Депортација од Германија: Што ќе се промени?
25 октомври 2023Германската влада е под притисок. Миграцијата - растечкиот број на мигранти и бегалци и нискиот број на протерувања - ги допира и загрижува луѓето во Германија. А, тоа е и тема со која може да поентираат деснопопулистите. Канцеларот Олаф Шолц сега реагираше и во интервју најави построга политика за азил. „Ние мора конечно во голем стил да ги протераме оние кои немаат законско право да останат во Германија”, изјави тој за магазинот Шпигел. Не е можно постапката за депортација во многу случаи да се тегне со години, додаде канцеларот. Министерката за внатрешни работи, од редовите на социјалдемократите Ненси Фезер, сака со нацрт- закон кој денеска (25.10.2023) доби зелено светло од владата, да ги забрза таквите постапки.
Германија - магнет за бегалци
Германија прими повеќе од еден милион лица кои бараа заштита од војната на Владимир Путинпротив Украина. Минатата година покрај нив, имаше околу 244 илјади поднесени барања за азил, годинава можно е бројката да достигне 300 илјади. Но, дури и оние кои немаат право да останат во земјата, често не може да бидат вратени назад. Според податоците на сојузното министерство, до крајот на септември 12 илјади лица кои се вратени во нивните матични земји. Но, министерката Фезер сега сака да ги забрза протерувањата. „Оној кој нема право да остане во Германија, мора да ја напушти нашата земја", вели и таа.
Кој може да биде протеран?
Во интервју со ДВ, експертот за миграција Гералд Кнаус зборува за „офанзива за протерувања која е предвидена уште во коалицискиот договор на партиите кои ја сочинуваат владата - со фокус на криминалци и лица од кои произлегува некакво загрозување”.
Плановите на министерката за внатрешни, додава Кнаус, се однесуваат и на лица чиишто барања за азил се одбиени, или кои воопшто не поднеле такво барање. До крајот на септември според податоците на министерството, околу 255 илјади лица со обврска да ја нашуштат земјата сѐ уште живееле во Германија. Околу 205 илјади од нив се толерираат, односно не може да бидат протерани. Тоа значи дека теориски мора да ја напуштат земјата, но од правни причини не може да бидат протерани затоа што на пример земјите од кои доаѓаат не се безбедни, или пак не сакаат да примат мигранти.
Кнаус се сомнева дека германските власти ќе протераат многу од толерираните лица. „Замислата дека оние кои делумно се веќе со години тука ќе може со протерување од Германија да се однесат во други земји, е илузорна”, вели Кнаус.
Што треба да се промени кај протерувањата?
Нацрт законот на министерката Фезер предвидува повеќе овластувања за полицијата и властите, кои треба да го спроведат протерувањето. Тие во иднина не мора да бидат најавувани, а освен тоа е предвидено полицајците да може да влезат и во други простории покрај оние на лицата кои треба да се протераат. Во минатото се случувало лица да се кријат во заеднички простории, посочуваат властите. Освен тоа странци кои треба да видат проетрани, во иднина подолго време пред протерувањето може да бидат држани во т.н. „надзор за напуштање на земјата”.
Според реформата, таму би можеле да бидат држани и до 28 дена наспроти 10 според сегашната регулатива. Ако едно лице не може да приложи пасош, властите смеат да го проверат и мобилниот телефон или приватни сандачиња со цел да го утврдат идентитетот на лицето. Организации за човекови права како „Про Азил” затворањето на лицата го сметаат за нехумано и зборуваат за „затвор за протерување” при што постојано се случуваат телесни повреди или самоубиства. Од организацијата „Тер Д’Хом” се загрижени дека „на децата и младинците со планираното заострување на законот им се заканува живот во перманентен страв од протерување”.
Дали матичните земји во иднина ќе си ги примаат мигрантите назад?
Истражувачот на миграција, Гералд Кнаус, смета дека планираните мерки за кои ќе треба да расправа и парламентот, генерално имаат смисла. „Но, многу поважни се договори за миграција, односно соработка со држави кои ќе си ги земат назад нивните граѓани што имаат ибврска да ја напуштат Германија”, вели Кнаус. Со оглед на растечката миграција, канцеларот Шолц најави договори со матичните земји за примање назад на своите мигранти. „Ние ќе склучиме договори со земји од кои потекнуваат бегалците кои не може да останат во државата”, рече Шолц. Познато е дека владата веќе преговара со Грузија, Молдавија, Кенија, Узбекистан и Киргистан.
Кнаус како негативен пример наведува неколку земји од Африка. Од Нигерија и Замбија на пример Германија пред многу години има примено голем број луѓе. Кнаус посочува дека повеќето не добиле азил „но, и дека нивните матични земји не ги примаат назад." Ист е случајот и со Ирак.
Па така планираните заострени правила за протерување се само прв чекор, а не и заплашување. Кнаус прашува дали целта е да се намали нерегуларната миграција во Германија и заклучува дека „во тој случај од многу причини може да имаме дилеми дека на ваков начин тоа ќе успее.