1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Повици за дебата, предлози и сугестии за уставните измени

ДТЗ
22 јуни 2023

Повици да не се политизираат уставните измени, да почне дебата за нив и да се најде решение во интерес на граѓаните. „САД ве поддржуваат, но не можеме да го направиме место вас“, вели амбасадорката Анџела Агелер

https://p.dw.com/p/4Sx0V
Анџела Агелер
Водството на Северна Македонија мора да пронајде начин да го фати вистинскиот правец, дури и пред формално да влезете во ЕУ, вели Анџела АгелерФотографија: Petr Stojanovski /DW

Власта и опозицијата во Северна Македонија мора да работат заедно, да ја тргнат настрана политиката и да работат за интересите на граѓаните. Приклучувањето на Северна Македонија во ЕУ, меѓу другото ќе ѝ помогне на земјата подобро да се справи со домашните предизвици, а еден од нив е корупцијата. Ова го порача американската амбасадорка, Анџела Агелер, на конференцијата „Односите на САД и Северна Македонија во ера на геополитички превирања“, во организација на Претседателскиот центар за политичко образование. 

„Водството на Северна Македонија мора да пронајде начин да го фати вистинскиот правец,дури и пред формално да влезете во ЕУ. САД ќе ве поддржат, ќе продолжиме да инвестираме во вас, но ова не можеме да го направиме наместо вас. За да го преземете следниот чекор, кој ќе ја води вашата земја кон посветла иднина, мора да има политичка волја. Во секоја држава за одредени важни одлуки потребно е власта и опозицијата да работат заедно, да ја тргнат настрана политиката и да го сторат она што е добро за граѓаните. Во сржта на тешките одлуки, кои треба да се донесат, во суштината на тоа зошто НАТО, ЕУ, вашиот однос со САД и зошто домашните реформи, се всушност вашите граѓани“, вели Агелер.

Приклучувањето во ЕУ, според неа, ќе ѝ обезбеди на Северна Македонија подобро да се справи со домашните предизвици, а  еден од нив го наведе и иселувањето на младите. Членството може да помогне во спречувањето на тој тренд, а тоа исто така ќе донесе економски можности, креирање на нови работни места, образовни можности.

„Ќе го зачувате јазикот, ќе ја зачувате културата, ќе го зачувате идентитетот, тоа е вашето наследство, тоа е нешто суштинско, кое ве прави она што сте како држава и во исто време ќе добиете многу. Станувањето дел од една таква алијанса помага и во ставањето крај на корупцијата и ставање крај на судската криза, во спроведување на реформите и исполнување на стандардите“, додаде Агелер. 

„Губиме кислород без ЕУ“

Повик да не се политизираат уставните измени, туку да започне дебата за нив, денеска (22.06) упати и шефот на дипломатијата, Бујар Османи. Тој на прес-конференција повика на јавни дебати, предлози и сугестии околу уставните измени, посочувајќи дека сега процесот е во фаза кога може да се даваат идеи и предлози, бидејќи Комисијата беше замислена да биде инклузивно тело во кое може да се вклучат сите.

Бујар Османи
Губиме кислород без ЕУ, вели Бујар Османи Фотографија: Ministry for Foreign Affairs of North Macedonia

„Без Европската унија како општество губиме кислород. Не можеме без ЕУ. Што ќе се случи ако Унијата ги повлече сите фондови, пари, проекти… или ако каже оваа земја никогаш нема да стане членка на Унијата?“, вели Османи.  

На прашање има ли шанси повторно да се седне со опозицијата да се разговара околу промените на Уставот, Османи рече дека неприфаќањето на овие измени од страна на опозицијата не е фер кон граѓаните и е обид на опозицијата да се добие политички поен повеќе. Затоа ќе се бараат и алтернативни начини - разговори со пратеници за коишто се смета дека би можеле да дадат поддршка. 

Надеж до последен ден 

„Ќе работиме до последен ден за да постигнеме консензус со опозицијата. До последна секунда. Меѓутоа, нема да пропуштиме еден ден, да работиме и со пратениците, бидејќи очигледно ако сте разговарале со нив ќе видите дека повеќето се свесни за товарот што им се става, да бидат кочничари на европската иднина. Да бидат тие, коишто ќе ги натераат луѓето да си заминат надвор, да бидат тие коишто ќе ја изолираат земјата“, нагласи Османи. 

Премиерот Димитар Ковачевски, денеска повторно ја повика ВМРО-ДПМНЕ да остане на искажаниот став по лидерската средба во однос на уставните измени, да се работи на ниво на работни групи и да се договорат деталите, потенцирајќи дека со внесувањето на Бугарите во Преамбулата на Уставот паѓа во вода тезата за „еден народ во две држави“.

Вицепремиерот Бојан Маричиќ, вели дека уште неколку дена треба да се даде шанса за дијалог со опозицијата пред Владата да ги пушти уставните измени до Собранието. Крајниот рок за завршување на комплетната процедура е во ноември. Најдоцна во текот на јули амандманите треба да бидат испратени во Собрание. 

Претседателот на ВМРО-ДПМЕ, Христијан Мицкоски, денеска повтори дека е подготвен за разговор со Владата доколку биде прифатено едно од двете решенија – уставни измени со одложено дејство или избори наесен. Тој прифаќа укинување на техничка влада, само за да има брзи избори.