Десетици илјади Израелци на демонстрации против Нетанјаху
1 април 2024Протестите против премиерот Бенјамин Нетанјаху во Израел не запираат. Пред парламентот во Ерусалим десетици илјади демонстранти во неделата бараа одржување нови избори и итен договор за ослободување на заложниците од рацете на исламистичката терористичка организација Хамас. Израелскиот медиум Вести Н12 јавува за најголемата демонстрација од почетокот на војната. Уште во саботата вечерта во тел Авив демонстрираа илјадници луѓе, а најавено е протестот да трае четири дена.
Опозициониот лидер Јаир Лапид остро го критикуваше Нетанјаху, обвинувајќи го дека неговата влада ги уништува односите на Израел со САД и ги препушта израелските заложници кај Хамас на нивната судбина. „Сите негови потези се во корист на неговата политика, ништо не е за доброто на земјата“, обвини Лапид.
Нема договор во Хамас
Нетанјаху категорично ги отфрли обвинувањата на сметка на неговата преговарачка политика и барањата за одржување нови избори. „Повиците за избори во овој момент, кој е кулминација на војната, на момент пред победата, најмалку половина година ќе го парализираат Израел, ако не и подолго“, изјави премиерот на прес конференција.
Нетанјаху смета дека нови избори би значеле и отежнување на преговорите кои се водат за ослободување на заложниците, за што за возврат се нуди прекин на огнот и ослободување на палестински затвореници. Нови избори би воделе кон крај на војната пред остварување на нејзините цели, со што корист би имал Хамас, изјави Нетанјаху, повторувајќи останување на неговиот курс: „Ќе навлеземе во Рафах и таму ќе ги уништиме сите единици на Хамас, од едноставна причина – без тоа нема победа. Уништувањето на Хамас е важна цел на нашата војна, во тоа спаѓа и враќањето на заложниците.“
Меѓутоа, преговорите за примирје во моментов се блокирани, нема договор со Хамас. Израелска делегација наводно отпатувала на нови разговори во Каиро.
Нетанјаху опериран од кила
Израелскиот премиер бил опериран од кила - хируршкиот зафат бил успешен и премиерот се опоравува, соопшти во меѓувреме болницата Хадаса Ајн Керем во Ерусалим, каде е извршена операцијата. Нетанјаху претходно најави дека брзо ќе се врати на неговите должности, а во негово отсуство го заменува премиерот за правда, Јарив Левин.
При рутински лекарски преглед во саботата кај 74-годишниот Нетанјаху била дијагностицирана хернија, соопшти неговиот кабинет. И претходно, Нетанјаху често беше на болничко лекување поради здравствени проблеми. Во летото минатата година тој имаше операција на срцето, при што му беше вграден пејсмејкер.