1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ковачевски и Денков ќе ги затоплуваат односите

ДТЗ
23 јуни 2023

Вакви пораки си пренесоа македонскиот и бугарскиот премиер во телефонски разговор, со кој Ковачевски му го честиташе мандатот на Денков и му посака успешна работа на новоизбраната Влада што ја предводи.

https://p.dw.com/p/4Syy0
Северна Македонија Бугарија знаме
Обид за затоплување на односите и продолжување на дијалогот меѓу Скопје и СофијаФотографија: Uwe Scholz/teamwork/imago images

Новиот бугарски премиер Николај Денков очекува Северна Македонија да ги прифати уставните измени, како што е договорено со европскиот компромис постигнат во 2022 година. Македонскиот премиер Димитар Ковачевски, пак, се надева на позитивна реторика, која што ќе придонесе во меѓусебната доверба меѓу двете земји. Вакви пораки си пренесоа македонскиот и бугарскиот премиер во телефонски разговор, со кој Ковачевски му го честиташе мандатот на Денков и му посака успешна работа на новоизбраната Влада.

Поддршка за евроинтеграцијата

„Какви напори и да вложиме за позитивен развој на билатералните односи, тие ќе останат на втор план или нема да се реализираат доколку не се реши соодветно прашањето за вклучување на Бугаритево основниот закон на Северна Македонија“, истакнал бугарскиот премиер, академик Николај Денков во телефонски разговор со својот колега од Северна Македонија.

Николај Денков премиер Бугарија
Новиот бугарски премиер Николај Денков очекува Северна Македонија да ги прифати уставните измениФотографија: BGNES

Денков ја потврдил поддршката на Бугарија за интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ, вклучително и Северна Македонија, бидејќи тоа е во интерес на сите. Се очекува Северна Македонија да постигне брз напредок во реформскиот процес и да ги исполни договорените услови усвоени со заклучоците на Советот на Европската унија во 2022 година, преговарачката рамка и билатералните протоколи на состаноците на Меѓувладината комисија од чл. 12 од Договорот за пријателство, соработка и добрососедство од 2017 година.

„Нашата земја е подготвена да работи заедно со својот сосед за исполнување на преземените обврски“, порачува Денков. 

„Извор на мир“

Како што соопшти прес-службата на бугарската Влада, Денков кажал дека и во двете држави има сили кои не сакаат добрососедски односи и се обидуваат да поттикнат тензии. „Во оваа средина, бугарскиот кабинет ќе биде извор на мир. Но, важно е да нема инциденти во Северна Македонија, а и државата веднаш да реагира доколку дојде до тоа, за да докаже дека се грижи подеднакво за сите свои граѓани“, посочува Денков.

Двајцата премиери разговарале за можностите за зајакнување на позитивните аспекти во билатералните односи, вклучително и преку парламентарниот дијалог и секторската соработка. Од македонската Влада информираа дека на средбата е изразено очекување од двете страни, за добра меѓу владина соработка, во интерес на граѓаните и на добрососедските односи.

Димитар Ковачевски премиер Северна Македонија
Македонскиот премиер Димитар Ковачевски се надева на позитивна реторика со Бугарија, која што ќе придонесе во меѓусебната доверба меѓу двете земјиФотографија: Government of North Macedonia

„Разговарано е за важноста од промоција на позитивната реторика којашто придонесува во меѓусебната доверба, како и од продолжување на динамиката во билатералната агенда и средбите меѓу министрите во владите кои ќе придонесат кон постигнување резултати кои се конкретни и видливи за граѓаните.  Заедничка е оценката дека е потребна конструктивност во пристапот и понатамошната соработка, за коешто постои увереност и кај двајцата премиери дека го очекуваат и граѓаните на Северна Македонија и Бугарија, но и регионот, ЕУ и меѓународните партнери“, посочуваат од Владата.

Оптимизам

Оптимизам дека уставните измени во кусо време би можеле да се најдат во парламентот во четвртокот (22.06) изразија шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи и вицепремиерот Бојан Маричиќ.

Известувачот за Македонија во Европскиот парламент, Илхан Ќучук во изјава за бугарските медиуми вели дека „оваа или следната недела, конкретните предлози треба да бидат доставени од работната комисија до Владата и да бидат разгледани од македонскиот парламент“. Ваква потврда добил од македонските власти. Европратеникот негира дека му бил вршен притисок од која било страна за да го одложи гласањето за есенскиот извештај.