 1997 во Албанија, бунтовите во Валона и другите градови. Потоа од потврдени и непотврдени обвинувања дека Албанија се претворила во нарко оаза од каде државата финансиски се крепела; обвинувањата дека премиерот Еди Рама владее со мек авторитаризам, дека изборите ги претворил во машина за негови постојани победи, поради што опозицијата е постојано на улици на протести.
Вмрежување во големата политика
Во политиката да тргнеме од последните настани. На 30 декември премиерот Рама објави дека Тирана ќе биде домаќин на самитот на НАТО во 2027 година. Нашиот најголем меѓународен состанок беше министерскиот собир на ОБСЕ. Самитот на НАТО, каде што треба да стигнат најмоќните државници, е неверојатен предизвик за секоја земја, од организациски, безбедносен, транспортен и сместувачки аспект. А посебно самит на којшто ќе треба да дојде новиот американски претседател Доналд Трамп.
„Пред неколку години беше незамисливо Тирана да биде домаќин на самитот на НАТО во 2027. Но за тоа почнавме да работиме заедно со НАТО. Во Тирана дојде мисијата за проверка на условите за инфраструктура и логистика и направи проценки кои ќе беа невозможни пред владата заедно со општинските власти на Тирана да изградат многу работи последнава деценија. Доаѓањето на претседателот на САД и на сите лидери на НАТО е во исто време јасна порака дека сите се поврзани со Албанија и поврзани со нашата нова политичка позиција на меѓународната сцена. Ние сме мала земја. Имаме скромна тежина, но денес нѐ третираат како рамноправни и со почит каква што не сме имале во нашата историја“, рече Рама објавувајќи ја оваа вест.
НАТО лани ја заврши модернизацијата на воздушната база Кучова што ќе служи како важен воздушен центар на алијансата. Во реновирањето на контролната кула, пистите, хангарите и складиштата НАТО вложи 50 милиони евра. Лани во септември албанскиот министер за одбрана изјави дека владата одобрила 54 милиони евра за изградба на поморска база на НАТО во областа Порто Романо северозападно од Драч, надвор од вкупната инвестиција од 390 милиони евра планирана за изградба на нов пристанишен комплекс таму.
Тешко дека нешто може да им се забележи на зборовите на Рама за честа да се организира самит на НАТО, особено за тоа дека Албанија е мала земја – има 2,4 милиони жители, а малку е поголема по површина од Македонија. Тоа нема да биде прв пат Албанија да организира голем меѓународен собир. Во октомври 2023 таму се одржа и самитот на Берлинскиот процес. Како важна подготовка на самитот на НАТО во мај оваа година во Тирана ќе се одржи и самитот на Европската политичка заедница. Ова ќе биде шести по ред собир на оваа иницијатива инициран од францускиот претседател Емануел Макрон, на кој учествуваат сите земји на ЕУ, кандидатите за членство (оние што преговараат и оние што уште не преговараат), но и земји кои имаат поинакви односи со Унијата, како Велика Британија и Швајцарија. Тоа неверојатен предизвик од логистички и безбедносен аспект. Последниот самит на Европската политичка заедница се одржа лани во ноември во Будимпешта на големиот стадион „Арена Пушкаш“, токму поради големите огромните политички, безбедносни и логистички предизвици.
Лани во март во Тирана се одржа самит на Југоисточна Европа плус Украина и во албанскиот главен град дојде и претседателот Володимир Зеленски. Во декември 2022 во Тирана се одржа самитот ЕУ-Западен Балкан, прв од ваков вид во регионот од кој произлезе познатата Декларација од Тирана за пристапувањето на Западен Балкан во ЕУ.
Има уште неколку вакви големи собири одржани во Тирана, но да не набројуваме повеќе. Тирана е веќе препознатливо место на политичката мапа во Европа.
Откако Албанија се оддели од Македонија на нејзиниот пат кон ЕУ, таа веќе отвори два кластера, едниот во октомври, другиот во декември. Премиерот Рама на меѓувладината конференција со ЕУ во декември, на која беше отворен вториот кластер, рече:
„Нашиот марш продолжува. Тука сме да направиме важен чекор и да отвориме ново групно поглавје, кое е важно за нашиот план. Тоа е затоа што се работи според планот. Мора да продолжиме понатаму“.
Македонија не е спомената во плановите на Полска
Полска, која од 1 јануари го презеде претседателство со ЕУ, објави дека главниот приоритет во нејзиниот шестмесечен мандат ќе биде безбедноста. Но и дека проширувањето нема да се заборави. Полските владини претставници изјавија дека Варшава силно ќе работи Украина да отвори барем еден кластер во преговорите со ЕУ за време на нејзиниот мандат, како и Молдавија. Но и дека Албанија ќе отвори нови кластери, а можно е и Србија, а Црна Гора да затвори некои од веќе отворените. Македонија не се споменува во овие планови на Полска. Како да ја нема. Варшава во својата платформа за процесот на проширување вели дека темпото на земјите кандидати за членство ќе зависи од спроведувањето на реформите и исполнувањето на обврските. Нашата ја знаеме.
Всушност, сега на новите македонски власти никој не им врши притисок за спроведување на обврската за уставни измени. Тие се оставени сами да размислат каде сакаат да оди земјата. Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во интервју за Канал 5 пред Нова година рече дека „во реалноста ниту Албанија, ниту Црна Гора се понапред од нас, а тоа го покажал и скрининг процесот“. Каде да ја сретнеме таа реалност? Албанија го заврши скринингот уште во 2013 година.
Премиерот Христијан Мицкоски на последната прес-конференција минатата година рече дека „кога некој во Брисел ќе биде подготвен да разговара со мене за крај на процесот, тогаш јас ќе бидам подготвен“. И додаде:
„Без ВМРО-ДПМНЕ и додека јас сум претседател на ВМРО-ДПМНЕ уставни измени нема да има, тоа треба на сите да им е јасно. Вака како што се конципирани - нема, и нема ни да има. Затоа што јас не сум авантурист ни егзибиционист во мојот живот, газам на цврста штица и ако носам каква било одлука таа одлука сакам да значи крај на еден процес, а не само почеток“.
Тоа е што се однесува на политиката. Благодарение на извонредната местоположба, на Отрантската Порта, каде што се допираат Јадранското и Јонското Море, Албанија последниве десетина години е магнет за инвестиции, кои се поголеми отколку оние во Македонија. Според податоците на трговското тело на ОН, УНКТАД, од 2018 до 2022, просечно во Албанија годишно имало директни странски инвестиции од 1,27 милијарди долари. Според Стејт департментот во 2023 директните странски инвестиции стигнале до 1,6 милијарди долари и вкупно нивната бројка изнесува 14 милијарди долари.
Наспроти она што просечниот македонски граѓанин го мисли – дека Италијанците се главни инвеститори во Албанија, фактите покажуваат друго. Швајцарија, Холандија, Канада се најголемите извори на странски директни инвестиции, а потоа Италија, Турција и Австрија. Инвестициите се концентрирани во недвижен имот, екстрактивната индустрија, банкарството, осигурувањето и енергетскиот сектор.
Економијата на Албанија во последниве години расте со забрзано темпо. Официјалните податоци на Светска банка покажуваат дека во 2023 БДП на Албанија бил 22,98 милијарди долари, а за 2024 предвидувањата се 26,18 милијарди долари. БДП по жител во 2023 бил 8.367 долари, а во 2024 ќе биде 10.586.
Напредокот на Македонија е многу поскромен – во 2023 БДП бил 14,76 милијарди долари, а во 2024 ќе биде 15,86 милијарди. БДП по жител во 2023 бил 8.146, а во 2024 ќе биде 8.660. Дека двете земји одат со различна брзина по економскиот пат го покажуваат и податоците како економијата се променила од 2020 година до сега. Во 2020 БДП на Албанија беше 15,16 милијарди долари (по жител – 5.343 долари), а на Македонија 12,36 милијарди долари (по жител – 6.659 долари). Албанија сега толку забрзано оди напред што изгледа дека Македонија не може веќе да ја стигне.
Тирана – авионски центар на Балканот
Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, во интервју за Канал 5 во средината на декември, најавувајќи дека ќе има уште шест нови линии од скопскиот и охридскиот аеродром, ги повика „колегите од Бугарија, Албанија и Србија“ да се натпреварувале кој ќе донесел најмногу авиолинии.
Податоците покажуваат дека авионската поврзаност на Македонија е најсиромашна во однос на овие три земји коишто тој ги посочи. Аеродромот „Мајка Тереза“ во Тирана е еден од најфреквентните и најбрзо растечките авиоцентри во регионот. И од земјите што се и што не се во ЕУ. И особено кога ќе се спореди со големината на самиот град Тирана.
Според податоците од организациите и медиумите што се занимаваат со следење на ависообраќајот преку аеродромот во Тирана во 2024 година се превезле дури 10 милиони патници. Повеќе и од аеродромите во Белград и во Софија. А да не зборуваме за Скопје.
Според податоците од специјализираната страница FlightsFrom преку аеродромот во Тирана со 31 авиокомпанија се покриваат 84 дестинации. На пример, има седум авиолинии кон Велика Британија и фантастични 17 до Италија. Од него има 28.248 полетувања. Аеродромот во Тирана последниве неколку години масовно го користат и македонските граѓани за да патуваат низ светот или на одмор, а особено оние што живеат во југозападниот дел од државава.
Според податоците на FlightsFrom во овој момент од Скопје има 46 дестинации и скромни 7.336 полетување. Бројот на патниците малку се зголемува и според домашните податоци во 2024 требаше да достигне 3 милиони. Тоа е за три и пол пати помалку од аеродромот во Тирана. И тоа на свој начин покажува како се развива државата, како се вмрежува во светот, каков бум доживува туризмот и деловните можности.
Се разбира, морскиот брег на Албанија е главниот магнет за странските туристи. Во 2024 Албанија ја посетиле 13 милиони странски туристи, а Македонија околу 800.000. Оние македонски граѓани што биле на албанскиот брег во Саранда или Валона пред пет години и што повторно отишле минатото лето многу работи нема да препознаат поради големите инвестициски зафати. Некои од нив изгледаат како диви архитектонски градби, но сликата е дека се вложува и се вложува.
Една недела пред да соопшти дека самитот на НАТО во 2027 ќе се одржи во Тирана, албанскиот премиер Еди Рама објави уште една изненадувачка вест за извонредна промоција на неговата земја. Големата велосипедска трка Џиро д’Италија 2025 ќе ја има својата Grande Partenza, што значи уводната етапа, во Албанија. Не само стартот, туку и првите три етапи ќе бидат во Албанија.
Џиро д’Италија заедно со Тур де Франс се двете митски велосипедски трки (плус шпанската Вуелта) на кои се докажува грандиозната издржливост, знаење и професионализам на спортистите. Тие трки имаат капацитет да направи далеку повеќе за меѓународната промоција на земјата отколку сите пропагандни туристички и политички брошури и изјави.
Поради начинот на кој се пренесуваат трките (вклучувајќи и снимање од хеликоптери) тоа е можност за презентација на убавините земјата на начин и време на којшто во други прилики не е можен.
На тоа треба да се додаде дека Џиро д’Италија, со 114-годишна традиција, преку 200 телевизиски станици кои ја пренесуваат во живо трката им е достапен на 800 милиони гледачи низ целиот свет. Што значи дека многумина можеби за прв пат ќе слушнат за Албанија, ќе дознаат нешто за неа и ќе бидат поттикнати да ја посетат земјата.
Првата етапа на Џиро ќе започне на 9 мај во пристанишниот град Драч и ќе заврши во Тирана по ридска патека. Тирана ќе биде домаќин на индивидуален хронометар од 13,7 километри за етапата 2, а потоа етапата 3 на 11 мај ќе биде уште еден ридски крак од 160 километри, почнувајќи и завршувајќи во крајбрежниот град Валона, кој е директно преку Јадранот спроти италијанскиот регион Пуља, каде што трката ќе продолжи на 13 мај по ден за одмор.
Најавата дојде во време кога програмата на италијанската премиерка Џорџа Мелони за проверка на барателите на азил надвор од границите на Европската унија во специјален камп Албанија се соочува со правни предизвици.
Како и да е, во мај илјадници луѓе од Македонија и од регионов ќе се наредат на ридските патишта околу Валона и на улиците на Тирана за да ги видат најиздржливите спортисти на планетава во неверојатно напорната тринеделна трка и да ја прават заедно со другите онаа препознатлива бучава за храбрење.
Овој текст не е некаква ода за пофалба на Албанија, туку само претставување дека секој работи за себе, онолку колку што знае, онолку како што умее да се претстави и колку знае да привлече пријатели, политички и деловни. Секој има свои проблеми, некој има услов како Македонија што не сака да го исполни онака како што е договорен, некого го условуваа за концесии во морската граница (како што тоа го направи Грција со Албанија), Хрватска бара од Црна Гора да внимава како се однесува со логорот во кој држеше како воени заробеници хрватски граѓани на почетокот од 90-тите.
Најважното е да се најде решение и да се оди напред за да не може да се запре. Ние во овој момент сме запрени. Дали до оној момент, како што вели Мицкоски – „Кога некој во Брисел ќе биде подготвен да разговара со мене за крај на процесот, тогаш јас ќе бидам подготвен“ – или подалеку и од тој момент? Засега никој не знае. Но она што веќе јасно се гледа е дека никој веќе не врши притисок врз Македонија да ги направи уставните измени. Оставена е сама да си ја одреди својата судбина. Ако навистина знае што сака.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.