Политички дивиденди преку детски животи
23 декември 2024Лекарски или организациски пропусти, добро или лошо менаџирање - се бараат одговори низ наодите од контролата на здравствениот инспекторат и стручната комисија, а во тек е и евалуацијата на работата на повеќе директори на клиниките. Неколку случаи на смрт на деца ја вивнаа темата во фокусот, но најмногу со меѓупартиски обвинувања, при што е помината линијата која ја разграничува грижата за здравјето и животите на децата - од ловењето политички дивиденди преку случаи на изгубени детски животи.
По минатонеделниот случај со смртта на седумесечно бебе, ДУИ обвини за „мрачно поглавје во историјата на здравствениот систем', а вината за тоа ја лоцираше во „негрижа, дезорганизација и тотален неуспех на раководството во Министерството за здравство". Побараа итна оставка од министерот за здравство, со став дека неговиот мандат е обележан со трагедии што можеле да се спречат и со рушење на довербата во здравствен систем, а побараа оставка и од директорот на Универзитетската Клиника за детски болести во Скопје.
Вчера ДУИ повторно побара одговорност, обвинувајќи и за бесчувствителност.
„Во време кога насловните страници известуваат за трагичната смрт на 20 деца за само шест месеци, во Детската клиника во Скопје, раководството на оваа клиника избира да објавува фотографии од предновогодишни прослави финансирани од буџетски средства, прогласувајќи ја годината за успешна. Ова е тежок удар за семејствата кои ги загубија своите деца и за граѓаните кои очекуваат чувствителност и одговорност од здравствените институции. Време е за оставки, за сериозни истраги и за враќање на одговорноста во нашиот здравствен систем“, порачаа од ДУИ на прес-конференција.
Шират страв
Маскирани како Дедо Мраз или во некои од омилените херои од цртаните филмови, волонтери од повеќе организации завчера организираа специјална акција на Детската клиника во Скопје. Со јажиња се спуштија на терасите, на децата им приредија изненадување и им оставија новогодишни подароци. Родители, иако пријатно изненадени од ваквиот гест кон децата, истовремено не ја кријат и нивната загриженост од меѓупартиски обвинувања кои им предизвикуваат страв и несигурност.
„Кога ќе речат - ништо нѐ чини, дека децата се оставени сами на себе, или дека нема специјалисти во секое време, како да се чувствувам јас како родител? Ме плашат, ми предизвикуваат паника. Ако се искрени нека дадат конструктивен предлог, ако не даваат - нека замолчат. Нека си тераат политика преку други теми, не преку децата“, вели родител.
Директорот на Клиниката за детски болести, Реџеп Мемеди уверува дека во клиниката 24 часа има специјалисти, но посочува и дека работата на Клиниката ќе се подобри со нови вработување на лекари кои сега недостигаат.
Завчера СДСМ побара темелна истрага, транспарентност и одговорност - оставки од министерот Таравари и директорот Мемеди. Од СДСМ објавија податоци дека во втората половина на 2024 година, починале 20 деца: 19 доенчиња и едно петгодишно девојче. Се пофалија дека СДСМ успеал значително да ја намали смртноста кај новороденчињата.
Според податоците од СДСМ, во 2016 година, смртноста изнесувала 25%, а во 2023 година се намалила на 5%. „Неонаталната смртност СДСМ ја намали за 5 пати, во 2015 година изнесувала 6,8% а во 2022 година е намалена на само 1,4%. Во 2015 година во времето на ДПМНЕ перинаталната смртност изнесувала 12,8%о а во 2022 година е намалена на 6,9%. Сега е крајно загрижувачки да гледаме како повторно расте ризикот за новороденчињата и децата“, наведоа од партијата.
Вреди: Ги користат најболните случаи
Додека трае вкрстениот оган околу Клиниката за детски болести, нејзиниот директор на социјалните мрежи објави дека е жално што ДУИ ги користи животите на децата за да ја дефокусира јавноста од криминалот и корупцијата во која се нурнати. И тој објави статистички податоци, според кои, во периодот кога ДУИ била на власт, смртноста на Клиниката за детски болести била 2 до 3 пати поголема од бројката годинава.
Во 2014 година имало 102 смртни случаи, во 2015 - 108, во 2016 - 84, во 2017 – 48. Потоа повторно следи раст: во 2018 – 53 случаи, а во 2019 - 62. Во 2020 имало 58, во 2021 - 43, во 2022 – 52, а најмала била бројката на смртност на деца во 2023 - 28. Заклучно со октомври годинава таа бројка е 35.
Се огласија и од Вреди, со оценка дека здравството со ДУИ било тортура за граѓаните.
„Партиjата нон грата ДУИ, оваа лоша копија на Груевски, во својот очај како изолирана партија, ги користи и најболните случаи само за да го нахрани сопственото гнасно его. Кога беше време да застанат зад здравството, ДУИ се скрија зад своите афери и корупциски шеми, покажувајќи дека за нив власта е поважна од животот на народот. Денеска не им остана лице да бараат одговорност, бидејќи ги наследивме последиците од нивното водство додека работиме на санирање на тие проблеми“, наведуваат од Вреди.
Од коалицијата потсетуваат дека станува збор за истата партија која поради својата корумпираност предизвикала смрт на 14 граѓани во модуларната болница во Тетово и која две децении држела во неизвесност илјадници здравствени работници, со привремени договори, злоупотребувајќи ги како изборни алатки.
„Завршува нивната неизвесност, почнувајќи од систематизацијата на над 1.000 здраствени работници! Фактите не лажат. Откако Вреди ја презеде одговорноста за здравството, работите почнаа да се менуваат. За прв пат по 15 години е ажурирана позитивната листа на лекови, со што се олеснува товарот на илјадници пациенти. Само годинава, благодарение на заложбата на министерот Арбен Таравари, се примени 300 нови специјализанти, а следната година ќе бидат примени уште 300 (...). Граѓаните ја видоа разликата“, велат од Вреди, потсетувајќи дека ДУИ го оставила здравството во „клиничка смрт“.